Подвижни црковни празници

Подвижните годишни празници се поврзани со Велигден. Во зависност од датумот на празнувањето, тие се одбележуваат во еден и ист ден од седмицата, но на различен датум. Празникот Цветници се одбележува во недела, една седмица пред Велигден. Вознесение Христово е секогаш во четврток, 40 дена по Велигден итн.

Воскресение Христово (Велигден / Пасха)

Празникот Пасха бил востановен во старозаветниот период, во спомен на избавувањето на еверјскиот народ од египетското ропство (сп. 2. Mojс. 12, 23-27). Тоа е најстариот израилски празник. Зборот „песах“ означува: „премин“ или „одминување“.

Во новозаветната епоха, празникот Пасха е поврзан со Христовото Воскресение. Уште од самото востановување на празникот, изникнале полемики во врска со денот на неговото празнување. Поголемиот дел од Западните цркви (Римска, Картегинска и др.) настојувале празникот да биде во недела, односно да биде подвижен празник. Тие се повикувале на свети апостол Јован и на 7. апостолско правило, кое вели: „Епископ, презвитер или ѓакон, кој го празнува светиот ден Пасха пред пролетната рамноденица, заедно со Јудејците – да биде расчинет.“ Од друга страна, малоазиските цркви, со центар во Ефес, настојувале одбележувањето на Христовото воскресение да биде на 14 нисан, заедно со Евреите. Тие противречности прераснале во таканаречени пасхални спорови, кои биле прекратени со одлуката на Првиот вселенски собор (325 г.) за заедничко и истовремено празнување на Велигден. Оттогаш Христовото воскресение се одбележува во првиот неделен ден после пролетната рамнодневица.

Во многу типици не бил определен часот, туку само се забележувало дека велигденското богослужение започнувало „во рани зори“. Со многу малку исклучоци, денес сите Цркви го празнуваат Велигден на полноќ.

Христовото Воскресение е најстариот христијански празник. За него зборува и свети апостол Павле[1]. Уште од најрано време, на неговото празнување му претходел пост. Обврската за пресметување на датумот за празнување на Велигден го имала Александриската црква, бидејќи Александрија била прочуена по своите образовани астрономи. Секоја година Александрискиот Патријарх им испраќал пасхални писма на Поглаварите на останатите помесни Цркви, известувајќи ги за датумот на Велигден и на празниците, кои се поврзани со него.

Во првите христијански векови, на велигденската ноќ биле извршувани крштевања на огласените, а Евхаристијата (Литургијата) била поврзана со вечера на љубовта (агапи). Како празник над празниците, Велигден не бил вклучен во бројот на дванаесетте Господови и Богородични празници. Постепено, околу него се оформил цел празничен циклус,што започнувал четириесет дена претходно, а завршувал шеесет дена по празникот. Во византискиот период, вечерта на Велика сабота започнувало пасхалното бдение, кое било едно од најторжествените богослуженија во Источната црква. Истовремено, тоа е и најстарата форма на сеноќно бдение. Бдението се состоело од: Вечерна богослужба (на која биле крштевани огласените), Василиева Литургија (на која новокрстените за првпат се причестувале), читање на новозаветната книга Дела Апостолски, пасхална Полуноќница, Утрена богослужба и Златоустова Литургија. Согласно со традицијата од почетокот на византискиот период, во ноќта на Воскресението, сите присутни имале право да се причестат, без некоја посебна подготовка. Оваа практика јасно е изразена во огласителното слово на свети Јован Златоуст (+407).

Светла седмица

Светлата седмица започнува непосредно по Велигден, а трае до Томина недела. Богослуженијата во таа недела се релативно кратки. Всушност, секојдневниот богослужбен циклус е велигденски. Овие седум дена се сметаат како еден единствен осми ден и претставуваат образец на невечерниот ден на Царството Божјо. Во секојдневните богослужби на оваа седмица, многу е ограничена употребата на Псалтирот, а преовладуваат воскресни тропари.

Вознесение Христово

Овој празник е востановен во 4 век, во спомен на Христовото Вознесение[2]. Тој претставува печат на Христовото земно дело и издигнување на човечката природа на небесата. Востановувањето на овој празник, најверојатно, е поврзано со осветувањето на храмот, посветен на Вознесението. Тој храм го подигнала царицата Елена[3]. Најрани сведоштва за празникот имаме во 4 век, во делото За празникот Пасха, од Евсевиј Кесариски (+339). Првобитно, празникот бил определен како „четириесетти ден по Пасха“, а дури по 5 век се именува како Вознесение Христово. Се празнува во четврток од шестата седмица по Велигден, а одданието му е во четврток од следната седмица.

Педесетница

Заедно со Велигден, Педесетница е најстариот христијански празник. Во јудејската богослужбена традиција постои празник со истото име. Тој бил поврзан со принесувањето на првите собрани плодови, а подоцна со давањето на Законот на планината Синај. Се среќава и како: празник на седмиците[4] или како празник на жетвата на првите плодови.[5] За овој празник се спомнува во Првото послание на свети апостол Павле до Коринтјаните[6] и во книгата Дела на апостолите.[7] Уште од длабока старост, овој празник бил сфаќан на два начини: како ден во кој Светиот Дух слегол врз апостолите и како 50-дневен празничен период по Христовото Воскресение. Тој бил одбележуван и како празник на Светиот Дух. Заедно со другите големи Господови празници, Педесетница е празник на кој биле извршувани крштевања на огласените. На овој ден, крштевање примале сите оние огласени, кои поради некоја причина не биле крстени на Велигден.

Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите завршува искупувањето на човечкиот род. Истовремено, Педесетница се смета за роденден на Црквата како Тело Христово.  На овој ден таа ги прима благодатните дарови на Светиот Дух.

Првите сведоштва, што ги имаме, за одбележување на христијанската Педесетница потекнуваат од 3 век. Свети Иринеј Лионски (+202 г.) спомнува за практиката во текот на 50-дневниот период по Велигден да не се коленичи, но не зборува ништо за празник на крајот од тој период. Во својот „Патопис“, монахињата Егерија забележува дека во текот на 50-дневниот период по Велигден никој не пости. Според неа, во првиот ден по Педесетница започнува пост со траење од една седмица. Свети Роман Слаткопевец (6 век) составил кондак и икоси за празникот. Најстарата служба за празникот, што е стигната до нас, се наоѓа во Ерусалимскиот грузиски канонар (7 век). Богослужбениот чин, сличен на денешниот, првпат се среќава во типикот на Големата Христова црква од 9 век.

Богослужението на Педесетница е под силно влијание на велигденското. Утринското Евангелие не е воскресно, се чита од светите двери и не се изнесува за поклонение. На утрената богослужба има два канона. На големата ектенија од вечерната богослужба  се додаваат неколку дополнителни прозби. Входот се прави со кадилница, а не со Евангелие. Педесетница е единствен од големите празници кој нема претпразненство.

Постилањето на ореови лисја во храмот се темели врз старозаветните укази[8]. Веројатно така била украсена и сионската горна одаја, каде што Светиот Дух слегол врз апостолите. По входот на Вечерната богослужба и големиот прокимен, низ целиот храм се постилаат ореови лисја. За ваква традиција спомннува и свети Јован Златоуст во неговата втора беседа за Педесетница: „Да празнуваме согласно со достоинството на благата што ни се дарувани, не со поставување венци на вратите, туку со украсување на душите…“ Со коленичење на сите присутни, свештенослужителот ги чита молитвите, чиј автор е свети Василиј Велики.

Понеделникот по Педесетница е посветен на Светиот Дух. Тоа е празник со релативно нов происход и не бил одбележуван торжествено, поради неговата близина со друг голем празник.


Користена литература:

1. Архимандрит Авксентий, Еортология (история на православните празници и пости), Пловдив 2012.

2. Ιωάννου Μ. Φουντούλη, Λειτουργική Α΄, Θεσσαλονίκη 2000


[1] Сп. 1Кор 5, 7-8.

[2] Сп. Дела 1, 1-11.

[3] Мајка му на св. Константин Велики.

[4] Сп. 2Мојс 34, 22.

[5] Сп. 2Мојс 23, 16.

[6] Сп. 1Кор 16, 8.

[7] Сп. Дела 20, 16.

[8] Сп. 3Мојс 23.