Архиепископот на Тирана, на Драч и на цела Албанија Анастасиј упати порака, по повод празникот на Христовото Воскресение. Меѓу другото, во пораката се вели:
„Победнички и утешително, повторно, одекнува воскресната химна `Христос воскресна од мртвите, откако смртта ја победи со смрт…`, среде длабоката темнина на меланхолијата поради разновидните тажни случувања во Украина, Газа, Судан, на Хаити и по други места на Земјата. Но, тоа се случува дури и во нашето непосредно опкружување, кое често се измачува со секирации, поделби, непријателства, сериозни болести и разнообразни кризи.
Христијанската вера нѐ зајакнува со голема сигурност. Знаеме дека сме кршливи, односно дека таа ризница (на верата) ја носиме во глинени садови (2Кор 4, 7-8). Меѓутоа, тоа се случува за да Му се оддава на Бога преизобилната сила, а не нам.“
Поглаварот на Албанската православна црква напомнува дека велигденскиот период нѐ поттикнува да Му пристапиме на Христос, пред сѐ, со личен опит. „Доживувањето на Воскресението секогаш го претпоставува (нашето)сообразување со распнатиот и воскреснатиот Христос“.
Осврнувајќи се на велигденскиот тропар, Архиепископот Анастасиј нагласува дека тој „ја претставува централната објава на православната христијанска вера и ја резимира најдлабоката смисла на Воплотувањето на Синот и Логосот Божји.“
„Со благодарност, славословувајќи Го Бога-Света Троица, во тек на велигденскиот период да го засилиме нашиот напор за да ја доживееме оваа сигурност, а на нашето опкружување, со грижлива љубов, да му ја пренесеме утехата“ – порачува на крајот Архиепископот Анастасиј.