Одговори на литургиски недоумици, прашање бр. 170: за входот

Дали е правилно входот на Евангелието, односно на Божјото слово, да се нарекува „мал“, а входот на неосветените дарови „голем“? Зарем Божественото и свештено Евангелие се смета за помало од обичните леб и вино?

Епитетите „мал“ и „голем“, што денес се употребуваат за определување на двата  входа на Литургијата, се подоцнежни. До 13. век, за означување на денешниот „мал“ вход ракописите ги употребуваат следниве термини: „вход“, „прв вход“, „вход на патријархот“ или „на архијерејот“, „вход со Евангелие“, „влегување“, „правење вход“ и др. За пренесувањето на даровите дури и не се употребува називот „вход“. Меѓутоа, терминот „прв вход“, што се среќава кај свети Максим Исповедник (Мистагогија, 8 – 9) и во ракопис од 12. – 13. век, остава простор да се подразбере дека и пренесувањето на даровите, иако така не се именувало, сепак се сметало како „вход“ во тој период. Самиот термин, со денешната смисла, за првпат се употребува во едно издание „Поредок на Божествената Литургија“ од 12. – 13. век. Во него „првиот вход“ се споредува со „големиот вход“. Во изданието „Поредок на Божествената Литургија“ од Филотеј за првпат ги наоѓаме термините во нивната денешна форма и смисла. „Мал вход“ се нарекува входот на Евангелието, а „голем вход“ се нарекува входот на чесните дарови. Од „Поредокот“ на Филотеј термините влегле и во нашите литургиски текстови.

Од подоцнежното воведување на овие два термини може да се протолкува и причината поради која тие епитети се употребиле за да се направи разлика помеѓу едниот и другиот вход. Како што видовме, првично вход се нарекувал само денешниот „мал вход“, затоа што само тој постоел. Тоа било навистина вход[1]. Не било како денес – само влегување на свештенослужителите во жртвеникот, туку заедно клирот и народот со литија влегувале во храмот. Свети Максим за овој вход вели: „првото влегување на архијерејот во светата црква за време на свештеното собрание… Влегување на народот со ерархот во црквата“. Тежината не паѓала врз Евангелието, па затоа  и не се нарекувал „вход на Евангелието“, туку „со Евангелието“. Евангелието се носело само кога требало да се прочита дел од него на богослужбеното собрание. Неговото пренесување се извршувало од чисто технички причини, односно затоа што се наоѓало во ѓакониконот или во просторијата за чување на богослужбени предмети, која се наоѓала во атриумот, надвор од главниот дел на храмот. Таму свештениците ги облекувале одеждите, го земале Евангелието доколку било предвидено читање од него, па заедно клирот и народот со литија влегувале во храмот. Пред вратата на храмот се читала молитвата за влегување и се благословувала вратата. „Вход на светите“, односно влегувањето во храмот е најверојатната смисла на благословот: „Благословен е входот на Твоите свети…“). Во една стара молитва на входот, која е постара од денешната и се чува во најстариот Византиски Евхологиј „Берберинскиот кодекс 336“ од 8. век, во Златоустовата Литургија има јасна асоцијација за влегување на клирот и на народот, односно на целокупната црква во храмот: „Доброчинителу и Создателу на секое создание, прими ја црквата која пристапува…“. Отприлика истата молитва со истата асоцијација ја има на истото место во Јакововата Литургија. Меѓутоа, ни во оваа, ни во денешната молитва „Владико, Господи Боже наш, Кој на небесата…“ не постои никаква асоцијација за Евангелието. Вторава молитва претпоставува подоцнежен развој на Литургијата. Како и денес, народот влегувал порано во црква, а свештеникот ја подготвувал проскомидијата за време на пеењето на првите два антифони на Литургијата. Само свештениците влегувале со Евангелието во олтар поради читање од него, односно поради дидактичкиот дел на Литургијата. Оваа пракса е сочувана на Архијерејската Литургија. Во тој момент за првпат архијерејот влегува во олтар, за да го заземе своето место заедно со клирот на синтронот, од каде ги следееле читањата и проповедта. Поновата молитва зборува само за влегување на клирот, и тоа не во храмот, туку во олтарот. Благословот не се упатува кон царската врата на храмот, туку кон дверите на олтарот. Дури во тоа поново време терминот „вход“ има буквално значење само на тоа влегување во олтарот. Влегувањето на клирот сѐ уште било „со Евангелието“, а не влегување „на Евангелието“.

Како што видовме, за пренесувањето на даровите првично не се употребувал терминот „вход“, затоа што воопшто и не се работело за влегување. Пренесувањето на наједноставен начин го правеле самите ѓакони, кои ги одбирале најсоодветните дарови за жртвата и ги пренесувале на жртвеникот. Таму, како и денес, ги пречекувал епископот. Подоцна, односно околу 6. век, приносот на даровите почнал да се извршува со голема торжественост. Во него почнале да земаат учество свештениците, понискиот клир и императорот со неговата свита. Значи, се правела вистинска литија. Но, архијерејот останал на своето старо место, пред жртвеникот, и таму ги прифаќал чесните дарови, односно приносот на Црквата. Впрочем, на Архијерејските Литургии тој е литургот. Тогаш било побарано и име за оваа процесија, па била наречена „вход“, како и првата. Меѓутоа, наречена е „голем вход“ поради нејзината торжественост наспроти „првиот“, „малиот“ вход, кој во споредба со вториот ја загубил својата првична торжественост, заедно со својата практична цел. Свештениците и пред овој вход веќе се наоѓале во олтар, а Евангелието уште пред входот веќе било поставено на светата трпеза. Меѓутоа тој вход останал како литија, но акцентот паднал на евангелието, затоа што веќе не претставувал вистинско влегување на свештениците во олтарот. Па така, станал „вход“ не веќе „со“, туку „на“ Евангелието. А „мал“ затоа што ја немал торжественоста на „големиот“.

Симболиките, кои во подоцнежно време им се дадени на двата входа, биле за да ја утврдат и оправдаат едноставноста на првиот во однос на торжественоста на вториот. Така, малиот вход се прикажува како да ги изобразува Господовото „појавување на Јордан“ (Софрониј, Теодор Андидски), првото Христово појавување во светот (Максим), Христовото доаѓање, влегувањето во светот и појавувањето на Јордан (Герман), „Господовото покажување… кога почнал да се појавува“ (Кавасила), или Воскресението и Вознесението (Симеон). Наспроти тоа, според истите византиски толкувачи на Литургијата, големиот вход се поврзува со пославни и посвештени настани: Христовата дејност во светот до погребението (Софрониј), триумфалното влегување во Ерусалим (Софрониј, Герман, Теодор Андидски, Кавасила), пренесувањето на неговото тело (Герман), или страшното и славно второ Негово доаѓање (Симеон).

Од она што го наведовме, мислам стана јасно дека термините „мал“ и „голем“, кои денес ги карактеризираат входовите на Литургијата, не се должат на важноста на она што се пренесува на нив (Евангелие – Христос, дарови – обрасци), туку на историското образување и на развојот на овие два входа.

Повеќе за оваа тема може да се види во делото на о. Џ. Матеос, „Малиот вход на Божествената Литургија“, издание на „Григориос Паламас“, том 56 (1973), стр. 356 – 381. 


Извор: Απαντήσεις εις λειτουργικάς απορίας Β΄(151 – 300), Ιωάννου Μ. Φουντούλη, Αποστολική διακονία της Εκκλησίας της Ελλάδος, Έκδοση Ε’ Αθήνα 2006 г., стр. 46 – 50.


[1] Словенскиот збор „вход“ значи „влегување“. (заб. на прев.)

Јован Фундулис е еден од најистакнатите литургичари на 20. век. Роден е на островот Лезвос во 1927 година. Студирал на Богословскиот факултет во Атина, на Универзитетот Леувен во Белгија, во Трир, и на Литургчкиот институт Мон-Сезар. Во периодот од 1969 до 1996 година бил професор на Богословскиот факултет во Солун. Бил управник и на Патријаршискиот институт за светоотечки студии. Има објавено голем број трудови, а извадоците објавени во овој број се од 5 – томното издание „Одговори на литургички недоумици“, кое се содржи од одговори на прашања што му ги поставувале свештеници во врска со различни литургички теми. Јован Фундулис се упокои на 24 јануари 2007 година.