Пишува: Протојереј Златко Ангелески
(Околу 900-978; Gerold von Großwalsertal) Црквата неговиот спомен го слави на 19 април по јулијанскиот календар.
Преподобниот отец наш Геролд е роден околу 900 година во Реција, област, која во тоа време била римска провинција и се наоѓала на подрачјето на централна и источна Швајцарија, Форалберг и Тирол во Австрија и Јужна Баварија во Германија. Најпознат град во оваа област бил Augusta Vindelikorum, денешен Аугсбург.
Свети Геролд потекнувал од благородничко семејство, кое имало херцошко потекло, најверојатно од Саксонија. Жеден за подвижнички и свет живот, го напуштил семејството, сопругата и децата, па заминал да живее подвижнички живот во Фризун. Откако се прочул со својот свет и подвижнички живот, од грофот Ото Јагдберски на подарок добил голем имот, каде што се населил и ги поставил темелите за општомонашко живеење. Некаде кон 970 година, преподобниот Геролд го подарил имотот, заедно со изградените објекти, на блискиот манастир Ајнзиделн.
Свети Геролд останал да живее во својата скромна монашка келија. Сецело предаден на пост и молитва, блажено се упокоил на 19 април 978 година. Неговите деца, откако испросиле благослов од старешината на манастирот, дошле во последните денови од неговиот живот да поживеат во близина на својот татко. Но, не само неговите деца, околу преподобниот се населило бројно монашко братство, кое постепено формирало голема монашка заедница, која подоцна го носела и името на свети Геролд.
Во 1662 година гробот на свети Геролд бил отворен и неговите мошти биле пренесени во Ајнзиделн, но во 1663 година биле вратени во Фризун, каде што биле сместени во манастирот во чест на Свети Геролд (Benediktinerpropstei Sankt Gerold) и каде што се наоѓаат до ден денешен. Неговите свети мошти повторно биле отворени за поклонение во 1965/66 година.
На иконите, свети Геролд најчесто е претставен како се моли во големо шупливо дрво, а покрај него има осле. Споменот на преподобниот Геролд, Православната Црква го празнува на 2 мај (односно 19 април по јулијанскиот календар), според Одлуката и благословот на Архиепископот Берлински и Германски Теофан (РПЦ).