Молдавската црква ја повикува Романската црква на дијалог

Претстоителот на Молдавската православна црква под Московската патријаршија го повикува Патријархот на Романската православна црква да започне дијалог во врска со влошената црковна ситуација во Молдавија.

Цели три децении, во Молдавија постоеја две јурисдикции кои се преклопуваат: Митрополијата на Кишинев и на цела Молдавија на Московската патријаршија и Митрополијата на Бесарабија на Романската православна црква, кои во суштина меѓусебно се толерираа откако втората беше обновена во 1991 година од страна на епископ кој претходно ѝ припаѓаше на Руската црква.

Сепак, односите сериозно се влошија со почетокот на војната во Украина. Извесен број свештеници и парохии преминаа од московската на романската страна, а затоа што овие преминувања беа направени без канонски отпуст, дел од свештениците беа расчинети.

Меѓутоа, Митрополијата на Бесарабија ги прогласи овие канонски санкции за неважечки и на 29 февруари оваа година Светиот синод на Романската православна црква го зазеде истиот став.

Во петокот, на 8 март, Молдавската црква објави соопштение во кое вели дека: „Синодот на Романската православна црква нема овластување да ги поништи санкциите врз свештеници од другите помесни православни цркви.“

Два дена претходно, Молдавската црква објави писмо од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Кишинев г. Владимир до Неговото Блаженство Патријархот Романски г.г. Даниил, во кое го повикува на дијалог за вознемирувачката ситуација.

Владиката Владимир забележува дека ваквите поделби меѓу православните браќа се пријатни за политичарите, но се болни за Црквата. Тој исто така обвинува дека некои од свештениците кои се приклучиле на Бесарабската митрополија на Романската црква го сториле тоа за повисока плата (во писмото до Неговата Светост Патријархот Московски г.г. Кирил во септември, Митрополитот Владимир се пожали на финансиските тешкотии со кои се соочува Молдавската црква, покрај намалениот авторитет во молдавското општество поради поврзаноста со Московската патријаршија).

Во продолжение следи целото писмо од Митрополитот Владимир до Патријархот Даниил.

Ви ги пренесуваме овие зборови изнесени од љубов кон словеснато паство, надевајќи се на пословичната мудрост на Вашето Блаженство. Гледаме како се кине Христовиот хитон, а стадото се распрснува. Со загриженост гледаме како, на радост на политичарите, поделбата меѓу браќата повторно се користи како изборно оружје, а душите на верниците се губат во мрежите на сектите. Болно е тоа што материјалните интереси кај некои слуги на Црквата будат лагоден патриотизам, а понудената плата влијае на перцепцијата на националноста – плата што некои од нашите свештеници ја земаат дури и без да се префрлат во Бесарабската Митрополија.

Потребна ни е мудроста на Вашето Блаженство и расудувањето што Ве одликува. Со болка гледаме како, под превезот на Синодското решение бр. 8.090 од 19 декември 1992 година, свештениците под забрана за свештенодејство или расчинети, поради сериозни морални застранувања, кои се неспоиви со свештеничката служба, се примаат како служители на Бесарабската Митрополија. Други, пак, кои до неодамна изјавуваа беспрекорна лојалност кон Молдавската Митрополија, сега ја напуштија нашата Митрополија без да побараат канонски отпуст, писмо што го доставуваме до секој свештеник што ќе го побара тоа. Доволно е, Ваше Блаженство, мудро да погледнеме на штетната ситуација што се создава, ситуација во која сме отворени за дијалог и соработка. Во вакви услови на оваа територија не може да се воспостави мир и послушност. Посакуваме, оче патријарху, да сопостоиме во љубов и во мир со Бесарабската Митрополија; ние се залагаме за конструктивен дијалог, но секогаш наидувавме на нетранспарентност и тврдоглавост, бидејќи некои наводни советници и псевдо-советници на Бесарабската Митрополија, ангажирани да работат на помирување на нашите институции, постојано сееја раздор и расправии. За жал, архијерејот на оваа Митрополија стана плен на група на влијанија кои имаат корист од оваа конфликтна ситуација, водени од лични интереси.

Неопходно е, Ваше Блаженство, вмешаноста на Романската православна црква во оваа рана што крвари да биде исцелителна, со посредство на братски дијалог, преку обновување на општењето и преку воспоставување на канонска послушност. Парите нема да ги смират работите на територијата помеѓу реките Прут и Днестар. Посакуваме да надвладее спасението и грижата за верниците, без разлика на која канонска структура тие ѝ припаѓаат, та добрите намери на Вашето Блаженство да не ја претворат Бесарабската Митрополија во бунар без дно, кој ги исцрпува материјалните ресурси на Романската православна црква.

Се надеваме дека ќе ја земете предвид нашата татковска грижа за луѓето кои се повредени и ќе посредувате во соработка која ќе ги врати послушноста и канонскиот поредок.

Му се молиме на Христа Спасителот, Вечниот Првосвештеник, да Ви даде многу години во служба на Црквата и на романскиот народ!

Извор: https://orthochristian.com/159074.html