Деноноќен циклус на богослужби

Богослужбите што се извршуваат во одредени часови од деноноќието го сочинуваат деноноќниот (секојдневен) богослужбен циклус. Тие се извршуваат во храмот, според востановениот ред, во присуство на црковната заедница предводена од настојателот (епископ или свештеник) и токму поради тоа се разликуваат од личната молитва. Востановувањето на повеќето од богослужбите на деноноќниот циклус се случило под влијание на јудејската богослужбена пракса. Секој ден во Соломоновиот храм, во Ерусалим, биле извршувани три богослужби: утринска, пладневна и вечерна[1]. На утринското и на вечерното богослужение било принесувано јагне како жртва, а на пладневното – пченично брашно и елеј.

Господ Исус Христос и Неговите ученици го посетувале храмот и земале учество во јудејското богослужение. Свети апостол Петар се молел во шестиот час[2]. Светите апостоли Петар и Јован влегле во храмот во деветтиот час[3]. Авторот на ранохристијанскиот спис „Учењето на дванаесетте апостоли – Дидахи“ (2 век) им порачува на христијаните да ја кажуваат Господовата молитва трипати дневно, веројатно, во веќе определени молитвени часови. Најраниот богослужбен циклус бил под силно влијание на јудејската богослужбена традиција и се содржел само од три служби: навечер и наутро и напладне ќе се молам[4]. Појавата и утврдувањето на шест богослужби во деноноќниот циклус се случило подоцна, а тие биле поврзани со одделувањето на христијанското богослужение од јудејската традиција. Тоа конечно било направено во почетокот на 2 век. За тоа придонеле гонењата што Јудејците ги презеле против христијанските заедници, а, исто така, и примањето на христијанството од страна на голем број нејудејци. Евхаристијата била одделена од таканаречените вечери на љубовта (агапи) и била преместена да се извршува наутро. Тоа прво се случило во Западната, а подоцна и во Источните цркви. По формирањето на Новозаветниот канон (27-те книги на Новиот Завет), бил воведен редослед за негово читање на молитвените собранија. Проповедта станала нераскинлив дел од богослужението.

Во следните два века агапите (вечерите на љубовта) се претвориле во добротворни собранија и ја загубиле својата првобитна смисла, па постепено исчезнале. Нивното извршување било изрично забрането на Лаодикискиот собор во 363 година. Вечерното богослужение, во тој период, го вклучува пеењето на Господи воззвах…[5], Ниње отпуштаеши раба Твоего, Владико…[6] и ектенија за огласените. Во содржината на утринското богослужение влегувале 62 псалм (кој подоцна станал јадро за оформување на шестопсалмието), славословие и молитва на епископот или на свештеникот. Во истиот период, завршна форма добил и Првиот час. Се појавиле и почетни форми на сеноќно бдение, кои немале заеднички облик со денешните. Богослужението во парохиските храмови било самостојно и независно од она кое се извршувало во манастирите.

Периодот помеѓу 6 и 8 век бил исклучително значаен во однос на формирањето на бројот, редоследот и содржината на богослужбите од деноноќниот циклус. Во тој период бил создаден поголемиот дел од манастирските богослужбени типици. По Седмиот вселенски собор (787 г.), тие навлегле во употреба и во парохиските храмови. Создадени биле голем број тропари, стихири, кондаци и сѐ уште неразвиени канони, составени од две или три песни.

Својата завршна форма богослужбите од деноноќниот циклус ја добиле дури во почетокот на 11 век. Кондаците им го отстапиле местото на каноните со девет песни, а пораснал и бројот на тропарите. Особена улога во конечното дооформување на деноноќниот богослужбен циклус одиграло братството на Студитскиот манастир, чиј типик брзо се раширил низ целиот христијански Исток.

Согласно денешниот важечки типик, деноноќниот богослужбен циклус се состои од следниве богослужби: Вечерна, Повечерие, Полуноќница, Утрена, Први час, Трети час, Шести час, Деветти час и Изобразителна. Во византискиот период тие биле групирани во три групи од по три богослужби. Првата група ја сочинуваат: Деветти час, Вечерна и Повечерие; втората група: Полуноќница, Утрена и Први час и третата група: Трети час, Шести час и Изобразителна (и потоа Литургија, во деновите кога било предвидено нејзино служење). Сите овие богослужби произлегле од големите монашки центри околу Ерусалим и Константинопол, па затоа претставуваат монашки богослужби.

За прво богослужение од деноноќниот циклус се смета Вечерната богослужба, затоа што, според јудејската традиција, деноноќието започнувало со залезот на сонцето. Вечерната била поврзана со последната богослужба од секојдневниот циклус – Деветтиот час. Не постои ден во годината, во кој не се извршуваат богослужбите од деноноќниот циклус!

Секое од овие богослуженија има неколку различни форми. Вечерната може да биде со или без вход; повечерието има две форми: мало и големо; полуноќницата може да биде: секојдневна, саботна, неделна или празнична; утрената е обична, воскресна или празнична, а часовите се обични или царски.

Делење на деноноќието

Деноноќието се состои од светол дел (ден) и темен дел (ноќ). Во јудејската традиција ноќта му претходи на денот, а во римската е обратно. Во почетокот на христијанската епоха, и денот и ноќта биле поделени на дванаесет часа. Во Римската империја ноќта била поделена на четири стражи, а нивната смена се означувала со трубен звук. Таа поделба ја заменила претходно постоечката поделба на три ноќни стражи, спомната во Библијата. За ноќни стражи, како начин на мерење на времето, се спомнува и во новозаветните книги[7].

Изгревот на сонцето бил сметан за дванаесетти час од ноќта, а залезот на сонцето бил сметан за дванаесетти час од денот. Првиот час од денот бил првиот час по изгревот на сонцето. Според тоа, првиот час одговара на денешниот 6 час наутро, третиот час е 9 часот претпладне, шестиот час е 12 часот напладне, а деветтиот час е 15 часот. Согласно ваквото сметање на времето се извршуваат и богослужбите од секојдневниот циклус.


Користена литература:

1. Архимандрит Авксентий, Еортология (история на православните празници и пости), Пловдив 2012.

2. Ιωάννου Μ. Φουντούλη, Λειτουργική Α΄, Θεσσαλονίκη 2000

3. Благой Чифлянов, Православна Литургика, София 2008.


[1] Сп. 4 Мојс 28, 2-8.

[2] Сп. Дела 10, 9.

[3] Сп. Дела 3, 1.

[4] Пс 54, 18.

[5] Сп. Пс 140, 1.

[6] Сп. Лк 2, 29.

[7] Сп. Мт 14, 25; Мк 6, 48; Лк 12, 38