Во Марков манастир сослужување со свештеник од Православната Црква во Америка

На 26 мај 2024 година, во 4 недела по Велигден, во Марковиот манастир „Св.вмч. Димитриј“ кај Скопје се отслужи света Литургија, на која сослужуваа: презвитер Стивен Вуд, презвитер Александар Божиноски и јеромонах Атанасиј Арсоски. Презвитерот Стивен Вуд е од Православната црква во Америка, од епархијата на Ситка и на Алјаска.

На крајот од Литургијата, јеромонах Атанасиј, од името на сите присутни, ги изрази благодарноста и радоста поради можноста за заедничарење во божествената Литургија со свештенослужителот од Алјаска.

Во своето обраќање, отец Стивен се заблагодари за можноста да сослужува. Истовремено, тој на присутните им ја соопшти радосната вест од Православната црква во Америка. Имено, станува збор за одлуката на Светиот Синод на Православната црква во Америка за канонизација на света Олга од Алјаска. Таа е првата, домородна, жена светителка од Америка (за што веќе известивме).

По нејзините свети молитви Господ на сите изобилно да ни ја дарува Неговата богата благодат!