Одговори на литургиски недоумици, прашање бр. 236: за молитвата „Цару Небесен“

Дали молитвата „Цару Небесен“ се кажува пред возгласот „Благословено е царството…“ на Литургија?

Според праксата што владее денес, свештеникот ја кажува молитвата „Цару Небесен“ пред возгласот за почеток на Литургијата, односно пред „Благословено е царството…“. Колку што знам, првото сведоштво за тоа се среќава во кодексот од Патмос 719 од 13. век, и во „Поредок на Божествената Литургија“ од Константинополскиот Патријарх Филотеј (14. век). Во второво дело оваа пракса сѐ уште не е целосно зацврстена, бидејќи свештеникот имал можност да одбере помеѓу „Цару Небесен“ и „Слава на Бога во висините“ („свештеникот и ѓаконот, застанувајќи заедно пред светата трпеза, се поклонуваат трипати и молејќи се говорат Цару Небесен или Слава на Бога во висините двапати и еднаш  Господи, отвори ми ја устата…)[1] . Од постари кодекси немаме сведоштва во врска со ова прашање. Делото „Поредок на Божествената Литургија“, кое се наоѓа во кодексот на Атинската национална библиотека под број 662 (12. – 13. век), детално ги опишува подготвителните дејствија на свештеникот, но не спомнува ни збор за кажување на молитвата „Цару Небесен“. Значи, согласно со овие податоци молитвата „Цару Небесен“ е вметната во овој дел од Литургијата околу 12. век, и тоа не генерално. Нејзиното вметнување се должи на тогашниот тренд за додавање во Литургијата на разни дополнителни елементи, како што се: стихови од псалми, дијалози помеѓу свештеникот и ѓаконот, и тропари, кои имаат главно подготвителен карактер за свештенослужителот. Такви елементи имало од почеток, а постојат и денес во начелниот текст на Литургијата, како на пример: молитвата „Никој не е достоен…“ пред светотаинскиот дел на Литургијата, молитвата пред „Оче наш“, Господовата молитва, молитвата на главоприклонението и „Господи Исусе Христе, обрни внимание…“ пред причестувањето, итн. Но, кога поради континуираната употреба овие елементи ја загубиле својата првична тежина, се побарале други начини за подготовка, кои како понови биле и повпечатливи. Таквиот тренд дошол во период на голема егзалтираност, така што во многу подоцнежни ракописи првичниот текст на Литургијата е препокриен со тропари, молитви, стихови и други елементи, чие вметнување понекогаш се правело и неумесно, како на пример вметнувањето на тропарот на Третиот час „Господи, Кој Твојот Пресвет Дух…“ пред епиклезата. За среќа, во печатените текстови не се сочувани сите овие вметнувања.

Конкретно, молитвата „Цару Небесен“ е воведена како призив кон Светиот Дух, со цел свештеникот да се удостои преку Неговата благодат за извршување на Светата тајна. Според тоа, поставена е пред благословот кој го означува почетокот на извршувањето на Светата тајна. Можеби во истиот период, поради истите богословски причини, молитвата „Цару Небесен“ е додадена и на почетокот на првата богослужба од секоја група на деноноќниот богослужбен циклус, кога ослабнала или се заборавила причината поради која првично го поставувале 50. псалм на почеток од богослужбите, или кога поради подоцнежните додавки овој псалм веќе не бил на почеток од богослужбата. Така, со 50. псалм започнувале Полуноќницата, Утрената и Повечерието. Овој псалм имал подготвителен карактер поради нагласеното покајно чувство што владее во него и поради призивите кон Светиот Дух кои се содржат во него (и Дух прав обнови во утробата моја… и Духот Твој свет не одземај Го од мене… и со Дух владичествен утврди ме… Господи, усните мои отвори ги...[2]). Молитвата „Цару Небесен“ влегла подоцна на почеток од Полуноќницата, од Утрената кога не е поврзана со Полуноќницата, од Третиот и Деветтиот час. Разликата е во тоа што во овие богослужби молитвата нашла место по благословот за почеток, а на Литургија претходно, веројатно затоа што овој дел од Литургијата веќе бил комплетно формиран и не било лесно да претрпи нови измени, за разлика од претходно наведените богослужби.

Во секој случај, треба да се забележи дека штом молитвата „Цару Небесен“ се кажува во краткиот чин на „земање време“, кој се формирал во подоцнежни времиња за подготовка на свештеникот за извршување на Литургијата, нејзиното повторување пред возгласот „Благословено е царството…“ би било логички неоправдано. Дури би можело да се окарактеризира како еден вид литургиски анахронизам. Значи, иако сме го усвоиле подоцнежниот чин на „земање време“, во кој се сконцентрирани сите подготвителни елементи, па и молитвата „Цару небесен“, ние остануваме упорни во нејзиното повторување на она место каде таа била пред да се воведе чинот на „земање време“ или, барем, пред да се вметне во него и молитвата „Цару Небесен…“.


Извор: Απαντήσεις εις λειτουργικάς απορίας Β΄(151 – 300), Ιωάννου Μ. Φουντούλη, Αποστολική διακονία της Εκκλησίας της Ελλάδος, Έκδοση Ε’ Αθήνα 2006 г., стр. 231 – 233.

Јован Фундулис е еден од најистакнатите литургичари на 20. век. Роден е на островот Лезвос во 1927 година. Студирал на Богословскиот факултет во Атина, на Универзитетот Леувен во Белгија, во Трир, и на Литургчкиот институт Мон-Сезар. Во периодот од 1969 до 1996 година бил професор на Богословскиот факултет во Солун. Бил управник и на Патријаршискиот институт за светоотечки студии. Има објавено голем број трудови, а извадоците објавени во овој број се од 5 – томното издание „Одговори на литургички недоумици“, кое се содржи од одговори на прашања што му ги поставувале свештеници во врска со различни литургички теми. Јован Фундулис се упокои на 24 јануари 2007 година.


[1] Пантелејмонски Кодекс (6277 – 770).

[2] Пс 50, 12 – 17.