За прв пат во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, со благослов на Епископот австралиски и новозеландски на Руската задгранична православна црква, г. Георгиј и на надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски, г. Тимотеј во саботата на 18 мај 2024 година во храмот „Света Петка“ во Рокдејл, Сиднеј за благослов на верниот народ на нашата црква беше донесена и изложена на поклонение чудотворната мироточива икона на Мајката Божја, наречена Хавајска или Иверска икона.
Оваа чудотворна икона, која е и мироточива позната под името Хавајска од 2008 година официјално е прифатена од Руската православна црква како мироточива и чудотворна икона. Оваа година, од 17 до 27 мај, во организација на Австралиско-новозеландската епархија на Руската задгранична православна црква, чудотворната икона е пристигната за поклонение во Австралија. На 25 мај иконата ќе пристигне и во македонската општина „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“, во Епинг, Мелбурн.
Во оваа прилика искажуваме јавна благодарност до сите оние кои допринесоа оваа икона од Русија да пристигне во нашиот храм. Благодарност до отец Нектариј и отците, кои беа со него и се погрижија иконата да биде безбедно донесена во нашата црква.
Пред мироточивата икона акатист отслужија отец Гаврил (Галев), игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Мелбурн и парохискиот свештеник, отец Владо Недески.
Во храмот присуствуваше многуброен верен народ не само од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, туку и голем број на верници од останатите братски Помесни православни цркви, кои битисуваат на Австралиско тло.
Присутните верници се поклонија пред чудотворната икона.
Бог по молитвите на Пресвета Богородица да нè помилува и спаси!
Извор: https://www.macedonianorthodoxdiocese.org.au/поклонение-и-акатист-пред-чудотворна/