Во текот на 2023 година, Светиот синод на РоПЦ донесе повеќе одлуки коишто се во корист и на клирот и на верниците од Романската Патријаршија. Во текот на три работни седници, одржани годинава, Светиот синод полемизираше и донесе разни одлуки.
Одлуки за 2024 година
Уште во февруари, кога се одржа првата средба на романските епископи, беа одлучени комеморативните тематики за 2024 година. Следната година, во рамките на Романската Патријаршија, ќе биде посветена на пастирството и на грижата за болните, како и на светите бесребреници.
На истата работна седница, Романската Православна Црква ѝ ја призна автокефалноста на Православната Црква од Република Северна Македонија, доделена од Српската Патријаршија, на 5 јуни 2022 година. Воедно, Архиепископот на Охрид, на Скопје и на Северна Македонија – Стефан беше вклучен во диптихот на Претстојатели на сестринските Православни Цркви и, со тоа, споменуван од страна на Романскиот Патријарх на секоја Литургија.
Тројца нови епископи
Исто така, во февруари, беа одржани избори за достоинството – викарен епископ на Епископијата на Дева и на Хунедоара. Притоа, беше избран архимандритот Геронтиј (Чиупе), којшто ја доби титулата: Неговото Преосвештенство, Геронтиј Хунедоариски.
Во јули, пак, Светиот синод, преку тајно гласање, го избра архимандритот Пајсиј (Теодореску) за достоинството – викарен патријаршиски епископ, со титулата: Неговото Преосвештенство, Пајсиј Синаитски.
На истата седница, архимандритот Нектариј (Петре) беше избран за достоинството – викарен епископ на Романската Православна Архиепископија од Западна Европа. Новиот романски архијереј ја носи титулата: Неговото Преосвештенство, Нектариј Бретањски.
Ден на старите лица
На последната седница од оваа година, Романската Патријаршија го прогласи 1 октомври како Ден на старите лица, при што истиот да биде впишан во православниот календар во рубриката за важни денови и датуми. Одлуката беше донесена во контекст на годината посветена на пастирската дејност кон старите лица.
Романците од Северна Буковина
Осврнувајќи се на состојбата на романските православни парохии од областа Северна Буковина, коишто се наоѓаат под јурисдикција на Украинската Православна Црква, Светиот синод на Романската Православна Црква ја реафирмираше поддршката за почитувањето на правата и на слободите на романските заедници ширум Украина, на сличен начин како што се почитувани Украинците во Романија.
Канонизации и впишување во календар
Иако постојат повеќе личности со свет живот, чиишто досиеја за канонизација се во фаза на разгледување, сепак, годинава, Светиот синод заврши само едно досие за канонизација. Станува збор за преподобниот Макариј Протопсалтот, којшто во календарот ќе се најде како свети преподобен Макариј Протопсалт, со дата на прославување – 31 август. Одлуката беше донесена во контекст на комеморативната година посветена на химнографите и на црковните пејачи (псалти).
Календарот се збогати со следниве додатни празници:
- Чествување на иконата на Мајката Божја – „Достојно ест“ (11 јуни);
- Света преподобна Касијана Химнографка (7 септември);
- Свети јерарх Јован Максимович – Шангајски (2 јули);
- Свети преподобен Јосиф Исихаст (28 август);
- Свети Николај Кавасила (20 јуни);
- Свети маченици Мариус и Марта – неговата сопруга, и нивните деца – Аудифациј и Авакум (6 јули).