Фотографија: church.ua
На 10 април 2024 година, во манастирот „Св. Пантелејмон“ во Теофанија, во Киев, се одржа седница на Светиот архијерејски синод на Украинската Православна Црква (УПЦ). Со седницата претседаваше Претстоителот на УПЦ, Блаженејшиот Митрополит Киевски и на цела Украина Онуфриј.
Пред почетокот на седницата, Блеженејшиот Митрополит Онуфриј и членовите на Синодот присуствуваа на Литургијата на претходно осветени дарови во храмот „Сите светители“. На Литургијата беа принесени молитвени прозби за мир во Украина, за нејзиниот народ, за властите и за војската, за жртвите од војната и за оние кои им помагаат на оние што имаат потреба од помош.
Членовите на Синодот го разгледаа прашањето за моменталната ситуација во врска со запазувањето на правото на слобода на вероисповест на верниците и на религиозните организации на Украинската православна црква. Во врска со нарушувањата на тоа право, Синодот одлучи за тоа да ги информира помесните Православни Цркви, странските држави и меѓународните организации за човекови права. На седницата стана збор и за нацрт-законот бр. 8372 „за внесување измени во некои закони на Украина во врска со дејноста на религиозните организации во Украина“, чиј иницијатор е Кабинетот на министри на Украина (за што веќе известивме). Овој нацрт-закон предизвикува особена вознемиреност кај верниците. Исто така, на седницата беше усвоен текст на изјавата на Синодот, во кој се изразува ставот на Црквата во врска со нарушувањето на правото на слобода на вероисповест на верниците и на религиозните организации на УПЦ.
„Под изговор за заштита на националната безбедност, одредбите на нацрт-законот се насочени не само кон ликвидација на Украинската православна црква, која е најголема религиозна заедница во нашата земја, туку и кон нарушување на фундаменталното право на слобода на вероисповест, кое државата го гарантира за секој нејзин граѓанин“ – се вели во изјавата.
Според мислењето на синодските архијереи, нацрт-законот е насочен кон мешање во внатрешната дејност на религиозните организации на УПЦ. Во врска со тоа, Светиот Синод ги повика пратениците од украинскиот парламент да не го усвојуваат овој нацрт-закон. Членовите на Синодот сметаат дека наведениот нацрт-закон е таков, што може да придонесе за разгорување на религиозно непријателство и на религиозна нетрпеливост.
Потоа, Светиот Синод го потврди основањето на новиот машки манастир (во Харковската епархија), кој е посветен на Богородичната икона Брзопослушничка. Исто така, беше потврдено основањето и на женскиот манастир „Св. Троица“ во селото Буковцево.
На седницата беа избрани и двајца нови епископи, од кои едниот ќе биде викарен во Киевската, а другиот во Одеската епархија.