Во Духовниот центар на Светата Митрополија на Керкира (Крф), во вторник, 5 март 2024 година, се одржа Свештеничко собрание под претседателство на Митрополитот на Керкира, Паксос и Дијапонтските Острови г. Нектариј.
Говорник беше архимандритот о. Херувим Велецас, Управник на персоналот на Светиот синод на Црквата на Грција и проповедник на Крфската Митрополија, кој зборуваше на тема: „Современите пастирски предизвици“.
Говорникот укажа на последиците што глобализацијата ги донесе во современата општествена реалност, како и на различните пастирски предизвици со кои се соочува Црквата.
Меѓу нив се: насилството, посветовњаченоста (секуларизацијата), модерната технологија, биоетичките прашања, еколошкото прашање, економската криза и несправедливоста, расцепот на Православието, демографскиот проблем, неподготвеноста да се раѓаат деца, кризата во семејството, неорганизираноста на општеството, обожението на материјалното и на сите желби, страдањето од наркотиците, насилството меѓу младите, индивидуализмот, конзумеризмот, умисленоста, синкретизмот и влијанието на современите текови, јогата и источните религии, агностицизмот, атеизмот, антиклерикализмот.
Говорникот предложи будење на свештениците, та и со својот збор и со својот пример да станат узор за верниците. „Ние клириците имаме потреба постојано да се храниме со верата, да внимаваме како чекориме, да одговараме на „секој што слуша“ со едноставност, со љубов, со страв Божји.
Бог нема да нè суди затоа што не сме изградиле Царства, ниту затоа што не сме проповедале од златни говорници; туку ќе ни суди, ако сме презреле макар и еден човек, ако сме станале причина да се загуби макар и една душа, за којашто пострада Христос.
Црквата денес не ја ужива славата, ниту почитта на луѓето, како, веројатно, во минатото. Не ни пречи тоа, Црквата која војува – победува, доволно е ние, свештенството и народот, да не го кинеме нешиениот Христов хитон, односно единството во Бога и заедницата на Светиот Дух“, заклучи отец Херувим.
Потоа, Митрополитот Крфски г. Нектариј, откако ги поттикна свештениците на помесната црква духовно да се преиспитаат, да ја видат перспективата преку парохијата и поучувањето за зачувување на верата, на јазикот, на историјата, на преданието, да се надминат себеси со придвижување и посветеност, го постави прашањето за ставот на Црквата по изгласувањето на законот за истополови двојки.
По дискусијата со свештениците, собранието едногласно донесе заклучок во вид на следново отворено писмо-резолуција:
„Ние свештениците и ѓаконите на Светата Митрополија на Крф, кои се собравме на редовно свештеничко собрание во вторник, 05.03.2024 година, во Духовниот центар на Светата Митрополија, под претседателство на Високопреосвштениот Митрополит на Крф, Паксос и Дијапонтиските Острови г. Нектариј, откако разговаравме за темите кои произлегоа по изгласувањето во Грчкиот парламент на законот за „брак“ на истополови двојки, како и за нивното право да посвојуваат деца, и покрај силното противење на Црквата, на политички партии, како и на одредени политичарите кои не се согласуваа со линијата на своите партии што го изгласаа овој предлог-закон, јасно изјавуваме на сите страни:
- Донесениот закон го сметаме за реформа за која не беше прашан грчкиот народ, бидејќи тоа не беше одлука што имаше за содржина справување со секојдневните проблеми, туку се работеше за доделување на право што не им припаѓа, како што се покажа во расправата во Парламентот, на признаените од светските уредби и судските одлуки за „човековите права“. Неговото изгласување беше чисто политичка одлука. Таа се содржи во менталитетот на движењето на разбуденоста (woke), кое за жал го усвоија и грчката влада и опозицијата, голема и мала, а и некои други партии. Предлог-законот може да стане закон на државата, но ние бараме од Светиот Синод на Црквата на Грција да ги испита сите правни средства достапни во една уредена правна држава за негово поништување.
- Ја изразуваме нашата длабока жалост затоа што двајцата пратеници на нашата област, кои ѝ припаѓаат на опозицијата, и покрај тоа што беа информирани со официјално писмо од Светиот синод на Црквата на Грција дека овој предлог-закон е противен на ставовите и верата на православниот христијанин, сепак гласаа го изгласаа. Тие направија тешка духовна грешка, или заради „партиска послушност“ или затоа што не разбираат дека за да се биде член на Црквата, треба да се следат и слушаат нејзините учења, не делумно, туку во целина, или можеби затоа што и самите се убедени дека бракот е општествена процедура, а не света тајна, и дека при добивањето деца не треба да се земе предвид дека детето треба да има татко и мајка од самиот почеток, туку дека е тоа независно од Божјото и природното устројство на семејството. Така, за нас овие двајца пратеници не можат да се сметаат себеси за активни членови на Црквата. Дури и доколку нивната совест не го согледа тешкото духовно и морално промашување во кое западнаа, ние сме должни да им укажеме на тоа, и тоа го правиме јавно. Затоа ги повикуваме да не присуствуваат на каков било црковен настан, не сметаме дека им е дозволено да се причестуваат со пречистите тајни и ги поттикнуваме да се покајат за нивниот пад. Изјавуваме дека во секој случај, во иднина нема да им оддаваме никаква чест што произлегува од односот на државата и црквата на официјалните настани, на парохиските верски собири и на литиите и ги повикуваме да си понесат одговорност.
- Од срце му честитаме на пратеникот на владејачката партија, од нашата област, затоа што покажа став на православен христијанин, ја зачува својата совест недопрена и, иако разбираме дека се нашол во тешка положба во однос на својата партија. Изјавуваме дека ја има нашата поддршка за неговото делување да не се скрие со отсуство, туку јавно да ја исповеда својата вера гласајќи против законот. Такви политичари, независни од туѓи убедувања, ни требаат во нашето место, кои покрај тоа што ќе му служат на општеството врз основа на нивните идеи, кои се политички почитувани, ќе го чуваат недопрено грчкото православно верување, ќе го поддржуваат грчкото семејство и традициите.
- Како верни чеда, очекуваме од Светиот Синод на Црквата на Грција да ни покаже други начини како да се спротивставиме на ваквите одлуки, кои беа законски непотребни и беа изгласани без да се води сметка за реакцијата од нашиот народ. Ја забележуваме дури и неодамнешната одлука на парламентот на Чешка, земја која и покрај тоа што е управувана од голем процент на атеизам во нејзиното население, одби да го легализира бракот на истополовите парови, официјално нарекувајќи ја врската на таквите двојки „партнерство“ и одрекувајќи им го правото да посвојуваат деца. Наместо тоа, на наше големо жалење, сведоци сме дека нашите државници и политичари поитаа да прослават по изгласувањето на неприфатливиот предлог-закон, што дополнително го подели нашиот народ. Навистина е срамно што се фалат дека Грција е првата „православна“ земја што изгласа ваков предлог-закон. Самите тие не ја почитуваат православната вера не треба да се повикуваат на неа.“
Резолуцијата ја потпишуваат Митрополитот и сите свештеници и ѓакони на Светата Митрополија.