Одговори на литургиски недоумици, прашање бр. 451: Литургија без причесници

Дали Литургијата е потполна доколку за време на нејзиното служење ниту еден човек не пристапи да се причести?

Како што е формулирано прашањето, одговорот не може да биде поинаков, освен негативен. Литургијата сама по себе, односно како служба на светата тајна на Божествената Евхаристија, не може да биде ништо друго, освен потполна и целосна, па дури и ако не се причести ниту еден христијанин. Невозможно е нејзината валидност и потполност да зависат од количината на учество на народот во светите тајни. Впрочем, несомнено имало случаи во минатото, а неретко и денес, да се служи Литургија без да се причести дури ниту еден верник. Се разбира, обврзувачко е присуството барем на мала заедница, односно барем на еден човек како претставник на народот, освен свештенослужителот. Таа личност може да биде клирик или лаик. Се претпоставува дека некој ќе се причести. Но, доколку случајно не се причести, тогаш, вака или така, Литургијата останува потполна и целосна. Тоа е едната страна, во однос на која можеме да бидеме категорични.

Во однос на другата страна, а тоа се верниците кои не пристапуваат да се причестат: Литургијата за нив не е целосна, затоа што нивното учество не е потполно и не е деонтолошки правилно. Се разбира, верникот делумно се осветува со неговото влегување и престојување во Божјиот храм, со неговото учество во свештеното собрание, во пеењето и во молитвата, со слушањето на свештените читања и со проповедта, со поклонувањето на иконите и со следење на свештенодејствијата, со кадењето, со спомнувањето во диптисите, а пред сѐ со присуството на Светиот Дух, сеќавањето на Господа и со гледањето и поклонувањето на светите тајни, односно на Господовите тело и крв. Меѓутоа, незамисливо е потполно и целосно учество без причестување со светите тајни. Впрочем, затоа и се служи Литургијата. Нејзината цел и нејзината суштинска содржина е оваа: извршување на тајната на Тајната вечера, за да вечераат и да учествуваат верниците на Господовата трпеза со душевна храна, и да се осветат и да се соединат во едно тело и во еден дух со Христос. Собирањето, поучувањето и молитвата се значајни, но тие не се главните елементи на литургиското собрание на Црквата.

Умножувањето на номиналните христијани и намалувањето на длабочината, како и мрзливоста и лошата навика направиле да ни биде својствен феноменот да не пристапуваат да се причестат дури и оние кои немаат пречки и немаат педагошка забрана од духовникот. Сето тоа предизвикало да се смета како правило присуството на Литургија без причестување, а како исклучок се смета пристапувањето кон Божествената причест. Тоа е претварање на служењето на светата тајна на Божествената Евхаристија во безболно и многу малку полезно „црквување“. Но и покрај тоа, Црквата не престанала пречесто (секојдневно) да служи Литургија како покана, поттик и потсетување на нашата потреба за учество во тајната на животот, и со збор и со дело да советува на наше враќање кон правилното. А најкарактеристично дејство на Црквата е тоа што, и покрај, во меѓувреме, изменетите древните добри обичаи, продолжила да ја служи Литургијата на претходно осветените дарови за време на Велигденскиот пост, во деновите кога не е дозволено да се служи Литургија. На тој начин потсетува дека како идеал важи не само причестувањето во сабота и во недела, туку и во седмичните денови, како што се среда и петок, а како што било во времето на светите отци[1].

Во таа смисла, субјективно, во однос на верникот кој не учествува во причестувањето, Литургијата не е потполна или, поточно, неговото учество во неа не е е потполно.


Извор: Απαντήσεις εις λειτουργικάς απορίας Δ΄(401 – 500), Ιωάννου Μ. Φουντούλη, Αποστολική διακονία της Εκκλησίας της Ελλάδος, Έκδοση Ε’ Αθήνα 1994 г., стр. 182 – 184.

Јован Фундулис е еден од најистакнатите литургичари на 20. век. Роден е на островот Лезвос во 1927 година. Студирал на Богословскиот факултет во Атина, на Универзитетот Леувен во Белгија, во Трир, и на Литургчкиот институт Мон-Сезар. Во периодот од 1969 до 1996 година бил професор на Богословскиот факултет во Солун. Бил управник и на Патријаршискиот институт за светоотечки студии. Има објавено голем број трудови, а извадоците објавени во овој број се од 5 – томното издание „Одговори на литургички недоумици“, кое се содржи од одговори на прашања што му ги поставувале свештеници во врска со различни литургички теми. Јован Фундулис се упокои на 24 јануари 2007 година.


[1] Свети Василиј Велики, Писмо 93, кон патриција Кесарија.