Александриската Патријаршија донесе одлука за расчинување на Егзархот на Руската православна црква за Африка

На 15 и на 16 февруари 2024 година, во Соборниот храм на патријаршискиот манастир „Св. Георгиј“ во Каиро, се одржа заседание на Светиот архијерејски синод на Александриската патријаршија. Во првиот ден од заседанието беше извршен избор на нови  митрополити:

  • Кесариски Теофилкакт (претходно Триполски), кому му е доделена титулата Старец Митрополит;
  • Диосполски Емануил (претходно Птолемаидски);
  • Птолемаидски Пантелејмон (претходно Навкратитски), кој останува на позицијата прв секретар на Светиот Синод;
  • Бразавилски и Габонски Теодор (претходно Вавилонски);
  • Акраски Даниил (претходно Аксиомски);
  • Аксиомски Петар (претходно Акраски);
  • Либиски Генадиј (претходно Боцвански), кој останува претставник на Патријаршијата во Светата Столица.
  • Нигериски Никодим (преходно Нилополски);

Исто така, беше извршен избор и на неколку епархиски епископи. Покрај тоа, беше извршена и реорганизација на некои епархии:

  • Обновена е Кесариската митрополија;
  • Митрополијата на Триполи (Северна Африка) е преименувана во Митрополија на Либија;
  • Црковната епископија на Боцвана е преименувана во Епископија на Габорон и на Боцвана;
  • Митрополијата на Бурунди и на Руанда е поделена на две епископии: а) Епископија на Бузумбура и на Бурунди, б) Епископија на Кингали и на Руанда. Должноста на патријаршиски намесник за последнава ја презема архимандритот Нектариј Думас;
  • На неопределено време присоединета е Епископијата на Мозамбик кон Митрополијата на Замбија;
  • Основана е Епископијата на Џумна и на Јужен Судан;
  • Основана е Епископијата на Бенин и на Тонго.

Вториот ден од заседанието на Светиот Синод беше посветен на дејноста на Егзархатот на Руската православна црква во Африка. Во соопштението се вели:

„На 16 февруари оваа година, под претседателство на Блаженејшиот Патријарх на Александрија и на цела Африка Теодор II, продолжни работата на Светиот и свештен синод на древната Александриска патријаршија. На почетокот, пристапија новоибраните Митрополити (Бразавилски и Габонски г. Теодор и Нигерискиот г. Никодим), кои прифаќајќи го нивниот избор за пастироначалници на две епархии на тронот, кои се во духовен процут, ја изразија својата благодарност кон Блаженејшиот и кон синодалните архијереи. Тие ветија дека ревносно ќе работат за духовниот напредок на словесното стадо.

Потоа, Митрополитот на Зимбабве и на Ангола г. Серафим имаше опширно излагање со наслов Сочувување на единството на помесните Цркви во Африка, кои се под јурисдикција на древната Александриска патријаршија (практично-пастирски пристап кон прашањето). По ова, следеше плодна размена на мислења во врска со наведеното излагање.

Светиот Синод опширно и аналитички се занимаваше со развојот на проблемот со упадот на Црквата на Русија во духовната и во пастирската јурисдикција на Александриската патријаршија на африканскиот континент, по изминување на преку три години од појавата на антиканонското, своеволно, небратско и деструктивно однесување на Московската Патријаршија, преку основање на таканаречениот ’Патријаршиски егзархат на Африка’.

По дискусијата, Светиот Синод пристапи кон расчинување од возвишената архијерејска служба на вршителот на должноста ’Патријаршиски намесник во Африка’, поранешниот Епископ Зарајски Константин. Тој од неодамна, своеволно, се позиционира во Каиро (Египет), каде што е седиштето на Александриската архиепископија, и стори редица канонски престапи (упад во јурисдикцијата на древниот Трон, поделба на антиминси, поткуп со пари на домородни клирици, па дури и на расчинети, фракцијаштво, етнофилетизам и др.). Исто така, Синодот повторно ги осуди новопојавените еклисиолошки ’теории’ за пастирска грижа за рускиот свет по целиот свет, врз основа на националноста.

Треба да се забележи дека, на 22 ноември 2022 година, Светиот Синод на Александриската патријаршија го расчини од возвишената архијерејска служба и првиот ’Егзарх во Африка’ на Московската патријаршија, поранешниот Клински митрополит, а сега монах Иларион Горбачов.

На крај, откако беше извршен чинот на Големите Пораки, што ги дадоа избраните Митрополити на Бразавил и на Нигерија, работата на Светиот Синод заврши успешно.“

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_aleksandrias/iera-synodos-tou-patriarxeiou-aleksandreias-1i-imera-ergasion-ekloges-arxiereon-dekti-i-paraitisi-tou-mitropoliti-mpourounti-innokentiou/ , https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_aleksandrias/i-iera-synodos-tou-patriarxeiou-aleksandreias-kathairese-kai-ton-2o-eksarxo-tou-patriarxeiou-mosxas-stin-afriki-oloklirothikan-oi-ergasies-sto-kairo/