Послание од Светогорскиот манастир Григоријат во врска со озаконувањето на истополовите бракови

Манастирот Григоријат на Света Гора

Светогорскиот манастир Григоријат испрати отворено писмо во врска со озаконувањето на истополовите бракови во Грција. Во продолжение ова писмо го пренесуваме интегрално.

Во грчкиот Парламент повторно се распнува Христос

Владетелот на сè е навредуван од судии беззаконици, освен неколкумина, кои се достојни за пофалба.

„Господовиот помазаник“, нашиот крстен народ е на нишан. Силите на темнината, странски и домашни, се соучесници во потфатот. „Змејот се разгневи“ против „оние што го имаат сведоштвото на Исуса Христа“ (Откр 12, 17). Оние кои не прават компромис со заповедите на глобалистите, се подложуваат на големо искушение. Ова е почеток на болките.

Црквата, Синодот, свештенството и народот го кажаа својот збор, го кренаа гласот до небо: „Ова е злосторство!“ Но, ушите на владетелите не слушаат.

Злочестив ден. Пред него е блед падот на Константинопол и загубата на татковината. Но, постои и окото на правдата.

Тешки последици веќе паѓаат на нашиот врат и на нашите деца. И старите, и младите и сѐ уште неродените, сите ќе ги претрпиме. Особено невините деца, за кои се подготвува најсрамниот данок во крв.

Сè што е богопротивно се озакони, се востанови наводно како општествен напредок. И прељубата, и абортусот и експресното разведување. Сега „истополовите бракови“ ќе го забрзаат „напредокот“. Паѓаме сè пониско. Пропаѓаме во човекоцентризам, во идолопоклонство, заради леснотија и со леснотија. Јонеско (со својата претстава „Носорог“) беше сосема во право. Во Париз сите, еден по друг, стануваа носорози. Само еден се спротивстави, велејќи: „Ќе останам човек“.

Ги знаевме и ги преживеавме страдањата на советското безбожие. Сега ги доживуваме ужасите на „белиот демонизам“ (Св. Николај Охридски).

Но, да имаме храброст. Христос рече: „Јас го победив светот“. Црквата останува довека.

Ние да го укинеме овој закон во пракса. Да ги утврдиме нашите деца во добродетелта и целомудрието, и тоа ќе биде големо дело. Да останеме со Христа. „Едни – со коли, други – со коњи, а ние со името на Господа, нашиот Бог, се фалиме“ (Пс 19, 8). Нашата сила е молитвата. Црквата сепак треба да се засолни во „пустината“, каква и да е таа пророчка пустина. Далеку од согласноста со грешни легислативи и законодавци беззаконици. Да не се плашиме од сиромаштија, од општествена и психолошка изолација. Светлината на Воскресението нè придружува. Во слични случаи нашите свети отци победија со својата мажественост. Тие го претпочитаа напорот на добродетелта, а кога беше потребно – и прогонот, жалоста, лишувањето. Без разлика дали стануваше збор за еретички догми или за антиевангелски морал. Во Вавилон, удобниот живот не беше она за што се грижеа Тројцата Младенци, туку го одбраа трпението во печката.

Патријархот во Константинопол, во времето на Јулијан Отпадник, препорача коливо наместо храната од пазарот, осквернета со идолски жртви. Тоа е символ на доброволната сиромаштија заради Христа, за нашата совест да остане чиста, незасегната од соблазните.

Победата му припаѓа на закланиот Агнец. На крајот ќе победи Христос, Распнатиот, и оние што ќе сме Христови, распнати со Него. Од нас очекува да го следиме. „Излезете од нивната средина и одделете се, вели Господ, и не допирајте се до нечисто“ (2Кор. 6, 17), за да остане Тој во нашиот живот.

Наскоро ќе го отвориме Посниот триод, се наближува Великиот пост. Животот во покајание не е фолклор или побожност за показ. Тоа е дејствително и решително оддалечување од секакво беззаконие, затоа што, нè чека Воскресението!

Свет манастир Григоријат, Света Гора Атос, 16.02.2024 г.