Репортажа за храмот Вознесение Христово во с. Тополчани, Прилепско

Црквата „Вознесение Христово“ се наоѓа во селото Тополчани и припаѓа на Преспанско-пелагониската митрополија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Храмот е класичен претставник на македонската преродба. Изградбата на овој храм била завршена во 1864 година, кога е осветена од Пелагонискиот Митрополит Бенедикт. Големи заслуги за подигањето на овој храм имал свештеникот Алекса Константинов Попов, чие име е спомнато во натписот на влезот на црквата, од внатрешната страна. Отец Алекса особено се истакнувал не само поради свештеничката дејност, туку и поради големиот просветителски труд за описменувањето на населението. Заради тоа, и заради благородниот карактер, бил многу почитуван од сограѓаните прилепчани.

Заради неговото настојување да проповеда на мајчиниот јазик и на локалниот дијалект, наместо на бугарски јазик, во 1887 година дошол во судир со Бугарската егзархија, заради што бил преместен од Благовештенската црква во Прилеп и поставен за свештеник во селото Тополчани. Таму о. Алекса ја подигнал оваа Вознесенска црква.

Во текот на Великиот пост годинава, во неделата на Светата Марија Египетска, на покана на парохискиот свештеник и верниците од с. Тополчани, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар отслужи света Василиева Литургија во овој храм.

По богослужбата беше приредена трпеза на љубовта, по што следеше културна програма.

Целата репортажа погледајте ја на приложената видео снимка.