Светиот архијерејски синод на Бугарската православна црква го објави списокот со епископи-кандидати за нов Сливенски митрополит

На своето редовно заседание на 22 април 2024 г. Светиот архијерејски синод на Бугарската патријаршија, во полн состав, изготви листа на кандидати за митрополитски избор во Сливенската епархија, од лицата со епископски чин. Во листата се епископите: Сиониј Велички, Арсениј Знеполски, Герасим Мелнички, Пахомиј Бранички, Макариј Главинички, Исаак Велбуждски.

Светиот синод на Бугарската православна црква проценил дека останатите викарни епископи не би можеле да се справат со предизвикот на управувањето на големата Сливенска митрополија. Начинот на кој е направен овој избор е преку гласање на членовите на Светиот синод за секој епископ-кандидат посебно.

Од избраните шест кандидати, преку гласање, епархијата ќе избере двајца, а конечниот избор повторно ќе го направи Светиот синод на Бугарската патријаршија.

Интересно е да се спомне дека на 18 февруари веќе се одржа епархиско избирачко собрание во Сливен на кое беа избрани два кандидати: епископот Јеротеј Агатополски и епископот Михаил Константиски (како што веќе известивме), но овој избор беше поништен на 24 февруари, на вонредна седница на Светиот синод, на која беше одлучено да се промени начинот на избор на митрополити во Бугарската православна црква (за што исто така известивме). Тогаш избраните двајца кандидати не се наоѓаат во најновата листа на епископи-кандидати за нов Сливенски митрополит, односно Синодот сметал дека не ги имаат потребните способности за добро раководење со Сливенската митрополија.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/svetiat-sinod-na-bpts-bp-izgotvi-spisaka-s-dostoizbiraemite , https://bntnews.bg/news/mitropolit-antoniy-izvadenite-ot-listata-za-kandidati-za-slivenski-mitropolit-nyamat-neobhodimite-kachestva-1275649news.html