Светот е створен за тебе, чувај го

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Човекот е последната божја креација во уметничкото дело. Нашиот креатор е совршениот уметник кој го ствара светот по неговата вечна идеја која сопостои безвременски во Логосот Божји, во второто лице на Светата Троица. Човекот е створен да биде свесниот и разумниот претставник на природата кој ќе ја чува и негува, принесувајќи ја со својата слободна волја на наднебесниот божји жртвеник. Светот е створен од ништо, од небитие, од ништо, постанува нешто по волјата Божја. Господ во себе имајќи ја идејата за создавањето на светот, ја исполнува намерата. Бог Отецот благоизволил да го создаде светот преку Својот Единороден Син, Кој прифаќајќи ја таа татковска идеја, учествува директно во создавањето и заедно со Светиот Дух, Кој лично со Својата волја делува во исполнувањето на таа намера. Светата Троица ја остварува хармонијата на природата, вметнувајќи во неа сила и моќ да постои во времето и просторот.

Светот и, воедно, природата се створени да бидат дом за животните и човекот. Преубавиот свет кој нè воодушевува со својата природна убавина е нашето место каде што ја перцепираме смислата на животот. Природата со својата животна сила која постои во секој створ е моќната енергија која иманентно нè проникнува и нè поврзува сите во светот. Впрочем, ние како створенија од истата природа потекнуваме, па затоа и сите сме телесно поврзани. Светот со своите природни убавини и природните богатства кои се за наша полза и радост, ни го откриваат самиот Творец, но не целосно, туку Го сведочат на еден суптилен начин додека ја согледуваме складноста и хармонијата која постои во природата. Впрочем, Господ создава и уредува по Неговата Волја со бескрајната и совршена љубов за да му го подари светот на човекот. Толку многу го возљубил светот така што го подарува на човекот, подготвувајќи го светот за вечноста, поточно го подарува на Својот Единороден вечен и бескраен Свој Син, Кој, пак, доаѓа во светот и се раѓа од Марија Дева.

Чувајќи го светот, ние ја чуваме материјата од која сме создадени, па затоа и уништувањето на природата околу нас го доживуваме како деструкција на самите себе. Човекот кога е свесен за својата природа и неговата поврзаноста со целата планета ќе има прекрасен однос на комуникација со творбата. Свеста на нашата личност треба да е во заедница со Божјата волја и кога благодатта Божја пребива во нас, тогаш ни се отвораат и духовните очи за потоа да ни се избистри умот како би ја исполниле светата заповест која ни ја дал Господ на самиот почеток од стварањето на светот, велејќи му на Адам да биде добар господар на целата природа. Впрочем, секој господар господари со она што му припаѓа, а во нашиот случај човекот господари со светот по Божјото назначување. Искривеното пак верување дека човекот треба да господари со светот преку експлоатација на природата за хедонистичко уживање во животот, го искривува перцепирањето за животот на човечкото постоење.

Господ ни дарува сè за наше вечно спасение. Ние самите слободно одлучуваме за нашата вечна судбина. Господ ни го дарува светот за да го негуваме, затоа што преку нашата грижа за овоземниот свет, ние се оправдуваме пред Божјата доверба којашто ни ја укажува за да бидеме добри наемници, грижејќи се за даруваното. Преку верата во Бога, со довербата во Божјиот благослов, преку грижата за овој свет кој ни е подарен, ние се оправдуваме пред самиот Творец и Господ, а Тој пак ќе нè препознае како негови вредни и верни наемници и соработници во неговата идеја, а, секако, надевајќи се дека лично ќе го слушнеме познатиот цитат од Евангелието каде што пишува: „Убаво, добар и верен слуго, во малку беше верен, над многу ќе те поставам.“ Секако дека овој цитат се однесува на евангелската поука за талентите, но исполнувајќи ја Божјата волја за да го штитиме и пазиме светот, ќе постапуваме така како што ни благословил Бог на самиот почеток на стварањето. Постапувајќи на таков начин, ние ќе имаме сигурно прилика да го чуеме истиот цитат кој со сигурност може да се исполни и во нашиот контекст. Созерцавајќи ги вечните Божји идеи, прифаќајќи го нашето предназначување во Божјата идеја и дарот кој што ни го подготвил нашиот Творец за нашата ревност во створениот свет, чувајќи го светот како прекрасен бисер, ние ќе бидеме достојни Негови чеда за да бидеме наградени и прегрнати од Него во вечноста.


Лекции по веронаука