56 генерација успешно завршени матуранти-богослови

На 11.06.2024 во Македонската православна богословија (МПБ) Св. Климент Охридски – Драчево, во присуство на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, ректорот на МПБ, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, пратеникот на Светиот Архијерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Брегалнички г. Иларион се поделија свидетелствата и дипломите на  56 генерација успешно завршени матуранти-богослови.

По повод успешно завршената матура на учениците, свое излагање имаше пратеникот на САС на МПЦ-ОА митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, кој ги поздрави присутните и меѓу другото нагласи:

Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, почитуван Ректоре, пречесни оци, господа професори и драги матуранти.

Ми причинува особена чест што можам да кажам неколку збора како пратеник на САС на МПЦ- ОА кон завршените богослови.                                    

Почитувани ученици денес сте исполнети со радост, бидејќи завршувате со еден период од вашиот живот. Успешното завршување на богословијата ве радува вас, вашите родители, вашите професори, нè радува и сите нас овде присутни на оваа свеченост, ја радува и целата Македонска православна црква.

До денес вие бевте ученици на Богословијата, а од овој ден станувате учители на народот. До сега ве оценуваа вашите професори, а отсега оцената за вашето познавање и однесување ќе го дава Бог и народот. Затоа гледајте да не паднете на тој испит.

Запомнете, од денес животот е тој што ќе ве кали и учи како треба да постапувате. Најпрво со труд, со работа, преку своето образование и саморазвитие, да си обезбедите место во заедницата. Работата го издигнува човекот и го води  кон совршенство. Трудете се  да бидете полезни за себеси и од полза на другите луѓе, па заедно со нив да го исполнувате законот Христов.

Радувајте му се на животот и сакајте ја чесната и достоинствена работа. Трудете се во верата. Секогаш гледајте да се ослободите од лошите мисли, чувства и желби. Трудете се да мислите за Бога, да се насладувате од чудесниот Божји мир и да принесувате благодарност и слава на Бога за сè. Служете, пред сè, на Бога, на нашиот македонски православен народ, на нашата Македонска православна црква. Амин.

Нека ви е честит овој успех и ви посакувам секое добро од Бога во животот. Амин!

Извор: https://tge.mk/product/56-generatsija-uspeshno-zavrsheni-maturanti-bogoslovi