На 20 мај 2024 година, претседателот на Одделот за надворешни врски на Московската патријаршија Митрополитот Волаколамски Антониј, продолжувајќи го своето работно патување на Кипар со благослов на Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус Кирил, го посети метохот на манастирот „Кикос“ во главниот град на државата Никозија. Таму, тој се сретна со игуменот на манастирот, Митрополитот Кикоски и Тилириски Никифор.
Во опширниот разговор, кој се одвиваше во братска и срдечна атмосфера, архијереите дискутираа за современата ситуација во светот, за актуелните предизвици, кои се исправени пред севкупното Православие во нашево време, и за евентуалните реакции на нив од страна на Црквата.
Волаколамскиот митрополит Антониј му заблагодари на соговорникот за неговиот, постојано, цврст и принципиелен став за заштита на свештените канони на Црквата. При тоа, тој нагласи дека, благодарение на својата храброст, Митрополитот Кикоски и Тилириски Никифор е познат и почитуван не само на Кипар, туку и во други православни земји.
Владиката Никифор замоли да му бидат пренесени неговата почит и љубов на Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус Кирил, кого тој ги примил во Кикоскиот манастир за време на неговата мирна посета на Кипарската православна црква, остварена во 2012 година.
На крајот од средбата, Митрополитите Антониј и Никифор разменија подароци.
Во истиот ден, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија ја посети митрополијата на Морфу (од Кипарската црква). Со оглед на турската окупација на северниот дел од островот, резиденцијата на надлежниот архијереј на таа митрополија, привремено, е пренесена од градот Морфу во населбата Евриху. Таму се одржа средбата на Волаколамскиот митрополит Антониј со Митрополитот на Морфу Неофит.
Меѓу архијереите од двете Цркви се одржа долг и содржаен разговор. Митрополитот Неофит ѝ изрази подршка на гонетата Украинска православна црква, осудувајќи ги прогонствата врз нејзините епископи, свештеници и обични верници. Исто така, тој ги сподели своите мислења за местото на православната вера во современиот свет и за опасностите, кои денес му се закануваат на Православието, на неговата чистота и на неговото единство.
Во спомен на средбата, Митрополитот Неофит му подари на Волаколамскиот митрополит Антониј Богородична икона „Неиспивлива Чаша“. Од своја страна, претседателот на Одделот за надворешни врски на Руската црква му подари на кипарскиот архијереј света панагија.
Во овие средби учествуваа и: заменикот претседател на Одделот, протојереј Игор Јакимчук, старешината на храмот „Св. Никола“ во Лимасол (Лемесос), протојереј Павел Поваљев и секретарот на Одделот, свештеник Николај Васин.