Мало осветување и полагање на свет антимис, на новиот олтар во новата црква посветена на св. Никола, с. Сушица, Гостиварско

На 19 мај 2024 во Неделата на жените мироносици, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“- Гостивар, беше отслужена Света архијерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на протојереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, протојереј Трпе Богојески и ѓакон Славче Ѓорѓески.

Верниот народ се причести со Светите Тајни.

Истиот ден митрополитот г. Јосиф изврши Мало осветување и полагање на свет антимис, на новиот олтар во новата црква посветена на св. Никола во с. Сушица, Гостиварско.

Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, на која меѓу другото нагласи:

„Оваа недела, светата Црква ја посветува на жените мироносици. Во оваа недела токму на голема радост извршивме мало осветување на овој храм кој вие со голема љубов и труд го изградивте. Но да појасниме кои биле жените мироносици? Тие биле со Господа и во Галилеја, и Го придружувале секогаш кога одел во Ерусалим на Пасха, изложувајќи се себеси на разни опасности. Бивајќи секогаш покрај Него, Му служеле со својата љубов и со својот труд. Му останале верни на Господа Христа и во најтешкиот момент од Неговиот земен живот, во моментот на Неговото страдање, кога и најблиските Негови ученици Го напуштиле. Тогаш, жените мироносици не се плашеле, туку останале заедно со св. Богородица под Крстот. Раководени од верата и од љубовта, надминале секаков страв. Никаква сила не можела да ги одвои од Оној Кој висел на Крстот. Не случајно прво ним им се јавува Воскреснатиот Христос, а не на апостолите. Токму ним им се соопштува најрадосната вест за Воскресението на Спасителот. Тие биле први сведоци на Христовото Воскресение.

Ја користам оваа прилика, на црковниот одбор, како и на сите донатори, помагачи и приложници, да им искажам искрена благодарност за вложениот труд и средства во изградбата на овој свет храм. Светиот храм, пак, нека биде место за молитва, место за миење на нашите души и срца од секакви нечистотии, за да можеме измиени и очистени да се соединиме со Христа и да спечалиме вечен и блажен живот. Драги браќа и сестри, не е доволно што го изградивте и украсивте овој свет храм, како надворешно така и внатрешно, кој заслужува секаква пофалба, пред сè на иницијативниот црковен одбор, а и на сите вас што помогнавте да се изгради од темел и да се украси како што доликува на еден вистински храм. Потребно е да градиме жив храм во нашите срца, во нашите души, и да го сведочиме на секое место нашето вистинско православно исповедание, кое треба да биде пропратено и со добри дела. Дај Боже што повеќе вакви храмови, но и повеќе духовни храмови да се градат во душите и срцата на луѓето низ нашата епархија. Амин!

Христос Воскресе и радост ни донесе.“

Извор: https://tge.mk/product/malo-osvetuvanje-i-polaganje-na-svet-antimis-na-noviot-oltar-vo-novata-tsrkva-posvetena-na-sv-nikola-s-sushitsa-gostivarsko