На 23-ти мај Неговото Преосвештенство епископот Делчевско-каменички г. Марко, придружен од свештенството во епархијата, го посети здравствениот дом во Делчево. Оствари средба со директорот Спец. д-р. Зоран Ѓорѓески, кој го запозна епископот со тековното работење на оваа установа која ги покрива двете општини Делчево и Македонска Каменица. Исто така, разговараа за сите одделенија со кои располага оваа установа и како се покриени со стручен кадар.
За жал, во последно време недостига стручен кадар поради одење во пензија на постоечките кадри, но и поради трендот на иселување на докторите во западните земји.
Епископот го запозна директор со идните планови за седиштето на епархијата, како и за доизградба на соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Делчево.
Потоа го посети и раководителот на одделот за Трансфузиологија Спец. д-р. Виолета Ѓорѓеска, каде се запозна со нивните секојдневни активности и одговорности при работата.
На крајот го посети и тимот на Итната медицинска помош и разговараше со м-р. д-р. Гоце Стојменоски и со д-р. Александар Стојменоски, кои го запознаа со нивните активности. Четирите тимови на Итната помош ја покриваат територијата на двата соседни градови заедно со сите населени места во овие две општини, па затоа, имаат околу петстотини интервенции на месечно ниво.
Епископот на заминување ги поздрави, посакувајќи им успешна работа.