На 10-ти февруари, кога светата Православна црква го празнува споменот на преподобниот Ефрем Сирин, на покана на игуменот на манастирот во Конџељ, Нишка епархија, а по повод неговиот именден, Неговото Преосвештенство епископот Делчевско-каменички г. Марко, отслужи Света Божествена Литургија во присуство на игумени од околните манастири и бројно свештенство.
Следниот ден, 36-та Недела по Педесетница, епископот Делчевско-каменички г. Марко, на покана на игуменот на манастирот во Суково, отец Серафим, богослужеше и проповедаше за време на Светата Божествена Литургија. На Богослужбата присутен беше многуброен народ. За време на ручекот епископот им се заблагодари на браќата монаси за топлото гостопримство.
Истиот ден епископот Марко, заедно со својата придружба, беше во посета на манастирот ,,Свети Јован Богослов” во Поганово, Нишка епархија, каде братољубиво беше дочекан од игуменот Мардариј.
Извор: Делчевско-каменичка епархија