† ГРИГОРИЈ,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО‒ОСОГОВСКИ,
ИСПРАЌА ПАСХАЛНО ПОСЛАНИЕ
ДО СЕЧЕСНОТО СВЕШТЕНСТВО, БОГОЉУБИВОТО МОНАШТВО И СИТЕ ХРИСТОЉУБИВИ ПРАВОСЛАВНИ ЧЕДА НА КУМАНОВСКО‒ОСОГОВСКАТА ЕПАРХИЈА, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО БЕЗГРАНИЧНО ВООДУШЕВУВАЧКИОТ ПОЗДРАВ
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
„Вие ништо не знаете, ниту помислувате, дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.”
(Јн 11, 49‒50).
Христољубиви чеда,
Искупителната жртва на нашиот Господ Исус Христос, Неговото Светло Воскресение му донесе на човештвото невидена слобода ‒ слобода од гревот и уништувањето. Но оваа слобода ја добиваат само оние што се доверуваат на Христос Спасителот, кои Го прифаќаат како „пат и вистина и живот“[1], според словото на Евангелието: „Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“[2]. Оваа вистина е нашиот Воскреснат Господ Исус Христос, Кој ја уништи тврдината на пеколот и смртта, давајќи ни слобода да го избереме Вечниот живот.
„Ти, Господи, ни ја покажа оваа голема тајна на спасението“[3], спротивно, пак, на спсителната тајна, знаеме што му се случи на еврејскиот народ. Зошто? Затоа што овој народ го сакаше истото како и Јуда. Јудејскиот народ мислеше дека светот може да го промени политиката, дека за нив спасението е во воспоставување поредок од востоличен воинствен цар. И денес се мисли дека царството на вистината и правдата може да се воспостави ‒ само ако приграбиш сè, и потоа „правично“ го поделиш. Од времето на изреката на Кајафа, до ден ‒ денес, луѓето се водат од нивните интереси и нивните стравови. Нивните интереси преовладуваат над нивните стравови, а нивните интереси ги спроведуваат во согласност со тоа како луѓето ги гледаат последиците што можат да бидат поврзани со нивните интереси.
Во лажното сфаќање на односот помеѓу „внатрешното“ и „надворешното“, човекот го поробува надворешна сила, а се отуѓува од внатрешната духовна борба. Поради тоа што на човекот му се нудат пари и властољубие за активност што ја сака, тој го губи внатрешниот копнеж за богоуподобување. Внатрешната мотивација е мотивација да се направи нешто без никакви очигледни надворешни награди. Но, внатрешна мотивација за „нетварната уметност“ е заменета со надворешна мотивација, која, пак, е мотивација предизвикана од надворешна награда, како што се парите и моќта. Сепак, заменувањето на внатрешната мотивација за пари, всушност предизвикува да се чувствувате помалку мотивирани за уметноста над сите уметности, Христовото човекољубие. Сѐ додека мотивацијата е надворешна, човекот ќе наоѓа прекумерно оправдување за отфрлање на копнежот по Бога.
Има многу луѓе околу нас кои веруваат дека слободата ја носат парите или моќта, силата или здравјето, попустливоста или неморалот. Обожавајќи ги овие идоли на овој век, натпреварувајќи се во гордоста и себичноста, тие засега не забележуваат како сè подлабоко се втурнуваат во ропството ‒ во ропството на себичноста, порокот и страстите. Добро е за оние што доаѓаат во Божјиот храм и учат што е вистинска слобода и како да тргнат по патот на подобрување. Добро е за оние што за да ја добијат оваа слобода неуморно работат за своето спасение, останувајќи верни на Христа среде сите неволји и таги на овој век.
Поробувањето на човекот доаѓа од неговата свест, бидејќи самиот тој го измоделира својот живот, дека највисокото добро е уживањето во животот. Човекот преку перцептивниот конзумеризам станува поробен од власта на детерминизмот. Ропството на човекот е во неговата деперсонализација, бидејќи неговиот субјект е излезен надвор од себе во објективизмот. Човекот е насочен спрема надвор од себе, неговата личност се деперсонализира спрема светот на објектите и дозволува да биде во ропство од неговите општо обврзувачки форми: богатството, моќта, научно ‒ технолошките достигнувања, маркетиншките привлечности, уметнички, урбани итн. Трагедијата на творештвото што самиот тој го создава, самиот поробувајќи се во затворениот круг на нужноста и материјата, преку творечкиот чин е задушен вистинскиот Творец и на самиот човек. Поврзан со материјалниот свет, детерминиран од противприродното, живеејќи ги сите аналогии на нужноста, човештвото се стави на располагање и под управа на двајца суверени господари ‒ 1) болката, односно отсуството на страдање (сострадание) и 2) задоволството. Овие двајца господари се утилитарните администратори на човечкото дејствување, едниот за максимизирање на задоволството, а другиот за минимизирање на болката. Утилитарните администратори искреираа замена на целите со средствата „поарно за нас да умре еден човек за народот“. Во континуираното безумие на одмерувањето на количината задоволство што таа има тенденција да ја произведе и количината болка што таа ја спречува. При одмерувањето на количествата, човекот е поробен од лукава совест.
Анти‒самарјански ‒ сите луѓе се пристрасни при согледувањето на штетите и придобивките за себе, повеќе отколку за другите. Егоцентрикот е заробено суштество и суштество кое заробува.
Но, задоволството не значи безумна потрага по задоволство. Задоволството е отсуство на страдање за ближниот. Задоволството е отфрлање на физичка болка, на страдање и жртва, вознемиреност, страв од смрт.
Ослободувањето од стравовите и вознемиреноста му дава на човекот вистинска слобода. Слободен човек не може да поднесе детерминација од надвор, од обврзувачките форми. Слободниот човек ги преобразува обврзувачките форми на детерминацијата од надвор, не го поробува надворешна сила, туку стреми кон природни желби и да ги избегнува неприродните, како што се суетата и жедта за богатство; на слободниот човек прототипски модел му е сиромаштвото, оти Христос е образот на смирението, Кој „се понижи и зеде образ на слуга“[4].
Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,
Меѓународното право го забранува мешањето на една држава во внатрешните работи на друга држава, бидејќи се крши суверенитетот на државата. Ваквото мешање е забрането со Повелбата на Обединетите нации[5]. Идентично, и канонското право го санкционира мешањето на Помесните цркви во туѓа јурисдикција. Како верници на мајката Македонска црква, бевме сведоци на упад и флагрантно мешање во нашите внатрешни работи. Народот се луѓето, огромното количество православни луѓе, кои создале единство на една територија. Рушењето на владејачката идеја на еден народ, создава соблазна, отпор. Теророт врз еден народ не може да се создаде без чудовишни лаги. Сепак, ниту Православната Црква не е имуна од желбата за супрематија. Воинствените инстинкти на човекот не можат да бидат искоренети. Се прашуваме, дали е допуштено поради процвет на централизиран („вселенски“) модел на управа во Православната Црква, да се погуби еден невин човек, односно идентитетско бришење на еден православен народ?!
Браќа и сестри совоскреснати со Христа,
Учествувајќи во полнотата на дарежливото излевање на Божествената милост, потребно е да го цениме и зачуваме овој дар! Онаму каде што се пролева крв и страдаат луѓето, каде што Божјиот лик се гази под нозете заради профит, кавга и себичност, да застанеме во одбрана на невините, исполнувајќи го нашиот христијански повик.
Семоќниот Господ нека нè укрепи во познанието на Бога, во меѓусебната љубов, во дела на сочувство и милосрдие. Ревносно да се потрудиме да се погрижиме ‒ не само животот на секој од нас, туку и животот на целото општество да биде организиран според Божјите заповеди, зашто само нивното исполнување ќе им донесе на луѓето полнота и хармонија на постоењето. На тој начин можеме да посведочиме за нашата љубов кон Бога, бидејќи Самиот Он рече: „Ако Ме љубите Мене, пазете ги Моите заповеди“[6].
Христос донесе живот. Он дојде да нѐ научи, дека само љубовта е вредна на овој свет, дека нема ништо повредно од љубовта кон Бога и кон човекот. На секој човек треба да му покажеме љубов, бидејќи секој човек носи достоинство, толку големо што Самиот Бог стана Човек. Затоа, насекаде ‒ во црквата, дома и каде што го извршуваме нашиот подвиг ‒ секаде каде што Господ нѐ упатува, мора да бидеме сведоци на Распнатиот и Воскреснатиот Христос, да го просветлиме светот со светлината на духовната радост, разумот, мирот, слободата. Ова е нашата порака до светот, каде што сè уште има многу страдања, неверување, непријателство, неправда, пороци и невистини. Да ги победиме со Светлината Христова и со силата на Неговата благодат! Да го исполниме апостолскиот завет: „Застанете во слободата што ни ја дал Христос и немојте повторно да бидете подложни на ропскиот јарем“[7]. И секогаш ќе се сеќаваме што им рекол Господ на Своите ученици, појавувајќи им се по Воскресението: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, учејќи ги да држат сè што јас ти заповедав; и ете, Јас сум со вас секогаш, дури и до крајот на векот.“[8]
Возљубени во Христа,
Служете Му на Господ Христос со сета понизност на умот!
Заради копнежот по Христос, не заради подвигот или дека нешто добро сме сториле за Него, воплотливо да се всели во нас.
Да, Господи, дојди!
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
Велигден, 2024.
[1] Јн 14, 6.
[2] Јн 8, 31‒32.
[3] Од Василиевата литургија.
[4] Исто.
[5] Член 2.7.
[6] Јн 14, 15.
[7] Гал 5, 1.
[8] Мт 28, 19‒20.