Правилник на Светиот Синод на Романската православна црква во однос на изборната година

Во контекст на европарламентарните, локалните, парламентарните и претседателските избори во 2024 година, Светиот синод на Романската православна црква, тргнувајќи од ставовите искажани последователно преку синодските одлуки од: 13-14 февруари 1996 година, 23-25 февруари 2000 година, 12-13 февруари 2004 година, 5-7 март 2008 година, 25 февруари 2016 година и од 21 јули 2020 година, и од желбата да го искаже појасно својот став кон политичкиот живот и кон изборните кампањи, одлучува:

  1. Во својство на граѓанин на Татковината и на духовен отец на сите свои парохијани, без разлика на нивната политичка ориентација, свештеникот има слобода, благослов и должност – преку својата позиција и преку духовните средства коишто му се специфични – да учествува во животот на градот, поддржувајќи активности коишто се наменети да го промовираат општото добро и, притоа, спротивставувајќи се на какви било мерки или активности коишто се спротивни на христијанското православно учење и морал. Во поглед на почитувањето на политичките опции на своите верници, свештеникот е задолжен да ја сочува неутралноста во однос на проблемите со политички карактер за време на изборните кампањи, како во јавните изјави, така и во практичната дејност. Политичката опција на свештеникот ќе биде изразена само преку тајно лично гласање.
  2. Да ја одржи синодската одлука под бр. 1676 од 6 март 2008 година, според која, во согласност со Свештените канони (6. од Апостолски собор, 7. од IV Вселенски собор, 10. од VII Вселенски собор, 11. од Картагински собор), е пропишано и тоа дека покрај несвојствените занимања на свештеничката служба и достоинство, се вбројува и она „преземање световни должности и занимања“, а за епископот, свештеникот, ѓаконот, монахот и на монахињата од Романската православна црква е забрането следново:

а) да се занимава со партиска политика;

б) да биде член/ка на некоја политичка партија или на некоја организација којашто може да биде асимилирана во политичка партија;

в) да се кандидира за парламентарни или локални избори;

г) да учествува во изборните кампањи како поддржувач/ка, и

д) да заземе функција на достоинствен/висок јавен функционер на централно или локално ниво, во романската држава или во друга држава.

  • Клирикот или монахот, којшто се вклучува во политиката на некоја партија како член или како кандидат, но и поддржувајќи некој кандидат, го погазува заветот даден на хиротонијата („…нема да се занимавам со дејности спротивни на свештеничкиот позив и нема да учествувам во дејности и собири коишто ѝ штетат на Црквата“, синодска одлука бр. 4670/2008), а воедно, и одредбите од регулативата на канонските дисциплински органи и на судските инстанци на Романската православна црква (2015) и од регулативата за организирање на монашкиот живот и административното и дисциплинарното функционирање на манастирите (2003) и, истиот, ќе треба да избере меѓу политичката кариера и свештеничката мисија/монашкиот живот. Отстапувањата од овој вид ќе бидат ставени на епархиски суд.
  • Применувајќи го принципот на снисходење, заради исполнување на пастирско-општествената мисија кон којашто се повикани во животот на заедницата што ја раководат, Светиот синод, преку синодската одлука бр. 1676 од 6 март 2008 година, сепак дозволува свештеници и ѓакони да се кандидираат, но само како независни и само во улога на локален советник и окружен советник во Романија, под следниве услови:

а) недостиг на кандидати – православни лаици, добро подготвени, способни ефективно да ги претставуваат заедниците од каде што доаѓаат и во чијшто состав се, всушност, православни верници;

б) погазување на политичката неутралност или јавна поддршка на локален план на некоја политичка партија од страна на припадници на други конфесии или религиозни организации;

в) промовирање на политичари од страна на некои политички партии, коишто постојано ги напаѓале Црквата и христијанските морални вредности на општеството, или кандидирањето на истите тие лица како независни.

  • Свештениците и ѓаконите не можат да се кандидираат на локалните избори без писмено одобрение од нивниот архијереј. Истото ќе биде доделено по извршена анализа на барателите на седница на Епархискиот совет и само на оние клирици коишто се сметани за способни да ги промовираат интересите на заедницата во локалните и во окружните совети. Доколку, пак, се испостави дека свештеникот или ѓаконот не ги исполнува условите од доверениот мандат – да работи и да ги штити интересите на локалната заедница, тогаш одобрението ќе му биде повлечено.
  • Свештениците и ѓаконите коишто добиле црковно одобрение за кандидатура за членство во локалниот или во окружниот совет, ќе бидат суспендирани од богослужење преку целиот период на изборната кампања (со цел избегнување на какви било сомнежи во врска со користењето на пастирски средства во изборната кампања); ќе усвојат, за време на изборната кампања, однесување коешто е адекватно на свештеничката служба и достоинство, ќе ја почитуваат пропишаната законска регулатива поврзана со изборните кампањи и изборот на органи на локалната јавна администрација и храмовите нема да ги користат за изборни цели.
  • Светиот синод потсетува на својот позив кон лидерите на политичките партии од Романија да не дозволат регрутирање на членови од редот на клирот, ниту користење, во политички цели, на личности, простори, богослужби и црковни знаменија.
  • Светиот синод го повторува фактот дека Романската православна црква не препорачува поддржување на некоја политичка партија или на некоја политичка идеологија, туку ги советува сите граѓани да направат избор којшто е насочен кон остварување на доброто на државата и кон промовирање на христијанските вредности во општеството. Во оваа смисла, за проценка на кандидатите на овогодишните европарламентарни, локални, парламентарни и претседателски избори, на верниците на нашата Црква им ги препорачува следниве водечки критериуми:
  • Изразување на верата во Бога и на одговорноста кон заедницата;
  • Заштита на религиозната слобода и поддржување на духовните и на социјалните дејности на Црквата;
  • Почит кон човековата личност и промовирање на културата на животот: промовирање на традиционалното природно семејство, составено од маж и од жена, и наменето за зачнување други животи; спроведување политики против: абортус, евтаназија, истражување на човечки ембриони и клонирање;
  • Промовирање на целосно национално образование, коешто комбинира интелектуално знаење со морално и духовно формирање;
  • Заштита и промовирање на телесното, психичкото и духовното здравје на романскиот народ;
  • Намалување на сиромаштијата, развој на економијата и демографски раст на Романија;
  • Заштита и промовирање на националното културно и духовно наследство;
  • Заштита на природните ресурси, сочувување на средината и развој на агрикултурата, како основи на одговорност за сегашните и за идните генерации;
  • Поддршка на романските заедници околу границите и на романската дијаспора, како и промовирање на проекти за нивно повторно враќање во Романија;
  • Заштита и достоинствено промовирање на интересите на романскиот народ, на внатрешен и на надворешен план.
  • Секако, овие критериуми можат да се докомплетираат и со други корисни критериуми коишто ќе ги ориентираат гласачите кон коректен, одговорен и полезен глас за државата.

Правилникот беше усвоен преку синодската одлука бр. 1731 од 29 февруари 2024 година.

Извор: https://basilica.ro/indreptarul-sfantului-sinod-al-bisericii-ortodoxe-romane-privind-anul-electoral/