Во Софија одбележен празникот на свети Серафим Соболев, со учество на претставници од неколку помесни православни Цркви

На 26 февруари 2024 година, во храмот „Св. Николај“, кој е Подворје на Патријархот Московски и на сета Рус во Софија, беше свечено прославен споменот на свети Серафим (Соболев), архиепископ Богучарски – Софиски чудотворец.

На Литургијата началствуваше главниот секретар на Светиот Синод на Бугарската православна црква, епископот Мелнички Герасим. Нему му сослужуваа: старешината на Подворјето – протојереј Владимир Тишчук, претставникот на Православната црква на Чешките земји и на Словачка при Московскиот патријарх – архимандрит Серафим Шемјатовски, претставникот на Романската православна црква во Бугарија – ставрофорниот свештеноеконом Нелуц Опрја, протојерејот Алексиј Максимењук, јеромонахот Јустин Крстев од светогорскиот манастир „Зограф“, свештенослужителите од храмот „Св. Пантелејмон“ – протојереј Димитриј Тухчиев, свештеник Серафим Желев и ѓакон Александар Морозов, свештеникот Христо Пашов од храмот „Св. Николај Софиски“ и свештеникот Спиридон Николов од Ловченската епархија.

На сугубата ектенија (по читањето на Евангелието), беа произнесени прозби за единство на Православната Црква и за сочувување на Црквата од поделби и од расколи. Исто така, беа произнесени прозби и за здравје на Светејшиот Патријарх Бугарски Неофит. По сугубата ектенија беше произнесена молитва за возобновување на мирот. По задамвоната молитва беше отслужен молебен кон светиот Серафим.

По завршување на молебенот, старешината на Подворјето (протојереј Владимир Тишчук) се обрати со благодарствено слово, во кое меѓу другото кажа:

„На човекот му е својствено да бара потпора во животот, што би му помагала смело да ги надминува животните турбуленции и тешкотии, кои неизбежно се појавуваат кај секого од нас. А особено е важно да се најде во животот пример, па, угледувајќи на него, да најдеш сила и спокој. Ете, денес токму таков човек и нѐ собра под сводот на овој прекрасен и на сите омилен храм. Свети Серафим живеел во многу потешко и посложено време од нашево. Меѓутоа, силата на неговата вера му помогнала не само достојно да го изоди тој пат, туку на истиот да им даде поддршка на илјадници други луѓе.“

По обраќањето, тој му подари на Мелничкиот епископ Герасим архијерејска панагија и крст.

Епископот Герасим му се заблагодари на протојерејот Владимир, и ја нагласи важноста на заедничкото молитвено собрание во чест на празникот.

„Денес сите ние се собравме за да го одбележиме споменот на свети Серафим. Тој е светител, кој секогаш ги услишува нашите молитви. Секој од нас, кој уште од детска возраст доаѓал во криптата на светителот, знае дека тој навистина го слуша секого и се грижи за сите, како родител за децата“ – истакна Мелничкиот епископ Герасим.

По благодарствените молитви, во криптата на храмот (кај моштите на светителот) протојерејот Алексеј ги благослови присутните преку помазување со осветено масло. На крајот од богослужбата, гостите беа поканети на послужување.

Извор: http://podvorie-sofia.bg/праздничная-литургия-в-день-памяти-св-2/