Кога имаш прочитано во метро нешто друго, освен вести од мобилниот телефон? Националната библиотека на Романија, во партнерство со Метрополската/Градската библиотека – Букурешт, во четвртокот, на Националниот ден на читањето, започна проект насловен како Библиотеката од метро. Истиот им нуди на патниците да разлистаат, па дури и да позајмат книга.
Првата полица за книги беше поставена на метро-станицата „Пјаца Унирии“, а слични полици ќе бидат поставени и на други станици.
„Денес, во метрото, би требало да чуеме: ’Внимание, се отвораат вратите кон светот на книгите!‘“, изјави на промоцијата Михаи Барбу – претседателот на управниот одбор на компанијата „Метрорекс“, којашто управува со букурешкото метро.
Се замолуваат оние коишто зајмуваат книги од библиотеката при метрото, да ги вратат истите во добра состојба или, пак, да ги заменат со други книги коишто се, исто така, во добра состојба за користење.
„Впрочем, започнувајќи од денес, Метрополската библиотека – Букурешт секојдневно ќе патува со метро, преку книгите коишто патниците ги носат со нив, од станица до станица, па сѐ до својот дом“, посочи и Рамона Мезеи – генералниот менаџер на Букурешката градска библиотека.
Според последните податоци, објавени од Националниот институт за статистика, над 11 милиони Романци, во последнава година, не прочитале ниту една книга, известува Agerpres.
Правилник за работа на „Библиотеката од метро“:
- Книгите при „Библиотеката од метро“ се бесплатни;
- Истите можат да се читаат на метро-станицата или, пак, да се позајмат за дома;
- Ако ти се допаѓа некоја книга, можеш да ја задржиш за себе, но би ти биле благодарни доколку ставиш друга книга на местото од каде што си ја зел претходната;
- Грижи се за позајмените книги! Би сакале истите, во добра состојба, да стигнат до, колку што е можно, повеќе патници-книгољупци;
- Не постои рок за враќање, но би сакале полиците со книги секогаш да бидат полни;
- Ако и ти сакаш да донираш книга за „Библиотеката од метро“, со сигурност, некој би се израдувал да ја (про)чита.
Работно време:
Секој ден, од 5:00 до 23:00 ч.
Извор: https://basilica.ro/biblioteca-de-la-metrou-le-propune-calatorilor-lectura-clasica-in-locul-stirilor-de-pe-telefonul-mobil/, https://bibmet.ro/citeste-si-da-mai-departe-proiect-cultural-inedit-in-statiile-de-metrou-din-bucuresti/