Во Обединетите нации се отвори прашањето за притворените православни новинари во Украина

Фотографија: Матијас Рединг

На 2 април 2024 година, во рамките на 55 сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации, претставниците на Украинската православна црква (УПЦ) ја повикаа меѓународната заедница да ги заштити правата на новинарите и на адвокатите, кои објавуваат информации за нарушување на правата на верниците на УПЦ.

Митрополитот Черкаски Теодосиј (Снигирев) и адвокатот протојереј Никита Чекман настапија на Советот за човекови права, за да раскажат за притворањето на тројцата новинари на СПЖ и на интернет-медиумот „Перший Козацький“. Исто така, известија и за претресите, што се вршат на работните места на адвокатите на УПЦ. Тие настани се случија на 12 март 2024 година и за нив веќе пишувавме. Новинарите се обвинуваат за кривични дела, поврзани со нивната професионална дејност. Претставниците на УПЦ потенцираа дека тие дејствија на властите се насочени кон фактичко задушување на слободата на говор во земјата.

Во соопштението, објавено на сајтот на правобранителската организација „NGO Public Advocacy“, се вели: „Притворањата на тројцата новинари на СПЖ и на интернет-медиумот „Перший Козацький“,и на свештенослужителот на УПЦ отец Сергеј Чертилин, што се случија на 12 март 2024 година, како и кривичните обвиненија кон уште десетина соработници на спомнатите медиуми, дозволуваат да се изведе заклучок дека станува збор за обид за ликвидирање на независните медиуми во Украина. Исто така, тие сведочат за нарушувањето на правата на верниците на УПЦ, што ѝ овозможува на меѓународната заедница да ги документира фактите во врска со нарушувањето на човековите права“.

Претставниците на УПЦ, како учесници на меѓународната правобранителска асоцијација „Црквата против ксенофобијата и дискриминацијата“, ја повикаа меѓународната заедница да преземе мерки во однос на заштитата на правата на притворените новинари.

Тие ветија дека ќе помогнат со максимален меѓународен публицитет на тие дела и ќе организираат меѓународна правна подршка за заштита на луѓето, кои се жртви поради своите религиозни убедувања и поради својата професионална дејност.

Адвокатот, отец Никита, нагласи дека истовремено со притворањата на новинарите, беа извршени незаконски претреси на неговите работни места, кои се поврзани со „Центарот за правна заштита на УПЦ“ – проект за пружање правна помош на верниците и на религиозните организации.

„Сите набројани постапки, во нивната севкупност, потврдуваат дека украинските власти одлучиле да се ослободат од правобранителите и од новинарите, кои објавуваат факти за нарушување на правата на верниците“ – се нагласува во соопштението.

Извор: https://spzh.media/ru/news/79523-v-oon-zajavili-ob-areste-pravoslavnykh-zhurnalistov , https://www.protiktor.com/ua/uoc-un