На 6 јуни 2024 година, во Историскиот музеј во Белград, министерот за култура во владата на Р. Србија Никола Селаковиќ, од името на претседателот на државата Александар Вучиќ, му додели Сретенски орден на Митрополитот на Дидимотихо, Орестијада и Суфли Дамаскин (од Црквата на Грција). На свеченоста присуствуваше и Српскиот Патријарх Порфириј.
Министерот Селаковиќ наведе дека Митрополитот Дамаскин е одликуван „поради неговиот значаен придонес за зачувување на историското паметење, за одржување на православието и за зајакнување на братските врски меѓу српскиот и грчкиот народ“. Тој нагласи дека „митрополитот Дамаскин е на чело на митрополија во област, која била поле на значајни настани за српската историја“. Министерот се осврна на Маричката битка (1371 година), кога христијанските сили на балканските народи се обединиле за да го спречат продорот на Отоманците на Балканот. Во таа битка загинал српскиот властелин Јован Угљеша.
Митрополитот Дамаскин му се заблагодари на српскиот министер за одликувањето и нагласи дека „Маричката битка испраќа порака за единство меѓу балканските народи (независно од националноста), кои треба да се изборат за заедничките христијански идеали“.
Јован Угљеша е и втор ктитор на светогорскиот манастир „Симонопетра“. Напоменуваме дека неодамна, монаси од овој манастир ја посетија Македонија, и ја соопштија намерата за подигање споменик на местото, каде се одвивала Маричката битка. Оваа иницијатива ја реализираат во соработка со Митрополијата на Дидимотихо, на Орестијада и на Суфли.