Велигденско послание на Митрополитот Агатангел

†АГАТАНГЕЛ

По милоста Божја Митрополит Повардарски,

до свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на

Македонската православна црква – Повардарска епархија,

а по повод Воскресението Христово – Велигден,

испраќа мир и благослов од Бога,

Драги браќа и сестри!

Денес, повторно нè осветли божествената слава. Денес ни беше даден дарот на мудроста. Денес, уште еднаш ни се приложи единствено сведоштво за нашето спасение. Вечниот Бог, Кој влезе во времето како обичен човек и Кој се воплоти од утробата на Пречистата Дева Марија, ја победи смртта и Воскресна од мртвите. Човекот, преку Христос се зацари на царскиот престол и седна од десната страна на Отецот. Затоа, Воскресението Христово за нас христијаните стана смисла и почеток на секоја надеж. Велигден е цврста подлога врз која е изграден секој наш подвиг. Со неговите спасоносни бои е исцртана секоја патека која води на врвот, кон вечното Царство Небесно. Нека чуе светот, нека се објави насекаде, дека Бог е со нас, дека Христос Спасителот на светот Воскресна, дека се погази гревот и секоја неправда, дека се разруши адот, дека настапи времето на вечната љубов која изобилно се излева врз секој човек, врз сета твар, врз секое Божјо создание! Тајната која беше скриена од почетокот на светот, денес се откри на очиглед на сите. Воскреснатиот Христос стана видлив за окото на духот, а Неговата сечесна благодат стана мелем за секоја рана. Конечно е извојувана слободата за чедата Божји, веќе не сме робови на законот на гревот, зашто се срушија занданите на лукавиот. Па, зарем има нешто повредно и поубаво да се соопшти? Христос нè облече во Својата плаштаница, ни направи сеници во Царството Негово, сè на овој свет добива можност, од Него и во Него, да се преобразува. Човекот, со Божја помош, преку покајание и праведен живот, никогаш повеќе нема да ја вуси горката смрт.

Возљубени мои духовни чеда!

Христос Воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените (1. Кор. 15, 20) – вели Апостол Павле. Преку него се запали огнот на вечниот живот. Овој несоздаден пламен, кој доаѓа одозгора, незабележливо и таинствено ќе се рашири насекаде, во секоја длабочина, во секое срце човечко кое со вера и предаденост е спремно да му послужи на својот ближен. Така, во смиреност и покорност живеејќи, ќе дојдеме до целта, до нашето лично Воскресение. Овде почива нашето покајание и преумување, овде е осмислен секој наш напор кој радува и преобразува. Колку се даваме себе си на другите, толку и раснеме во Бога. Само така унапредени во доблеста и измиени од гревот, ќе бидеме препознати од светот како непосредни Божји наследници и ученици. Христос е наша првина во сè, од Него ја примаме секоја светлина во животот. Он е нашиот застапник и сопатник. Од Него ни е ветено дека Тој никогаш нема да нè напушти и остави, зашто Он е Бесмртната Светлина која доаѓа од Бога, Он е пламенот Кој гори, а не согорува, Он е огнот кој ја ништи слабоста и истовремено стоплува и заздравува. Од нас се чека само збор на покајание кој ја отстранува секоја нечистотија, кој го обессилува гревот што ја гризе совеста. Целиот живот на христијанинот е проникнат од Воскресението Христово. Христијанинот кој се кае, кој духовно расте и се развива, и кој најнапред го бара Царството Божјо и Неговата правда, нему, Господ Бог сè друго му придодава (Мат. 6, 33). Сега дојде ново време, драги браќа и сестри, сега животот се обновува преку новата сила која Воскресна од гробот. Во нас, за век и веков е из`ртен цутот на Христовото Воскресение. Наша задача е секојдневно да го полеваме, секојдневно во своите души да го пазиме од овенување.

Возљубени мои Македонци и Македонки!

Мораме да бидеме одговорни како за себе, така и за општеството и околината што нè опкружува. Не смееме да потонеме во самодоволност и сув индивидуализам. Човекот не е створен да биде сам и осамен во светот. Не смееме да бидеме небрежни за својот ближен, за страдањето на братот, за животната средина во која ги раснеме нашите деца. Важно е за човекот да живее во мир и благосостојба, важно е какво општество и каква држава ќе изградиме. Тоа не се прашања што не треба да нè засегаат. Добро е да знаеме кои сме, што сме и од каде сме. Од Христа сме откупени, скапо сме платени преку Неговата сечесна крв. Он, преку Своето славно Воскресение, преку Својата неизмерна љубов, ни го подари највисокото достоинство. Не смееме на Неговата татковска грижа да одговориме со незаинтересираност и самодоволно повлекување. На Бога со камен не треба да фрламе, раката што дава не треба да ја сечиме – така нè учеле и воспитувале нашите предци. Македонскиот народ илјадници години непрестајно на Бога благодарност и пофални песни Му вознесувал. Знаел нашиот мудар народ дека секоја тиранија е привремена, дека секое зло е краткотрајно. Денес, пак, злото, покрај тоа што си го зачувало својот вообичаен облик, има и некакво друго, поинакво лице. За жал, во тешка состојба сме доведени. Денес, иако човекот живее во изобилство, сепак е понесреќен и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја. Денешниот човек е збунет и дезориентиран. Тој како да не ја препознава вредноста, како да не знае што е нормално, а што застрането. Сè на овој свет се измешува и поматува, жената престанува да биде жена, а мажот престанува да биде маж, црното станува бело, а гревот – добродетел. Доблеста и чистотата е прогонета некаде во минатото, таа станува остаток од некаква нејасна традиција, која притиска и затапува. Сега, како генерација, мораме да застанеме на патот на оваа демонска наезда. Ако тоа час поскоро не го сториме, тогаш духовно ќе се разориме себе си одвнатре, дури тогаш ќе станеме морално плитки и исушени. Затоа, македонскиот народ нема друг избор освен да се ослони на Бога, да се потпре на Неговиот спасоносен столб, кој го држи и покрепува секое човечко здание. Само така и на тој начин ќе опстоиме. Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат претворени во роба за трговија. Тоа е срамно и неправедно, а уште помалку морално. Ова важи како за македонскиот народ и држава, така и за Црквата. Мнозина подло ќе се обидат да ни го омаловажат и искривоколчат секој наш успех и достигнување. Но, имајте секогаш предвид дека со Христос победуваме, он ги штити и запазува праведните, оти Самиот Тој е правда и вистина. Христос е живата радост која го исполнува секое осамено и повредено срце.

Драги браќа и сестри!

Од изворот на Воскресението Христово постојано и непрестајно да се напиваме. И ние еден ден ќе Воскреснеме во новиот живот исполнет со вечното Божјо присуство и благодат. Лозници сме Божји кои во трепет очекуваат да бидат накалемени на единствениот живороден ластар. Ова е голема тајна, во која сме повикани да бидеме рамноправни учесници. Денес, на Велигден, кога се прегрнува Бог со човекот, кога целото човештво е осенето од Божјата неизмерна љубов, кога сето создание се радува и преобразува, да пристапиме пред Христа со отворени срца, со искреност и благодарност. Ние сме мали, но значајни алки во синџирот на постоењето. Воскреснатиот Спасител секого од нас ќе го пречека во Својата прегратка, Он ќе ја осмисли нашата сегашност, ќе ја осветли со Своите зраци нашата иднина, ќе ја избрише секоја солза од неправедното минато. Примете го Бога во своите срца, направете уредено место за Неговото присуство. Еве, смртта е прегазена, а животот ликува и триумфира! Заедно со благодатта на Воскреснатиот Христос со вас постојано нека бидат и љубовта на Бога Отецот и заедништвото на Светиот Дух – Троица Едносуштна и Неразделна! Нека ве чува Господ и вас и вашите семејства. Нека ве крепи и закрилува со Својата спасоносна десница, нека ви дава сила и мудрост во секое искушение. Поминете го овој празник во радост и меѓусебна почит. Така се учи и навикнува на секоја правда и добрина. Нека ја штити и закрилува Господ нашата татковина Македонија и нашата Света Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Македонскиот православен народ нека создава дела за вечно паметење. Блажен е овој народ што го срамат и прогонат, и што говорат против него секакви лоши зборови и лаги – заради Христа! Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата!

Христос Воскресе!  Навистина Воскресе!

Во Велес, на Велигден, 2024-то лето Господово

Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe/index.php?option=com_content&task=view&id=3000&Itemid=104