Одбележана 185 годишнината од Полоцкиот црковен собор (1839 г.), благодарение на кој повеќе од милион и шестотини илјади унијати се вратиле во Православната Црква

На 3 март, во неделата на блудниот син, Митрополитот Мински и Заславски Венијамин, Патријаршиски Егзарх на цела Белорусија, началствуваше на Литургијата во катедралниот храм „Св. Софија“ во градот Полоцк (Белорусија). Нему му сослужуваа повеќе архијереи и свештенослужители. Повод за торжествениот настан беше одбележувањето на 185 – годишнината на Полоцкиот собор, благодарение на кој голем број унијати се вратиле во Православната Црква. Кон крајот на Литургијата, беше прочитано посланието, што по повод годишнината го упати Светиот архијерејски синод на Белоруската православна црква (автономна, во склоп на Московската патријаршија). Во продолжение го пренесуваме посланието во целост:

„Пред 185 години, на 25 февруари 1839 година, во неделата на Православието (првата недела од велигденскиот пост), во градот Полоцк (во Белорусија) се случил епохален настан од историјата на нашата Црква и нашата татковина. Во тој ден, на повик од епископот Јосиф (Семашко), унијатските јерарси и клирици, кои служеле во белоруско-литванските земји, се собрале под сводовите на древниот катедрален храм ’Св. Софија’ за да го објават поништувањето на Брестската унија (склучена во 1596 г.) и своето доброволно враќање во лоното на Православната Црква.

Работата на Полоцкиот собор, до ден денес, импресионира со својата масовност. Благодарение на Соборот, со Православната Црква се присоединиле над илјада и шестотини парохии, повеќе од илјада и петстотини свештеници и над милион и шестотини илјади парохијани.

Преосветениот епископ Јосиф (Семашко), иницијаторот и инспираторот на Полоцкиот собор, потоа го посветил сиот свој труд на просветлување на присоединетото паство и на негово утврдување во светото Православие, односно во татковската вера. Откако бил издигнат во чин Митрополит Литвански и Виленски, тој неуморно го проповедал Евангелието и се грижел за сестрано образование и морално издигнување на свештенството. Тој секогаш бил чувствителен и внимателен во однос на потребите на простите верници, покажувајќи импресивен пример за единство на словото и на делото, за цврстина на верата, за непоколебливост на духот и за љубов кон Бога и кон ближните. Луѓето врвеле по владиката Јосиф, гледајќи во него пастир, кој е подготвен да ја положи душата своја за своите овци (Јн 10, 11), според зборовите на Господ Исус Христос.

Искрени истомисленици и ревносни соподвижници на Митрополитот Јосиф биле Архиепископот Полоцки и Виебски Василиј (Лужински), Архиепископот Мински и Бобрујски Антониј (Зубко), мноштво свештенослужители, монаси и благочестиви мирјани, кои вложиле труд за духовната преродба на белорускиот народ.

Секое дрво се познава според својот плод (Лк 6, 44) – поучува Христос Спасителот. Благодатното семе на верност кон Православието, што Митрополитот Јосиф (Семашко) и неговите соборци го посеале на нашата земја, за брзо време дало обилни млади посеви и прекрасни плодови на светоста. Кон духовните наследници на отците од Полоцкиот собор, во потполност, може да се вбројат белоруските новомаченици и мноштвото, нам познати и непознати, подвижници, кои свето ја сочувале верата во тешките години на искушението, што трагичниот 20 век му го донесе на нашиот народ. Подвигот на учесниците на Полоцкиот собор станал еден од камен-темелниците, кои лежат во основите на сегашната Белоруска православна црква.

Денес е очигледен главниот резултат на Полоцкиот собор: мнозинството современи жители на богочуваната белоруска земја себеси се именуваат како православни. Полоцкиот собор го изразил народниот стремеж кон единство со Мајката Црква. Токму во тоа се состоела причината за успехот и за животоспособноста (виталноста) на соборската одлука. Со работата на учесниците на соборските заседанија не раководело егоистичкото барање корист, туку самиот Свет Дух – Духот на премудроста и на разумот, Кој ги упатува кон добро човечките патеки.

Во врска со работата на Полоцкиот собор е изработен медал, со натпис: ’Насилно грабнати (1596), со љубов присоединети (1839)’. Во тие зборови се содржи посебна лекција, која има потреба од најдлабоко восприемање и сфаќање. Унијата, која е воведена по пат на груб насилнички притисок, на лага и на измама, се обвиткала со мноштво несреќи и страдања за источните Словени. А, во историска перспектива, таа се покажала како дом, изграден на песок (сп. Мт 7, 26), која, нормално, неславно се урнала.

По Божја Промисла, во воскресен ден (недела), на 3 март 2024 година, во Неделата на блудниот син, Белоруската православна црква торжествено ја празнува 185 – годишнината од Полоцкиот собор под сводовите на катедралниот храм на градот Полоцк ’Св. Софија’. Ние, белоруските архипастири, со благодарност кон Бога сведочиме дека Полоцкиот собор сестрано придонел мноштво синови и ќерки од нашата земја да се вратат од далечна земја во Татковиот дом на Православната Црква.

Присоединувањето на унијатите со Православната црква им ставило крај на поделбите на религиозно поле, кои го смрачувале животот на белорускиот крај, и станало цврста основа на мирот во нашето општество и во нашата држава. Полоцкиот собор станал белег на духовното и на културното достоинство на нашиот народ, покажувајќи, во сета полнота, дека во историјата на Православната Црква и на словенската цивилизација ние сме туѓи и придојдени, туку сме им сожители на светиите и сме Му свои на Бога (Ефес 2, 19). Давајќи ѝ признание на величината на работата на Соборот, ние сме повикани да го продолжиме делото на блаженоупокоениот Митрополит Јосиф (Семашко), на архипастирите и на свештенослужителите – учесници на Полоцкиот собор, ревносно чувајќи ги православната вера и единството на Црквата, единството на Духот преку врските на мирот (Ефес 4. 3). Во тоа на сите нас да ни помогне Господ, по молитвите на Неговата Пречиста Мајка и на мноштвото светители од белоруската земја!

Божјиот благослов да биде со сите нас!“

Извор: http://church.by/news/-60 , http://church.by/news/patriarshij-ekzarh-vozglavil-v-sofijskom-sobore-goroda-polocka-sobornoe-arhierejskoe-bogosluzhenie-priurochennoe-k-185-letiju-polockogo-cerkovnogo-sobora