Светиот Синод на Бугарската православна црква определи намесник-претседател на Синодот и го определи датумот за избор на нов Патријарх

Светиот Синод на Бугарската православна црква го избра Врачанскиот митрополит Григориј за намесник-претседател. Митрополитот Григориј ќе раководи и со Софиската епархија, до избор на новиот Патријарх. Веста ја соопшти портпаролот на Синодот, Старозагорскиот митрополит Кипријан.

„За намесник-претседател на Светиот Синод на Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија, едногласно, е избран Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Врачански Григориј. Тој ќе ја исполнува и должноста на Софиски митрополит“ – изјави Митрополитот Кипријан.

Вчера, Пловдивскиот митрополит Николај објави дека не сака да биде вброен меѓу кандидатите за нов поглавар на Бугарската православна црква. Старозагорскиот митрополит Кипријан ја искоментира неговата изјава, велејќи:

„Секој има слободна волја. Тоа е негова лична желба и негов став, кој беше изложен пред Светиот Синод“.

Светиот Синод го определи и датумот за избор на нов Патријарх. Тоа ќе се случи на 30 јуни 2024 година, за кога е свикан Патријаршискиот избирачки црковен собор за избор на нов бугарски Патријарх. Од Светиот Синод посочуваат дека е одлучено да се испрати Окружно послание до епархиските митрополити, заради подготовка и одржување на избори за делегати за Патријаршискиот избирачки собор во епархиите на 2 јуни 2024 година. На 20 јуни 2024 година ќе се одржи седница на Светиот Синод, на која ќе се изберат тројца кандидати за избор на Патријарх.

Извор: https://bntnews.bg/news/vrachanskiyat-mitropolit-grigoriy-e-izbran-za-namestnik-predsedatel-na-bpc-1271252news.html , https://bntnews.bg/news/svetiyat-sinod-nasrochi-data-za-izbor-na-nov-patriarh-1271293news.html