На 4 март 2024 година, во Минхен (Германија), Митрополитот Берлински и Германски Марко од Руската православна задгранична црква (РПЗЦ), даде интервју за јутјуб каналот на „Вестник“ – службен лист на Германската епархија на РПЗЦ.
На почетокот од интервјуто, тој е запрашан да го каже својот став во врска молитвата, која се чита во Московската епархија на Руската православна црква. Таа молитва е во контекст на војната во Украина. Еден дел од конкретната молитва предизвика реакции кај одредени свештеници, а спорниот дел е: „Боже, подигни се во помош на Твојот народ и, со Твојата сила, дај ни победа“. Во врска со ова, Митрополитот Марко изјави:
„Јас, лично, не сум употребувал никакви остри изрази, и мене не ми е разбирлив тој став на Московската патријаршија. Јас не го делам тој став и не можам да го бранам. Разбирам дека она што доведе до конкретнава ситуација е тоа што, во голема мера, беше неправедно насочено против Русија и против рускиот народ. Меѓутоа, најмногу страда украинскиот народ. А ние, секако, можеме да сметаме дека е тоа еден народ. Меѓутоа, тоа не е никакво оправдување доколку луѓето застануваат во одбрана на својата татковина. А неспорно е дека е тоа нивна татковина, и затоа во тој однос ништо не може да биде оправдано. Може да се оправда само стремежот кон мир, од сите страни. Јас мислам дека каква било победа, во тој однос, ќе биде неправедна. Таа победа е само за нечистиот, кој ја посака оваа војна. Јас сметам дека за христијанинот никаква победа нема да биде оправдана.“
Во богослужбената практика се присутни зборовите: „победа над непријателите“. Затоа, Митрополитот беше запрашан да ја искоментира молитвата на православните христијани за победа.
„Тие зборови присуствуваат, но, пред сѐ, ја имаат предвид духовната победа – духовна победа над духовната немоќ, која токму во војната се изразува. Војната е признавање на својата немоќ, на својата бедност и на целосното отсуство на христијанска перцепција“ – истакна Митрополитот Марко.
Руската црква и многу луѓе ја сметаат оваа војна како братоубиствена, па тие се обвинувани за оспорување на сувереноста на украинската државност. Митрополитот Марко одговори каков е неговиот однос кон ова прашање, велејќи:
„Јас не сум човек, кој се разбира во однос на прашањето на националноста, и кој би можел да даде еднозначен одговор на ова прашање. Јас сметам дека се тоа два мошне блиски народи. За жал, благодарение на комунистите, тие се веќе одвоени. Комунистите сакаа две места во Обединетите нации. Болшевиците го сакаа тоа, и тие почнаа да го разделуваат тој народ. Хрушчов бил Украинец, и тоа се протега до денешно време. Меѓутоа, тоа е мое мислење. Јас не сум дел од тој народ (Митрополитот Марко е Германец), па затоа не можам да оценувам како што може да оценува еден специјалист по национални прашања.“
Украинската православна црква, на секаков начин, ја подржува украинската армија во актуелната војна. Прашањето до Митрополитот Марко е: дали Украинската православна црква би можела да остане неутрална во оваа ситуација?
„Јас мислам дека таа не би можела да остане неутрална. Таа е дел од својот народ, и таа е должна да се моли за тие луѓе, кои го даваат својот живот за својата татковина. Таа борба е страшна и очајна, и јас ништо друго не можам да кажам во тој однос“ – одговори Митрополитот.
Архијереите на Руската православна задгранична црква, повеќекратно, ја изразија својата поддршка кон Митрополитот Киевски и на цела Украина Онуфриј, кон целата Украинска црква и кон украинскиот народ. Но, од друга страна, тие не подлегнаа на притисокот од западната јавност за еднострана осуда на претседателот Путин и на Патријархот Кирил за, како што обично се вели, беспрецедентниот и неоснован напад на Украина. Во врска со оваа констатација на водителката на интервјуто, таа го поставува прашањето: Дали може да се каже дека Руската задгранична црква оди по средниот пат?
„Безусловно, ние тука ја заземаме средната позиција. Ние ги подржуваме и Русите и Украинците. Ние никогаш не сме правеле разлика меѓу Украинците и Русите. Јас мислам дека уште од самиот почеток на Задграничната црква, пред 100 години, во неа имало повеќе, како што тогаш се кажувало, јужни Руси отколку северни Руси. Поделбата на Украинци и Руси се појавила подоцна. Во тој однос ние не сме виделе поделба и причини за поделба. Секако, ние гледаме и тесни врски меѓу луѓето од едната и од другата страна на поделбата. Ние знаеме за многумина Украинци, кои живеат во Русија и ја љубат Русија. А знаеме и, обратно, за многумина Руси, кои живеат во Украина и ги љубат Украина и украинскиот народ. Кај нас нема поделба, и ние не ја посакуваме. Доколку постојат други, безумни, кои ја посакуваат таа поделба, тогаш тоа е нивна работа, во која ние не сакаме да имаме придонес“ – одговори Митрополитот Марко.
Во Русија постојат свештеници, кои остро ги осудуваат војната и руската влада. Поради тоа, против нив се покренуваат црковно-судски постапки. Една таква ситуација е и неодамнешниот случај со свештеникот Алексеј Умински. Тој беше обвинет за нечитање на спомнатата молитва за победа, па против него беше покрената црковно-судска постапка. Тој трипати беше повикан на црковен суд, но не се појави ниту еднаш, а потоа пребегна во Цариградската патријаршија (за што веќе известивме). Митрополитот Марко е запрашан да ги искоментира овие состојби.
„Според мене, осудувањето на тие свештеници е неоправдано и неправилно, и тоа нема никакви црковно-правни аргументи. Доколку човекот ги нарушува правилата на Црквата, тогаш тој треба да го прифати фактот дека ќе биде осуден. Во конкретниов случај, неопходно е да се појави пред црковниот суд, кој го повикува. Тој себе самиот се осудува со тоа непојавување. Јас не можам да го прифатам неговото заминување, односно неговото незаконско бегство од Руската црква и незаконското потчинување под друга Патријаршија. А од друга страна, јас, секако, не можам да ги осудам неговите постапки, кои доведоа до сето тоа. Логиката на Цариградската патријаршија е априори неправилна, затоа што Цариградскиот Патријарх смета дека тие имаат право да бидат апелациска инстанца за сите. Ние тоа не го признаваме. Тој став не е правен и не е црковен. Затоа, ние чувствуваме неправилност во сето тоа. Цариградската патријаршија е во право што го оправдува човекот, кој, според мене, бил неправедно или неправилно осуден. Меѓутоа, ние не признаваме дека тие имаат такви права. Тој човек (Алексеј Умински) неправилно постапи. Тој можеше да се оправдува пред судот, а ние не го знаеме резултатот од судењето. Сега ние знаеме дека е тој правилно осуден“ – изјави Митрополитот Марко.