Црквата на Крит забрани крштевање на деца чии родители и кумови не се црковно венчани

Во посланието од 09.02.2024 г., Светиот синод на Црквата на Крит објави построги услови за извршување на светата тајна Крштение. За Крштение отсега ќе биде потребно одобрување од Архиепископијата на Крит или од Митрополијата на која ѝ припаѓаат верниците.

Во посланието се наведени конкретните услови како да се добие тоа одобрение. Родителите и кумовите мора да се црковно венчани. Одлуката изрично забранува крштевање на деца од родители кои не се црковно венчани. Истата забрана важи и доколку кумот/кумата е во брак, а нема црковно венчание.

Овие нови мерки ја изразуваат посветеноста на Критската црква за одржување на православните христијански вредности. Потсетуваме дека иако се наоѓа во државата Грција и подлежи на грчките државни закони кои се наведени во спомнатата одлука, Црквата на Крит е автономна Црква во склоп на Цариградската патријаршија.

Вселенска Патријаршија
Свет регионален Синод на Црквата на Крит

Број на протокол 142
Ираклион, 9 февруари 2024

До:
Светите манастири и парохии на Светата архиепископија и
Светите митрополии на Црквата на Крит

Тема: За извршување на Светата тајна Крштение

Светиот регионален Синод на Црквата на Крит, на својата Синодска седница на 19 јануари оваа година, едногласно го одлучи следново:

  1. Од сега па натаму, се забранува извршување на Светата тајна Крштение, доколку претходно не е дадено одобрение од Светата Архиепископија или од надележната Света Митрополија на Црквата на Крит.
  2. Потребните документи кои треба да ги подготват родителите за да се изврши Крштението се:
  3. Извод од матична книга на родени на детето
  4. Фотокопија на личните карти на родителите и на кумот
  5. Официјална изјава според членот 8 од законот 1599/1986 со која кумот ќе изјави дека: а) е православен христијанин и б) доколку е во брак, е црковно венчан; со потпис верифициран од надлежните државни органи.
  6. Официјални изјави според членот 8 од законот 1599/1986 со која таткото и мајката одделно ќе изјават дека се согласни да се изврши Крштение, кој да биде кумот и со кое име да го крстат детето, како и за Светиот храм, местото и времето кога ќе се изврши Светата тајна. Овие официјални изјави да бидат верифицирани од надлежните државни органи.
  7. Целосно се забранува кумот да биде во брак, а да нема црковно венчание.
  8. Свештеникот е должен сите погоре наведени документи да ги подготви и приложи до повисокото црковно тело (Архиепископијата или Митрополијата), заедно со барањето за Крштение кое е идентично за сите храмови и манастири на Критската Црква.
  9. Откако надлежното црковно тело ќе го одобри барањето, и ќе му стави печат, само тогаш може да се изврши Крштението.

Бараме верно и ненарушено применување на погоре наведеното.

За Светиот регионален Синод на Црквата на Крит,

Претостоител

+ Евгениј Критски

Извор: https://www.cretalive.gr/kriti/salos-me-egkyklio-tis-ekklisias-tis-kritis-gia-tis-baptiseis-oi-anadohoi-poy-apokleiontai