Велигденска порака на претстоителот на Руската православна задгранична црква

„Со радост и со благодарност во срцето ве поздравувам во оваа спасителна пасхална ноќ, кога нашиот Господ Исус Христос воскресна по три дена, излевајќи ја Неговата вечна љубов и милост над целиот свет.

  Христос воскресе!

Овој светол и радосен велигденски поздрав има чудотворна сила да предизвика во човечкото срце радост, простување и љубов. Овој ден, што го создаде Господ (Пс 117, 24) – Пасхата Христова – ја охрабрува верата на маловерните и ги укрепува луѓето, кои се безнадежни во животот. Навистина, во светот,  кој често чувствува вознемиреност и неизвесност, Велигден сјае како светилник на надежта. Во овие тешки времиња, кога човештвото е опфатено од различни неволји, ќе се држиме до Воскреснатиот Христос и во Него ќе наоѓаме утеха во маките, сила во континуираната борба со гревот, и увереност во вечниот живот!

Во очи на Неговите страдања, Господ бил опкружен од човечки страсти, кои Го привеле кон Голгота. Фарисеите веќе од поодамна сакале да Го убијат. А народот, кој неколку дена претходно свечено Го пречекал Спасителот во Ерусалим, сега силно се разочарал во Него, бидејќи Тој не се покажал како политички месија, кој, (како што тие очекувале) ќе го  ослободи од Римјаните и ќе го востанови Израилското царство. На извиците `осана` и на викањата `распни Го`, Христос одговарал со молчење. Но Исус молчеше (Мт 26, 63), се вели во Евангелието. Проповедајќи го во Галилеја и во Ерусалим Евангелието на Царството (Мт 4, 23), кое не е од овој свет (Јн 18, 36), Христос не се изјаснувал во врска со римската окупација или со затварањето и казнувањето на Својот Претеча. Тој не ги повикувал луѓето кон совладување на мачните проблеми на човечкото општество или на социјалните неправди, туку кон исцеление на паднатата човечка природа – во име на нејзиното преобразување во божествена природа. Господ го проповедал Своето Евангелие и правел чуда, утешувајќи ги напатените и укрепувајќи ги во верата.

И ние, како Тело Христово, издигнувајќи се над секаков вид политички препирки од нашево време, сме повикани да пројавуваме грижа за човекот, кој е гладен за љубов, благовестувајќи му го Словото Божјо со молитва и со примерот на сопственото живеење. Молитвата ни помага да не се озлобуваме и да не го губиме образот Божји. А, со оглед на тоа дека правењето чудеса не е во нашите сили, ние можеме, а и должни сме, според Христовата заповед, саможртвено да правиме добри дела за утеха на ближните. Затоа, празнувајќи ја `Божјата спасителна Пасха`, ние ќе ги продолжиме своите напори за собирање материјална и хумантирана помош за оние кои сега се во неволја, усрдно молејќи се за мир во Светата земја и на територијата на Украина и топло примајќи ги бегалците, вклучувајќи ги и свештенослужителите на Украинската православна црква. Дејствувајќи на таков начин, ние го принесуваме својот скромен придонес во делото на надградба на Царството Христово, станувајќи светлина на светот (Јн 8, 12) и сол на земјата (Мт 5, 13), и напоменуваме дека нашето таканаречено `молчење` не е пасивна состојба, туку е, напротив, сосема активна состојба, за која се потребни трпение и големи напори, кои придонесуваат во надминување на разногласието и кон `соединување на сите`, за што ние се молиме на секоја богослужба.

Воскреснатиот од мртвите, нашиот Господ Исус Христос, Кој некогаш им рекол на Своите ученици радувајте се (Мт28, 9) и мир вам (Јн 20, 19), да ги повтори тие светли поздрави во срцето на секого од нас во светите и благодатни денови на празнувањето на Светата Пасха. Амин.

Со пасхална радост во Воскреснатиот Христос и со прозба за свети молитви,

Николај
Митрополит Источноамерикански и Њујоршки
Претстоител на Руската задгранична црква

Велигден 2024 г.“

Извор: https://www.synod.com/synod/2024/20240503_mnpaschalepistle.html