Православната младина секоја година со нетрпение го очекува празникот на Сретението Господово. На тој ден, не само што се сеќаваме на значајни настани од историјата на спасението на човештвото, туку го прославуваме и Светскиот ден на Православната младина. Овој празник е востановен пред повеќе од триесет години од страна на меѓународната федерација на црковни младински организации – Синдесмос.
Братството на православната младина во Полска пред неколку години иницираше почеток на традиција за општополска прослава на овој празник. Прославата се организира во викендот што е најблиску до 15 февруари. Секоја година се одржува во различен град и во различна епархија. Оваа година, со благослов на Негово Високопреосвештенство Архиепископ Варшавски и на цела Полска Сава, полската прослава на Светскиот ден на православната младина се одржа во Краков, во периодот од 16 до 18 февруари.
Официјално отворање на прославата се одржа во петок, на 16 февруари, во Спортската сала „Столетие“ – Спортски Клуб Краковија. Во него учествуваа: Архиепископот Георгиј, Архиепископот Гжегож (Григориј) – старател на Братството на Православната младина во Полска, во име на Светиот архијерејски собор, епископот Атанасиј, епископот Варсонофиј – духовни старатели на парохиските и на епархиските братства, како и бројната младина. Присутните гости ги поздрави претседателката на Братството на Православната младина во Полска, Габриела Новашевска. Во името на собраните архијереи говореше архиепископот Гжегож, кој на младината ѝ го предаде поздравот од Високопреосветениот митрополит Сава, уверувајќи ја за неговите постојани молитви за сите млади луѓе. Архијерејот им посака плодно време поминато во Краков, потсетувајќи дека настанот треба да биде можност, не само за заемно среќавање на младите, туку, пред сè, за средба на младината со Господ. Значаен дел од свеченото отворање беше предавањето на игуменот Пантелејмон (Карчевски) од Православниот богословски факултет во Варшава. Темата на неговото предавање се однесуваше на одбележувањето на стогодишниот јубилеј од автокефалноста на Православната црква во Полска. Тој ги претстави малку познатите факти од историјата на источното и на словенско – јазичното христијанство во Краков, ставајќи ги во поширокиот контекст на историјата на православието во Полска и во контекст на стремежите за негова јурисдикциска независност.
Во одбележувањето на Светскиот ден на православната младина во Краков, учествуваше група од десетици гости од странство. Оваа година во Полска пристигнаа младинци од: Романија, Чешка, Словачка, Холандија, Соединетите Американски Држави и Германија.
Извор: https://www.orthodox.pl/obchody-swiatowego-dnia-mlodziezy-prawoslawnej-2024/