Протојереј Александар Тодоровски, Американско-канадска епархија при Македонската Православна Црква
На 8 ноември 2023 година, Светиот Архиерејски Синод на Православната Црква во Америка, едногласно одлучи и донесе декрет за канонизација на Матушка Олга од Кветлук, Алјаска.
Матушка Олга (+1970) долго време е почитувана на Алјаска, во Америка и пошироко. Таа е запаметена како скромна мајка, акушерка и сопруга на свештеник, која била исполнета со љубов кон сите, а особено кон малтретираните жени. Се смета за покровител на жените, особено кон оние коишто биле малтретирани, претрпеле спонтани абортуси, на идните мајки и многу чудеса се препишуваат на нејзиното посредништво и застапништво.
Со оваа одлука на Синодот, таа станува првата жена православна светителка во Северна Америка, а ќе се празнува на 28 октомври / 10 ноември и на празникот на Сите светии на Северна Америка во Втората недела по Педесетница. Во прилог, официјалното соопштение:
Светиот Архијерејски Синод на Православната Црква во Америка ја услиша молбата на Преосветениот Алексеј, епископ на Ситка и Алјаска, искажана во неговото писмо од 2 ноември 2023 година до Неговото Блаженство Митрополит Тихон, во врска со канонизирањето на Божјата угодничка, праведната Матушка Олга.
Во ова писмо, Неговата милост епископ Алексеј вели: „Ваше Блаженство, Ви пишувам со голема почит кон упокоената Божја угодничка и верна православна христијанка, Матушка Олга Мајкл од Кветлук, позната од побожните народи на Кускоквим како Арсамкук. Нејзината понизност, дарежливост, побожност, трпение и нејзината несебична љубов кон Бога и кон ближните беа добро познати во Кускоквим за време на нејзиниот земен живот. Нејзината грижа кон страдалниците и на оние коишто се во неволја, исто така, беше пројавена по нејзиниот земен живот со манифестации исполнети со благодат до верниците не само низ Алјаска, туку и цела Северна Америка. Верниците од Алјаска се уверени во нејзината светост и големото застапништво на нејзините молитви. Поради оваа, по молитвено созерцание, јас, Алексеј, епископ на Ситка и Алјаска, со оваа писмо упатувам официјалното барање до Вас Ваше Блаженство како Претставник на Православната Црква во Америка да се започне постапка што, доколку е во согласност со Божјата волја, би довело до нејзино канонизирање. “
Светиот Синод, молитвено размислувајќи за оваа петиција и согледувајќи ја и признавајќи ја искрената посветеност, надеж и молитвите на православни христијани во Алјаска и целиот свет, едногласно утврди дека може да се започне постапка за канонизација на Матушка Олга за нејзино вбројување во редот на светителите.
Поради тоа, состанувајќи се на Свеченото собрание во катедралата „Света Троица“ – Чикаго, Илиноис, под Претседателството на Неговото Блаженство Тихон, Архиепископ на Вашингтон и Митрополит на цела Америка и Канада, ние, членовите на Светиот Синод на Православната Црква во Америка, Одлучивме и со ова одредуваме, секогаш спомнуваната Божја угодничка Матушка Олга да биде вброена во редот на светителите. Со едномислие и чисто срце, одлучивме нејзините чесни останки да се сметаат за свети мошти; да се состави посебна служба во нејзина чест; нејзиниот празник да се слави на 10 ноември (28 октомври, стар стил) и на празникот на Сите светии на Северна Америка, Втората недела по Педесетница; да се подготват светите икони во чест на новопрославената светителка во согласност со каноните на Светите Вселенски и Помесни собори; нејзиното житие да биде објавено за издигнување на верните, името на новoпретставената светителка да им се соопшти на поглаварите на сите сестрински цркви за да се вброи во нивните календари; и датумот и локацијата на чинот на канонизација да се соопшти на свештенството, монаштвото и верниците на нашата Црква во догледно време.
Понатаму, на Комисијата за канонизација на Православната црква во Америка, под Претседателството на Високопреосветениот Даниил, архиепископ на Чикаго и Средниот Запад, ја доверуваме чесната задача да му помогне на Преосветениот Алексеј, епископ на Ситка и Алјаска, во подготовката за прославувањето и канонизацијата со пишување на Житие на Матушка Олга, за надгледување на живописувањето на нејзините свети икони во согласност со канонската иконографска традиција на Црквата, за составување на Богослужбени текстови, за помош во откривањето и препознавањето на нејзините свети мошти и во промовирањето на нејзиното почитување помеѓу целото свештенство, монаштво и верниците на нашата Црква.
Ги повикуваме верниците молитвено да си спомнуваат за Матушка Олга во молитвите за упокоените, сѐ до денот на нејзината канонизација.
Преку молитвите на Матушка Олга и на сите светители кои заблескале во Северна Америка, Господ да ја излие Својата милост врз сите кои со вера и љубов го бараат нејзиното небесно застапништво. Амин.
Света мајко Олга, моли се на Бога за нас!
Светиот Синод на Православната Црква во Америка.
+ ТИХОН, Архиепископ на Вашингтон, Митрополит на цела Америка и Канада
+ НАТАНАИЛ, Архиепископ на Детроит и на Романската епископија
+ ВЕНЈАМИН, Архиепископ на Сан Франциско и на Западот
+ МАРК, Архиепископ на Филаделфија и Источна Пенсилванија
+ АЛЕХО, Архиепископ на Мексико Сити и на Мексико
+ МЕЛХИСЕДЕК, Архиепископ од Питсбург и Западна Пенсилванија
+ ИРИНЕЈ, Архиепископ на Отава и Архиепископија на Канада
+ МИХАИЛ, Архиепископ на Њујорк и Њу Џерси
+ АЛЕКСАНДАР, Архиепископ на Далас, на Југот и на Бугарската епархија
+ ДАНИИЛ, Архиепископ на Чикаго и на Средниот Запад
+ АЛЕКСЕЈ, Епископ на Ситка и Алјаска
+ НИКОДИМ, Епископ Бостонски и на Албанска Архиепископија
Извор: https://www.oca.org/fs/proclamation-glorification-righteous-matushka-olga