Пастирско слово од Митрополитот Нектариј Керкирски: Дали сè уште ја заслужуваме слободата?

Фотографија: imcorfu.gr

Празникот Благовештение, кој во Грција, според новиот календар, беше прославен завчера, на 25 март, е национален празник на Грција, ден кога е кренато ослободителното востание против Отоманското ропство, во 1821 година.

Во својата беседа на празничната Божествена Литургија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Крф г. Нектариј, помеѓу останатото, истакна:

„Радоста е карактеристичната особина која го преплави човештвото, бидејќи згасна непријателството што се имаше развиено помеѓу Бога и луѓето, заради непослушноста и падот што следеше. Оваа радост е плод на Светиот Дух, која човекот ја искусува во Христа.

Освен тоа, слободата што Бог ја дава го ослободи човекот, кој дотогаш беше заробеник на гревот и на распадливоста. Така требаше да се збидне, според Тајната на Божествениот Домострој, и затоа ипостасното соединување се одвива неслиено, непроменливо, неодвоиво, непроменето и неразделно. Значи, имаме совршен Бог и совршен човек, истовремено, во втората Личност на Светата Троица – Исус,  Кој е Помазан од Бога Отецот.

На друго ниво, радоста за нашата земја и за слободата е двојна, затоа што самиот Бог ја обезбедил, очекувајќи богољубивиот народ да си ја врати радоста и слободата по четиривековно сурово и нечовечко ропство. Денес, пак, размислуваме, дали продолжуваме да ја заслужуваме оваа чест на радоста и на слободата, затоа што како православен народ, последните показатели се многу поинакви и отстапуваат од светоотечкото учење, од традициите, од грчкиот православен етос и од примерот на борците од 1821 година.“

Митрополијата на Крф пред скоро време ги отстрани од Светата Тајна Причест пратениците од таа област кои гласаа за нацрт-законот за бракот и посвојувањето на деца од страна на истополови двојки, за што веќе известивме.

Извор: https://imcorfu.gr/η-εορτη-του-ευαγγελισμου-στην-κερκυρα/