Крштевање на катихумени на Велика Сабота, во Минхен

На Велика сабота годинава, во храмот на Светите Руски Новомаченици и Исповедници, во Минхен, Германија, во текот на Вечерната Богослужба, преку Свето Крштение беа примени во Православната вера петмина катихумени, по потекло од Тајван, Германија, Бразил, Камерун и Италија.

Сите тие ја поминаа едногодишната програма за катихизација, која што се одвива со благослов на Митрополитот Берлински и Германски Марко од Руската православна задгранична црква. Програмата ја води свештеникот о. Тома, кој и го изврши крштевањето на катихумените.

По крштевањето, новопросветлените православни христијани веднаш влегоа во храмот каде што Божествена Василиева Литургија служеше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Берлински и Германски г. Марко. На Литургијата се причестија со Светите Тело и Крв Христови.

Отец Тома е Германец кој, откако се крстил во православната црква, заминал во Русија да студира богословија. Таму се оженил со православна Полјакиња, и по ракополагањето во свештенички чин 10 години служи во Москва. Потоа се враќа во Германија, за да му служи на својот народ и да врши мисионерска дејност. Со благослов на Митрополитот Марко, тој од 2016 година служи во Минхен, на германски јазик.