Архимандритот Никодим Кабарнос е роден во 1987 година, во градот Пломари, на островот Лезбос, во Грција. Израснат е во градот Митилини, на истиот остров. Уште од малечок го покажува својот дар за пеење, па на 13 годишна возраст веќе станува црковен псалт, а на 15 години добива награда за пеење од грчкото Министерство за образование. На свои 20 години основа училиште за византиска музика, низ кое имаат поминато над 200 ученици. Во Атина завршува Теолошки факултет. Во 2009 година е ракоположен во ѓаконски, а потоа и во свештенички чин. Има свој хор со околу 40 членови. Одржува концерти на византиско пеење ширум светот. Има издадено над 10 компакт-дискови со црковно пеење. Во оваа прилика ни е задоволство да направиме интервју со о. Никодим и да го претставиме на македонската јавност.
1. Ваше Високопреподобие, пред сè, да ви се заблагодариме што се согласивте да дадете интервју за нашиот портал. По завршувањето на студиите во Грција, продолживте со вашата докторска дисертација во Рим, Италија. Дали може да ни раскажете нешто повеќе за тој период, што точно студиравте таму?
Ве поздравувам во Господа! Особено се радувам поради поканата да разговарам со Вас.
Како што кажавте, откако ги завршив моите студии во Грција, поврзани со моето богословско знаење, на Каподистрискиот Универзитет во Атина, продолжив со студии поврзани со вештината на византиското пеење. Но паралелно со тоа, активно се занимавав со инженерство на звукот, со режија, и со телевизиски активности во Грција. Освен тоа, за мене беше особена чест што предлогот дојде од Блаженејшиот Архиепископ Атински и на цела Грција, г.г. Јероним, кој ме натера да размислувам за перспективите.
Па така, по указ на Светиот Синод на Црквата на Грција, заминав на универзитет во Италија, за да работам на мојата докторска теза – комуникација за богословски теми. Мојот ангажман со режијата би можел да се заокружи со докторат за тоа како богословието може да се претстави на едноставен, убав и ефективен начин.
Конечно, размислувајќи за придобивките што ги стекнав од моите студии во Италија, можам со сигурност да ви кажам дека тие ми ги отворија хоризонтите и го продлабочија моето сфаќање во однос кон ефективното ширење на Словото Божјо до краиштата на земјата. Така научив дека можам да го пренесам и византиското пеење до ушите на секој човек. Сигурен сум дека византиското пеење веќе има сила и начин да биде пренесено и сакано од милиони верници и да го успокои секој момент од човековото постоење во едно движење кон Бога.
2. Како одлучивте да се вратите во Атина и да станете свештеник?
И кога пристигнав во Италија за моите студии, веќе бев свештеник. Од прашањето разбирам дека вие би сакале да ги дознаете причините, поради кои посакав да станам свештеник.
Секој човек кој доаѓа на овој свет, има природен двиг кон доброто. Тој двиг и таа желба кон Бога, во мене лично се случи на чудесен начин. Чуда се случуваат секојдневно во нашите животи. Но, најголемото чудо што може да се случи на овој свет е соединувањето помеѓу Бога и луѓето. Свештеникот го извршува тоа дело. Веќе сум сигурен дека мојот природен двиг кон свештенството беше најдобрата одлука во мојот живот, во контекст на Божјиот призив кон мојата смиреност.
3. Кажете ни за црковното пеење. Што претставува црковното пеење за Православната Црква?
Христос дојде на земјава за да ни покаже како да станеме Негови чеда. Ние секојдневно се осмелуваме да Го нарекуваме Бога наш Отец, и ја кажуваме најубавата молитва: „Оче наш, Кој си на небесата“.
Значи, Христос дојде, го понесе крстот и по 3 дена воскресна. Така, ние не сме деца на крстот, ние сме деца на воскресението. Затоа сме многу радосни, го имаме добиено целото богатство на најбогатиот човек што живеел на земјата – нашиот Христос. Кога се чувствуваш толку богат, треба да најдеш начин да Му заблагодариш на Бога. А начинот да Му заблагодариш на Бога е музиката. Црковната музика е единствената музика со која можеш да Му ја изразиш својата радост на твојот Отец. Тоа е православната црковна музика. Таа е израз на славословие.
4. Вие сте архимандрит во Атинската архиепископија и свештенослужител во храмот „Вознесение Христово“, но правите и концерти. Како дојдовте до идеја да правите концерти и која е целта на концертите?
Како што честопати велам, и повторно ќе ви кажам сега уште еднаш, мене никогаш не ми дојде идеја да направам некаков концерт. Идејата да го одржам првиот концерт беше кога еден архијереј побара да отидам во неговата епархија и таму да го претставам византиското пеење. Кога некој ќе те покани, грдо е да кажеш „не“.
Единствената цел ми е да одговорам потврдно на секоја покана. Како што изгледа, како што ми кажуваат луѓето што ја слушаат мојата музика, таа им се допаѓа, бидејќи така полесно се доближуваат до Бога. Така, малку по малку, со текот на времето, поканите се зголемуваа, а со Божја помош го раширивме византиското пеење по целата должина и ширина на светот.
Се чини дека црковната музика може секого од нас да го придружува во секој миг од својот живот, од утро до вечер: тогаш кога си во својот автомобил, тогаш кога сакаш да се молиш, тогаш кога сакаш да се смириш, и во секој друг момент од твојот живот. Целта беше луѓето да го засакаат црковното пеење и да го слушаат, и внатре и надвор од просторот на храмот. Во секоја фаза од животот и на која било возраст.
5. Вие сте раководител и на едно училиште за црковно пеење. Како функционира тоа училиште и кој може да се запише во него?
Парохијата во која служам како свештеник има и оддел за византиско пеење, и секој може да научи византиско пеење, или со физичко присуство во Атина, или преку онлајн присуство за изучување на тоа пеење.
6. Високопреподобен отец Никодим, знаеме дека на неколку од вашите концерти во Грција и воопшто во целиот свет, како дел на вашиот хор се појавија доста соработници. Кажете ни како доаѓа до таа соработка?
Во секоја земја и во секој дел од светот каде што ги одржуваме нашите концерти, ни се допаѓа да ги користиме локалните хорови, па на тој начин да го истакнеме универзалниот карактер на ова пеење. На сите мои патувања ме придружуваат моите соработници и ученици.
Византиското пеење се темели на две оски: мелодијата и држењето исон. Кога велиме држење исон, мислиме на бас гласовите, кои ја придружуваат мелодијата. Моите соработници, главно, се тие кои придружуваат и ги прават мелодиските црти покрај мелодијата.
7. Од досегашното дружење и соработка со вашите соработници од Македонија, кои се вашите погледи за нашата земја и црква? Кога можеме да ве очекуваме во нашата земја најнапред да ни служите, а потоа и да одржите концерт?
Досега, со Божја помош, имам патувано од север до југ, и од исток до запад. Но, во вашата татковина сè уште немам дојдено. Позната ми е големата љубов што ја имате кон нашето пеење, и мислам дека наскоро ќе бидам со вас за да Го славословиме Бога и да ги допреме срцата на сите луѓе.
Мислам дека товарите од минатото исчезнаа и сега можеме убаво да соработуваме.