На 26 и на 27 февруари 2024 година се одржа редовно заседание на Светиот синод на Цариградската патријаршија. Во официјалното соопштение од првиот ден на заседанието се вели:
„Денес, на 26 февруари 2024 година, под претседателство на Неговата божествена сесветост, Светиот и свештен синод имаше редовно заседание, на кое се разгледаа предвидените точки од дневниот ред.
На предлог од Неговата божествена сесветост, Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, при влегувањето во (периодот на) светиот Триод и во пресрет на Светата и Велика Четириесетница, Светиот и свештен синод, за случаите на Епископот Евмениски г. Иринеј и на Епископот Дорилејски г. Дамаскин, одлучи да им ја укине казната што пред три месеци им беше синодски наложена. Казната предвидуваше нивно ограничување во нивните манастири, односно едниот во манастирот „Гувернето – Господарка на ангелите“, а другиот во манастирот „Света Троица – Џанкароли“. И двата манастири се наоѓаат во регионот на Хања (на Крит).“
Заседанието продолжи следниот ден, по што беше издадено следново официјално соопштение:
„Денес, на 27 февруари 2024 г, Светиот и свештен синод ја продолжи својата работа, под претседателство на Неговата божествена сесветост, разгледувајќи ги сите предвидени точки од дневниот ред. Во врска со нив, се донесоа соодветни одлуки.
Меѓу другото, Синодот ги разгледа следниве точки:
1. Извештајот од синодските комисии за канонски прашања и за епархиите на Тронот, кои се наоѓаат во странство. Извештајот се однесува на нацрт-уставот на Свештената архиепископија на Австралија, поднесен од Архиепископот на Австралија г. Макариј. Составен е од комисија на професори по канонско право, под негово раководство, а одобрен е од епископите кои служат во Австралија, од членовите на Архиепископскиот Совет, како и од, специјално за тоа формираната, правна комисија, со цел да се исполнат поставените законски предуслови од австралиската држава. По дискусијата, се одлучи следново:
а) Од сега, па натаму, Свештената архиепископија на Австралија да се управува врз основа на Свештен регионален собор. Негов претседавач да биде Архиепископот, а членови да бидат неговите викарни епископи, кои се преименуваат во ‘хороепископи’, задржувајќи ги титулите што ги имаат;
б) Двете надлежни синодски комисии да ја продолжат својата работа, проучувајќи го нацрт-уставот, член по член, врз основа на наведената синодска одлука. За тоа да поднесат извештај до Светиот и свештен синод околу Велигден;
2. Случајот со протојерејот Алексеј Умински, доскорешен клирик на Московската патријаршија, кој поднесе апелација до Неговата сесветост, Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Нашиот Патријарх, кој, од божествените и свети канони (9 и 17 од Четвртиот вселенски собор) и од осветената практика на Црквата, има исклучива одговорност да прима апелација, го прифати поднесеното барање.
По опстојно проучување на случајот, беше констатирано, од една страна, дека била поднесена конечна жалба до црковните власти, кои ја наложиле казната. А, од друга страна, беше констатирано дека причините, поради кои бил казнет, воопшто не се должат на црковни критериуми, туку се должат на праведното спротивставување на спомнатиот клирик на војната во Украина. Затоа, Неговата сесветост, целосно разгледувајќи ја апелацијата, му предложи на Светиот и свештен Синод да ја поништи казната за негово расчинување од свештенички чин и да го врати на црковниот степен што го имал. Ова беше едногласно одлучено.
По извршеното враќање во свештенички чин, на барање на клирикот, Вселенскиот патријарх го прими под својот чесен омофор, земајќи ги предвид привилегиите што му се дадени на неговиот Трон, како што тоа карактеристично е запишано во толкувањето од Теодор Валсамон на 17 и на 18 канон од Трулскиот собор и на 10 канон од Седмиот Вселенски собор (’Од овој канон следува дека само Цариградскиот патријарх има право да прифаќа клирици од други места, и без отпустително писмо од епископот, кој ги ракоположил‘).“
Извор: https://ec-patr.org/ανακοινωθέν-για-τις-εργασίες-της-αγία-20/ , https://ec-patr.org/ανακοινωθέν-για-τις-εργασίες-της-αγία-21/