Возможна мисија – потомците на мудреците од исток, православни Курди и други Ирански народи

Пишува: Јеромонах Мадаи (Маамди), свештеник на Грузиската православна црква

Православните Курди можеби би можеле да се наречат „работници од единаесеттиот час“. Тие поверуваа во Исуса Христа дури во третиот милениум, векови и милениуми подоцна од многу други народи!

И покрај фактот што нашите предци, мудреците, дојдоа да Му се поклонат на Богомладенецот Исус Христос во Витлеем, и дека во црковната историја се наоѓаат имиња на повеќе „персиски светители“, долго време христијанството не можеше да се вкорени меѓу иранските народи. Со векови, како и нивните големи предци Кир Велики и Дариј Медиј, тие само изразувле симпатија, но не и целосна вера во библиските откровенија, сè уште не преземајќи чекор да го примат Крштението и да започнат нов живот во Христа.

Не постои ниту една христијанска иранска нација во светот денес. Меѓутоа, потомците на древните мудреци, кои први му се поклониле на Христа, почнаа да се обраќаат кон Господа Исуса Христа сега, на крајот на историјата.

Во ова „историско доцнење“ може да се види и одредена предност – најважните Вселенски собори се веќе одржани, Црковните канони се составени, големата литургиска традиција, обредите и обичаите на Црквата Христова се искристализирани. Останува само да се преведе ова богато наследство на иранските јазици, да се создаде курдска црковна литература и со тоа да се запознаат и поврзат нашите браќа со Православната црква, збогатувајќи ги нашите јазици и нашата култура.

Сепак, курдскиот народ и другите ирански народи и племиња се меѓу оние на кои најмалку им се обраќа внимание од страна на православната мисија. Истовремено, новопротестантските деноминации активно проповедаат меѓу иранските народи и, за само половина век, спроведоа многу мисионерски проекти. Што се однесува до Православната црква, за жал, денес не постои постојана или насочена мисија меѓу Курдите или меѓу другите ирански народи.

За разлика од новопротестантските Курди, кои се задоволни што ги имаат само Библијата и некои црковни химни, православните претставници на овој народ веќе ја вкусија големата православна црковна литургиска традиција и делата на Светите Отци на Црквата како живо искуство. Имајќи го тоа предвид, горко е да се признае дека во моментов има само неколку православни книги на курдски јазик. Поради будењето на интересот на Курдите и на сите ирански народи за православното христијанство, потребата од овие книги е многу голема.

Денес има илјадници Курди христијани и стотици Иранци кои самите преминале во православие. Токму од овие новообратеници започна иницијативата за формирање мисија. И токму еден од овие е автор на овие редови.

Етнички Курд-Курманџи, роден сум во Езидско семејство во Грузија. Се обрнав кон Исуса Христа на млада возраст и студирам теологија, класична филологија и курдска литература веќе една деценија. Дипломирав, со највисоки оценки, на Универзитетот во Атина, каде што моментално го пишувам мојот магистерски труд. Токму во Атина ми се даде единствена можност да ги проучувам црковните текстови на нивниот изворен јазик и да направам преводи од грчки на курдски јазик.

Во моментов се работи на Молитвеник, Часослов, Божествената Литургија на Свети Јован Златоуст и Катихизис, како и на романот на Ф. М. Достоевски, „Записи од подземјето“.

Нашата цел е да создадеме јазик што ќе биде разбирлив за курдскиот читател, а истовремено способен да ја изрази сложеноста и убавината на христијанскиот идиом – курдски христијански јазик, на сите пет дијалекти, што во голема мера ќе ја збогати нашата култура.

Нам, и на сите претставници на различните православни христијански ирански народи, ни преостанува да го усвоиме богатството на православното наследство и да им го пренесеме на нашите ближни, „воцрковувајќи“ ги иранските јазици и крштевајќи ги сите курдски и ирански племиња, чија бројност е како ѕвездите на небото.

Имаме голема потреба од молитвена помош и поддршка од нашите постари браќа и сестри во Христа, кои ги ценат зборовите на нашиот Спасител: „Одете и научете ги сите народи“ (Мт. 28, 19). Ги повикуваме сите да учествуваат во ова Божјо дело онолку колку што можат.

Денес се соочуваме со голем број задачи за да ги постигнеме нашите две основни цели: мисија (проповед меѓу неверниците) и Катихизис (поучување на обратените во православието за вистините на православната вера и нивно зајакнување во црковниот живот):

Просвета

  • Превод на Библијата, делата на светите отци и учителите на црквата и на литургиските книги на сите ирански јазици и дијалекти;
  • Превод на класична литература од антички и современи христијански автори, како што се Достоевски, Платон итн.;
  • Создавање издавачка куќа која ќе го олесни објавувањето и дистрибуцијата на оваа литература;
  • Помош на мисионерите и катихетите на нивните мисионерски патувања.

Дигитални производи

  • Изработка на апликација за библиотека составена од сите преведени книги, како и нивни аудио верзии;
  • Објавување на црковен календар;
  • Изработка на голема повеќејазична веб-страница и нејзини профили на сите социјални мрежи;
  • Изработка на повеќејазичен онлајн речник за преведувачи.

Образование

  • Помош на новокрстените при прием на богословски или други факултети на православните универзитети и богословски семинарии.
  • Програмата за поддршка ќе опфати пишување текстови и превод на видео предавања за принципите и догмите, како и за обредната страна на православната вера и православната апологетика.
  • Организација на поклонички патувања за новокрстените и катихумените на православните свети места.

Култура

  • Изработка на икони, мозаици, литургиски предмети и сл. за идните црковни објекти на сите ирански јазици и во културниот идиом на нашите народи;
  • Збирка на артефакти од материјално и културно наследство за иден курдски музеј (теписи, етнографски предмети итн.).
  • Збирка на книги на национални јазици за идна библиотека (во моментов имаме собрано повеќе од 2000 книги само на куманџиски дијалект, како и книги за Курдите на други јазици).

Веруваме во иднината на православното христијанство меѓу нашите народи, бидејќи Воскреснатиот Господ нè вдахна да го следиме овој пат. Се надеваме дека со реализација на сите наведени цели ќе им помогнеме на нашите народи да ја запознаат христијанската вера и да се обрнат кон неа, со што ќе стават цврста основа за идните локални црковни општини кон кои сите се стремиме.

Можете да донирате за овој мисионерски проект преку: Patreon.

Можете исто така да направите еднократна донација преку оваа сметка на PayPal: [email protected]

Извор: https://orthochristian.com/159157.html