Називи на Литургијата
Во Новиот Завет се запазени различни називи за Литургијата. Називот „литургија“ е малку подоцнежен, а уште од самиот почеток најчесто употребуван термин е „евхаристија“, што во превод од грчки јазик: значи „благодарење“. Ова е така, затоа што принесувајќи Му ги на Бога даровите кои Тој ни ги возвраќа како тело и крв Христови, ние Му благодариме за сиот Негов домострој и за сета Негова љубов пројавена кон нас. За првпат како Света Тајна, Евхаристијата е опишана во списот Дидахи (1-2 век). Други називи што ги среќаваме во Новиот Завет се следниве: прекршување леб[1], Господова вечера[2], вечера на љубовта[3]. Подоцна таа се опишува како: принос, трпеза Господова, анафора, собрание итн.
Суштина на Литургијата
Литургијата е централна и најважна Света Тајна на Црквата. Всушност, таа е Тајна над Тајните и единствена Света Тајна на Црквата. Сите свештенодејствија и Свети Тајни се поврзани и се извршуваат со и во склоп на Литургијата. Ова се гледа и од фактот дека во древноста сите Свети Тајни се извршувале како дел од Литургијата. Пред сѐ, Литургијата е Света Тајна која им дава можност на христијаните да се соединат со Господ Исус Христос, а преку Него и со останатите членови на Црквата. Како Света Тајна, Евхаристијата содржи два најзначајни моменти: претворање на лебот и виното во тело и крв Христови и причестување на сите присутни со претворените дарови.
Истовремено, светата Литургија е жртва, која е принесена за сите живи и упокоени христијани. Таа е актуализација на онаа единствена жртва, која Господ Исус Христос Му ја принел на Отецот преку Својата крстна смрт на Голгота заради сите и за сѐ. Според тоа, Литургијата не е ниту нова жртва, како што тврдел средновековниот католицизам, ниту, пак, обичен спомен за Голготската жртва, како што тврдат протестантите, туку таа е истата жртва што Господ еднаш-засекогаш ја принел за целото човештво. Така, Литургијата е жртва, но бескрвна! Жртвениот карактер е во нејзината основа и ја става во тесна врска со догмата за искупувањето. Според сфаќањето на старите народи, оние кои јадат од жртвопринесените животни, влегуваат во општење со божеството, кому се принесени жртвите. Во Евхаристијата, пак, Самиот Господ Исус Христос се принесува за искупување на гревовите на целиот свет. За првпат жртвениот карактер на Евхаристијата е откриен во зборовите што Христос им ги упатил на жителите на Капернаум: Лебот, што Јас ќе ви го дадам, е Моето тело, кое ќе го дадам за живот на светот…[4] Кај отците на Црквата од 4 век, поимот за евхаристиска жртва станува поконцизен и поконкретен.
Литургијата е своевидна пројава на единството на Црквата како Богочовечки организам. Преку Евхаристијата се остварува единството на Господ Исус Христос со Неговото тело – Црквата, односно со христијаните како членови/органи на тоа тело. Во секое евхаристиско собрание е целиот Христос, а не дел од Него и затоа во секоја Евхаристија се остварува потполно есхатолошко единство на целата Соборна Црква во Христос. Затоа, учеството во Евхаристијата е единствениот начин за водење вистински плодоносен и спасителен духовен живот. Во и преку Евхаристијата се остварува и меѓусебната врска на членовите на Црквата, согласно зборовите на свети апостол Павле: Еден леб, едно тело сме ние многуте, бидејќи се причестуваме од еден леб… [5].
Литургијата е спомен, согласно Христовите зборови: …ова правете го во Мој спомен[6]. Таа е спомен на Неговото искупително дело. Подоцна, околу идејата за Литургијата како спомен било развиено учењето за таинственото и симболично претставување во неа на сите поважни настани од земниот живот на Спасителот.
Литургијата има силно нагласен есхатолошки карактер. Таа е заедничката трпеза, опишана во некои од Христовите параболи како свадбена прослава, на која Тој е младоженец и прислужник[7]. На таа идна заедничка трпеза во Царството Божјо ќе седнат сите кои веруваат во Него[8]. Есхатолошкиот карактер на Евхаристијата јасно се прикажува во Христовите зборови на Тајната вечера: И ви велам, дека отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден кога ќе пијам нов со вас во Царството на Мојот Отец…[9]
Литургијата има благодарствен карактер и токму поради тоа го носи називот Евхаристија. Таа е Божји дар за паднатото човештво, а истовремено е израз на благодарност кон Бога за сите знајни и незнајни доброчинства. Во голем степен нејзиниот благодарствен карактер бил наследен од јудејската богослужбена традиција.
На Тајната вечера Самиот Христос ја извршил Евхаристијата, принесувајќи ги Своите тело и крв за осветување и за спасение на луѓето, за отпуштање на гревовите и за вечен живот. Оваа Света Тајна ја примиле и ја предале апостолите, а Црквата продолжува да ја извршува во спомен на Господ, додека да дојде[10].
Користена литература:
1. Архимандрит Авксентий, Литургика (част 3), Пловдив 2008.
2. Ιωάννου Μ. Φουντούλη, Λειτουργική Α΄, Θεσσαλονίκη 2000
3. Благой Чифлянов, Православна Литургика, София 2008.
[1] Дела 20, 7.
[2] 1Кор 11, 20.
[3] Јуда 1, 12
[4] Јн 6, 51.
[5] Ефес 4, 5.
[6] Лк 22, 19.
[7] Сп. Мт 25, 1 и Лк 12, 37.
[8] Сп. Мт 8, 11.
[9] Мт 26, 29.
[10] Сп. Лк 22, 19 и 1Кор 11, 24-26.