Англикански епископ од Домот на Лордовите апелира да не се донесе новиот закон за верски заедници во Украина

Како што пренесува англискиот весник „Дејли експрес “, епископот на Лидс, Ник Бејнс, кој во Англиканската црква е одговорен за надворешните врски, и кој е дел од англиканските епископи во Домот на Лордовите, се обратил писмено до Украинската влада со предупредување дека новиот закон за верски заедници во Украина, за кого ќе се гласа во Украинската Рада, „има нејасни амандмански одредби, недоволна прецизност, и е подложен на дискриминаторска интерпретација на начин што би ги нарушил меѓународните права за слобода на вероисповед“ и дека оваа измена на законот „е закана со колективно казнување.“

Британскиот весник укажува на тоа дека изгласувањето на законот не само што ќе значи целосна забрана за Украинската православна црква, туку предвидува забрана на изразувањето на верата и во јавност, и во приватноста на домот на верниците.

„Дејли експрес“ потсетува дека поранешниот раководител на Одделението за демократија, човечки и работнички права на Американскиот Стејт департмент, Роберт Дестро, изјавил дека овој закон предвидува „колективна казна на невините верници, свештеници и парохиски заедници, чијашто единствена ’вина’ е тоа што ја практикуваат верата што ја знаат уште од своето детство“.

Тој продолжува да коментира дека „само тоталитарни режими изјавуваат дека нивните граѓани се предавници затоа што одбиваат да прифатат државна контрола на нивните верски уверувања, пракси, припадност и водачи“.

Весникот укажува и дека претстојното гласање следи после години насочени напори за заплашување на верниците и свештенството на Украинската православна црква, но и на новинари и активисти за човекови права. Се спомнува блокирањето на пристапот кон одредени интернет страници кои известуваат за состојбата во Украинската православна црква, за што и нашиот портал веќе пишуваше.

Овие новинари не се обвинети дека се соработници на Русија, туку за известување кое е „штетно за Украина“.

„Дејли експрес“ говори и за вандалските напади врз објекти и припадници на Украинската православна црква кои остануваат неказнети. При еден таков скорешен напад присутните полицајци гледаа како еден свештеник и неколку верници се нападнати од маскирани напаѓачи, за што исто така извести нашиот портал.

Весникот забележува и дека Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство изјавило дека „внимателно ги следи“ плановите на Украинската влада да ја забранат најстарата и најголемата христијанска Црква во државата.

На крајот, весникот ги пренесува и изјавите на правобранителот на Украинската православна црква, Роберт Амстердам, кој вели: „И покрај јавната осуда, Украинската влада јасно сака да продолжи со своите планови да ги прекрши меѓународните закони за човекови права и верски слободи“ и „оние коишто би гласале за овој закон треба да се засрамат.“

Извор: https://www.express.co.uk/news/politics/1890976/justin-welby-zelensky-ukrainian-orthodox-church