Беседа во Неделата на Мироносиците

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Секоја недела од една седмица, го претставува Воскресението Христово, па затоа секоја недела ја нарекуваме мало Воскресение Христово. Светата Црква постојано се сеќава на тоа Божјо чудо, затоа што Воскресението е почетокот и суштината на нашето спасение. Да не беше Воскресението, луѓето немаше да бидат обожени, осветени и спасени. Без Воскресението човечката природа ќе беше смртна и пропадлива засекогаш. Поради ова, Светата Православна Црква својот светотаински живот го темели постојано и единствено на ова преславно чудо над чудата. Уште откако пророкуваа пророците во Стариот Завет, сè требаше да се случува постепено и да се збидне онака како што беше кажано и напишано од дамнина. И сè се збидна, сè се исполни, и самиот крај на Месијата стана почеток, а крајот беше Воскресението. Тој крај, стана симбол на победата. Крајот стана почеток на животот. Христос ја победи смртта со Својата смрт. Им подари живот на сите луѓе. Сето ова го направи Господ само поради несебичната, неизмерна, вечна и совршена љубов.

Колку е тоа за нас луѓето несфатливо! По нашиот пример на живеењето, кога ќе видиме лош човек ние го презираме и игнорираме, некогаш и ние влегуваме во зло, го мразиме, оправдувајќи го пак нашето зло поради лична причина. А причината е злото од другиот кое е насочено против нас. Ние се оправдуваме да правиме зло, ние сакаме свесно да правиме зло, но нели затоа што имаме причина. Ние свесно стануваме служители на злото, свесно стануваме садови на деструкцијата, а секако дека се оправдуваме. Каков е тој ужас кога свесно стануваме робови на лукавиот. А замислете после ваквото човечко однесување, споредувајќи го нашето однесување со животот на Богочовекот Исус Христос, совршениот Бог, совршеноста, вечноста, Синот Божји го возљубува човекот и никако не сака Тој лично да им врати на своите убијци, не сака да врати на злото со зло. Тој Вечниот покажува љубов кон смртните и создадените од Него, та на гонителите и убијците не им возвраќа. Туку, на крстот распнат, Му вели на Отецот да им прости на луѓето, зашто не знаат што прават. Преку целиот Свој страдален живот Тој нè подучува да се пазиме од злото, да нè попаднеме и да живееме во таквата деструктивна заблуда. Тој дојде во светот, ни подаде рака на надеж, ни подаде рака на спасение за да нè прегрне со совршената љубов, за да нè утеши и помири со сите луѓе и со Него. Ни ја поклонува вечноста на убавината, на доброто и на љубовта. Нè подучува да бидеме Негови синови, да бидеме во светот примери на доброто, на совршеното, на љубовта. Доброто ја подразбира љубовта. Како може нешто да е добро, а да не ја подразбира љубовта? Но често, кај нас луѓето, перцепцијата е потполно извитоперена поради непокајаниот живот и планината од гревови кои ја притискаат нашата душа и нашата свест.

Во денешниот текст од Светото Евангелие, треба да ја спомнеме храброста на Светиот Јосиф од Ариматеја. И храброста е многу важен сегмент во нашето вероисповедање. Свети Јосиф, член на еврејската синагога, дел од духовниот закон на таа религија, угледен и чесен човек, сепак после смртта Христова, оди кај Пилат и го моли да го земе Исусовото Тело. Да го погребе како што доликува. Како учен и образовен човек, угледен со својата функција во советот на еврејската синагога, човек кој го познавал законот на верата, кој ги проучувал светите книги на Стариот Завет, тој и самиот го исчекувал Месијата, Спасителот. Тој смело, без страв, оди кај Пилат да го побара телото. Не се плашел дека може да ја загуби целата своја позиција кај Евреите, а со тоа и во целото општество кај Римјаните, да му го одземат неговиот углед, неговата материјална сигурност, туку се дрзнал да направи храбар подвиг. Поверувал во Христа и ја ризикувал својата егзистенција за да Го погребе. Го одбрал подвигот, жртвата, како мерка за верата. Мерката на нашата вера е нашата жртва. Без жртва нема конкретно делување. Верата не може да биде сведочена само со зборови, туку конкретно делувајќи ја сведочиме нашата вера. Пилат му го предава Телото Исусово на Јосиф. Јосиф Го обвива Христа со плаштаница и Го погребува во нов гроб кој го затвора со камен. И ние по примерот Јосифов треба да прибегнеме, да итаме да Го земеме Господа во своите раце, да Го погребеме. Нашата душа е гробот во кој треба да го положиме Господа. Причестувајќи се со Него, ние Го погребуваме Господа во себе, Го обвиваме со плаштаницата на нашето тело, сохранувајќи го Господа во себе, со вера и надеж. Претходно очистени преку покајанието, ја подготвуваме нашата душа за Великото Чудо.

Христовите ученици кои насекаде го следеле својот Учител, сега ги нема. Се разбегале поради стравот и Го оставиле Учителот во смртниот час. Тие, јавните ученици, избегаа, за да се појават тајните ученици кои ќе Го погребаат. Јосиф и Никодим – тајни ученици, тие тајно верувале, но сега веќе јавно и храбро ја исповедале својата вера.

Навистина се достојни за огромна пофалба и жените кои храбро и одлучно го следат Исусовиот пат, биле присутни и покрај крстот и Го оплакувале во смртта. Откако поминала саботата, жените купуваат мириси, одат рано наутро да го помазат телото Христово. Да Го оплакуваат и понатаму милостивиот и безгрешниот Кого Го убија луѓето без никаква причина. Каков ужас, каков очај, каков пекол… Оној Кој помагаше на сите, Кој ја ширеше љубовта, бива уништен од злобата и од лудилото, но поради што? Итаат жените мироносици, да Го видат кроткиот како безживотно лежи, да тагуваат над Неговата страшна судбина и да Го помазат со мириси. И ние треба по примерот на жените мироносици, храбро и одлучно да итаме кон гробот Христов. Да Го помаземе Телото Христово. Да се подготвиме со добродетелите на нашиот живот, да ја помазаме нашата душа со покајание и да се оплакуваме себеси поради нашиот грешен живот. Итајќи кон храмот Божји, на Светата Литургија, да Го сретнеме жртвуваниот Месија. Жените рано, во мугрите, во изгревот, оделе кон гробот. И ние секогаш да бидеме спремни да одиме кон Господа, секогаш во секое време, да бидеме спремни за да ја покажеме својата вистинска вера, преку волјата и делото. Рано наутро, додека сите спијат, додека сите одмараат, додека сите мислат на својот мир и спокој, ние заедно со мироносиците, во мугрите, пред сите, да итаме, да не бидеме мрзливи, да не се оправдуваме. Денеска често сите ја оправдуваме нашата мрзливост. Се оправдуваме со разни евентуални обврски, или пак со телесниот умор се оправдуваме. Честото оправдување ќе ни донесе бесчуствие, а тоа пак ќе нè оддалечи од Господа. А после тоа, последично ќе ни се појавуваат проблеми и ќе се изгубиме во животот на обезбоженоста.

А кога пристигнале жените, гледаат дека каменот од гробот е тргнат, гробот е отворен. Но, дали било потребно да дојде Ангелот, да Му помогне на Господа да го поттргне каменот од гробот? Апсолутната моќ зар била немоќна да го тргне каменот? Не е така! Но, кога можеше Синот Божји да се всели во девствената утробата на Марија, кога се роди преку затворената утроба на Девицата Марија и дојде во светот, тогаш навистина Тој самиот го тргнал големиот и тешкиот камен од гробната врата. Ангелот им покажува на луѓето дека Животот не е мртов, не е тука, излегол. Воскреснал!

Тешкиот камен на гробот е товарот и гревот во нашата душа. Преку нашето покајание, со Божја помош, Господ ќе го тргне тешкиот товар од нашата душа и ќе ја очисти нашата душа од валканоста на гревовите. Демоните стражарат крај нашата душа, како стражарите кои биле поставени да стражарат покрај Христовиот гроб. Но, силата Божја е бескрајно моќна, таа ги растерува стражарите и го оттргнува каменот на гревот. Често ние луѓето се прашуваме дали некоја огромна мака може да исчезне, дали е можно да се случи нешто што е невозможно по логиката на работите кои ги познаваме. Но, за Господа не постои логиката, сè што не е логично, за Господа е можно. Тоа се Божјите чуда. Ете каменот е тргнат, гревот колку и да е голем, ќе биде очистен и избришан по милоста Божја. Сè е можно за Творецот! Христос Воскресна!

Ангелот им говори на жените седејќи на гробниот камен, да не се плашат, дека Исус Распнатиот не е тука. Во гробот им ја покажува плаштаницата во која бил завиен Христос, дека е оставена тука и дека Тој Воскреснал. Тие во страв и бунило гледале вчудовидено. Им вели да идат и да им посведочат на Неговите ученици и на Петра, дека Он е жив. Да одат во Галилеја зашто таму ќе ги чека. И нас нè исчекува Господ да одиме кон Него, нè исчекува да се покаеме и да тргнеме кон Него, кон денешната икона на Царството Божјо, а таа икона е Светата Црква, Светата заедница, Светата Литургија. На Светата Литургија Господ е невидливо присутен меѓу нас, и телесно е присутен во Светото Тело и Светата Крв Негови во Путирот. Ангелот говори да одат да им кажат на учениците и конкретно го споменува единствено по име Петар. Со тоа Господ покажува дека и Петар е понатаму ученик иако се откажал од Господа со збор трипати. Господ никого нема да го остави поради грев, но на секого ќе му даде шанса да се поправи и покае. Огромна е милоста Божја.

Да бидеме свесни дека не сме совршени. Да сфатиме дека Воскреснатиот Исус Христос живееше, страдаше, умре и Воскресна само поради нас несовршените луѓе, за да нè направи совршени преку верата во Него и преку нашето покајание. Господ ја присоедини во Себе и создадената, несовршена природа, за да ја усоврши, освети, обожи, да ја преобрази, преиначи во вечно жива.

Господи мој и Боже мој, Исусе Христе, дојди и спаси ме.

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!