Фотографија: basilica.ro
Маршот за живот, одржан во саботата во Букурешт, собра 3.000 учесници, претежно млади, дојдени да ја пренесат пораката до општеството дека потребни ни се деца и дека на жените им е потребна нашата поддршка за да ги родат истите.
Манифестацијата, организирана од здруженијата: „Студенти за живот – Букурешт“ и „Студенти за живот – Романија“, се одржа на релацијата: Bulevard Regina Elizabeta – Bulevard Schitu Măgureanu – Park Izvor, и заврши со концерт насловен како Live for Life, којшто беше емитуван во живо на Facebook и на Youtube-каналот на телевизијата „Trinitas“.
Водители на настанот беа Теодора Дијана Паул, претседателка на Здружението „Студенти за живот – Букурешт“ и Јулијан Бобарнеа, продуцент на емисијата „Радостите на животот“, којашто се емитува на телевизијата „Trinitas“.
Концертот беше отворен од хорот „Гласови за живот“ при Здружението „Студенти за живот – Букурешт“, предводен од Јоан Долиш. Младите ја испеаја химната на Маршот за живот 2024, насловена како „Градиме за живот“, со текст и музика на Оливија Неагу од Pro Vita, Јаши.
„Преку овогодишната тема ’Заедно градиме за живот‘, имавме за цел да испратиме покана за соработка за поддршка на бремените жени“, рече Теодора Дијана Паул на почетокот на настанот. „Само заедно можеме да имаме големо влијание во општеството“.
„Темата на овогодишниот Марш за живот беше инспирирана од смртниот случај на Александра Иванов, од Ботошани, 25-годишна мајка на три деца, на којашто не ѝ била укажана потребната медицинска нега по спонтаниот абортус“, потсети Јулијан Бобарнеа на самиот настан.
„Всушност, сето ова ѝ е посветено нејзе и на нероденото дете коешто го изгуби и коешто нѐ повикува сите нас на поголема инволвираност“.
Децата со Даунов синдром имаат света мисија
Првото сведоштво беше дадено од Моника Лија, мајка на три деца, од коишто едното е со Даунов синдром. „Детето со попреченост не е товар, туку е радост. Радост е бидејќи, преку него, си ја откриваме душата и, воедно, скриените сили“, посведочи таа.
„Да, гледајќи однадвор, тешко е, многу е тешко и изгледа застрашувачки, но овие деца зборуваат, комуницираат, љубат со сета своја душа и доаѓаат со една и единствена мисија во светот: да нѐ спасат, но не само нас коишто ги опкружуваме; тие не ги спасуваат само своите семејства, туку цели групи на луѓе“, изјави Моника Лија.
„Примете ги овие деца! Тоа е мисија што тешко се објаснува. Впрочем, во многу тешкотии се смееме и сме среќни… со радост што не можеме да ја објасниме“.
Да си го отвориме срцето!
Следниот говорник беше Влад Плачинта, претседателот на Здружението „Save a heart“ – Ботошани, којшто беше прогласен за маж на изминатата 2023 година, на истоимената гала-свеченост, организирана од РоТВ, во јануари. Тој собра 20 милиони евра за лекување на над илјада деца и млади и за опремување на болниците во земјава.
„Друг многу важен проект за живот во рамките на Здружението ’Save a heart‘ е поддршката кон помалите организации или кон оние коишто ја бараат нашата поддршка во борбата за живот. Градиме во Онеага – Ботошани еден центар посветен на мајката и детето, на злоставените мајки – центар од над 2 000 квадратни метри“, рече Влад Плачинта.
„Не е важна возраста кога треба да му го спасиме животот на некој човек. Не е битен неговиот статус, ниту, пак, неговите студии, туку битно е да си го отвориме срцето, да бидеме покрај него, да му покажеме дека го љубиме, а преку нашата љубов и поддршка, работите се менуваат, стануваат поубави“.
Психолог: жената да ја има слободата да го одбере животот
Во продолжение, Мануела Чернат, психотерапевт за семејство, за парови и за деца, изјави:
„Помеѓу моите клиенти, сѐ почесто и почесто, имав жени коишто беа во депресија, во анксиозни состојби и со панични напади по абортусот. Случаите што ги советувам се од малолетни девојки до жени над 40-годишна возраст, од обични жени до жени на раководни функции. Што имаат заедничко тие, освен несаканата бременост!?“
„Се чувствуваат неподдржано, па, дури и да сакаат да го задржат детето, им се чини дека сами нема да успеат (немаат никаква шанса), а воедно, оние околу нив им се закануваат, емоционално ги уценуваат и, на тој начин, доаѓаат до размислувањето за абортус“, додава психотерапевтот.
Таа раскажа еден случај со среќен крај, кога таткото на детето и поширокото семејство, иако првично вршеле притосок мајката да абортира, сепак, на крајот, го примиле детето со раширени раце. Новите родители, всушност, сега се во брак и се среќни што избрале живот за своето дете.
„Јас верувам дека Бог ни дал слободна волја и дека жените можат да избираат што да прават, но треба да бидат поддржани за тоа, навистина, да биде нивен избор“, рече Мануела Чернат.
Збор на денот: „Вклученост“
Силвијан Ковачи, специјалист за европски фондови, којшто има три деца, раскажа за тоа како ја поддржал својата колешка при кризната бременост. Сѐ започнало со една SMS-порака, во којашто таа му соопштила дека е бремена од дечкото од претходната врска.
„Проблемот беше што мојата пријателка беше на околу два ипол часа одалеченост од Букурешт и, очигледно, морав да одам докај неа истата ноќ. Таа, мислам, беше во осмата недела и веќе размислуваше за абортус“, раскажа Силвијан Ковачи.
„Тоа беше тежок период, имаше многу патишта, но, преку поддршката што ја доби и преку фактот што новиот животен партнер ја прифати оваа ситуација и беше покрај неа, лека-полека успеавме да ѝ помогнеме да го надмине сето ова. Но моментите низ коишто помина беа многу тешки“.
„Затоа, ве повикувам сите: поддржете, бидете близу и вклучете се!“, додаде Силвијан Ковачи.
„Повторувам, зборот на денот нека биде: вклученост! На свадбата којашто се случи пред таа да се породи, нејзините родители коишто, на почетокот, ја тераа да абортира, дојдоа до мене и ми рекоа: ’Ова е најубавото нешто што ни се има случено и иако знаевме дека е грешка, сепак ја правевме поради страв‘“.
„Ако се најдете во ваква ситуација, зближете се, покажете го пријателството, покажете ја вашата вклученост и разговарајте, зборувајте многу“, заклучи Силвијан Ковачи.
* * *
На овој голем настан настапуваше и хорот „Tronos Junior“, предводен од псалтот Јоан Балабан, а имаше и посебни активности за деца. Исто така, и Романскиот Патријарх Даниел објави посебна порака за учесниците на Маршот за живот и, воедно, даде благослов детали од настанот да бидат пренесувани на ТВ „Trinitas“ и на радио „Trinitas“, како и на порталите „Basilica.ro“ и „Ziarul Lumina“.