Фотографии: oca.org
На 2 мај оваа година, Неговото Блаженство Архиепископот на Вашингтон и Митрополит на цела Америка и Канада г.г. Тихон, Претстоител на Православната Црква на Америка, го освети Светото Миро за време на Вечерната Божествена Литургија на Велики Четврток, во манастирот „Свети Тихон“, Јужен Ханаан, Пенсилванија, САД
Нему му сослужуваа Високопреосвештените Архиепископи: Венјамин на Сан Франциско и на Западот, Марко на Филаделфија и Источна Пенсилванија, Мелхиседек на Питсбург и Западна Пенсилванија, Михаил на Њујорк и Њу Џерси, Даниил на Чикаго и Средниот запад, и Преосвештените Епископи: Никодим од Бостон и Албанската архиепископија, Венедикт на Хартфорд и Нова Англија, Андреј на Кливленд и Администратор на Романската епископија, Герасим на Форд Ворт и помошен епископ на епископијата на Југот.
Сослужуваа и повеќе свештеници од Православната Црква на Америка – Протојерејот Александар Рентел, канцеларот на Црквата, Протојерејот Џон Паркер, декан на православната богословска семинарија „Св. Тихон“, Протојерејот Алесандро Мархеритино, секретарот на Црквата и други клирици од манастирот, семинаријата, како и клирици од други јурисдикции.
За време на големиот вход, отец Александар Рентел го носеше садот од алабастер со старото миро, додека теглите со новоприготвеното миро ги носеа другите свештеници. По анафората, Неговото Блаженство го освети мирото.
По Вечерната служба со Василиева Божествена Литургија, Неговото Блаженство им се обрати на присутните, истакнувајќи дека светото миро е „знак на полнотата на единството Христово што пребива меѓу и во Црквите преку присуството на Светиот Дух“. Тој им се заблагодари на оние што посветија време и енергија за да учествуваат во оваа служба и ги поздрави присутните.
Извор: https://www.oca.org/news/headline-news/his-beatitude-metropolitan-tikhon-consecrates-chrism