Хронологија

Пишува: Протопрезвитер Ивица Тодоров

Хронологија на настани и личности од периодот на Стариот Завет

„Во почетокот (хеб: Brejs’it; мак: Почеток) Бог (хеб: Elohim; мак: Бог) ги создаде (хеб: bara; мак: твори од ништо) небото и земјата. Земјата беше неоформена и пуста; имаше темнина над бездната и Духот Божји лебдеше над водата. И рече Бог (Elohim): Нека биде светлина! И настана светлина“ (1. Мојсеева. 1, 1).

Со овие боговдахновени зборови пророкот Мојсеј започна да ја пишува првата книга од петокнижието (Тора).

Праисториски период!

Период за кој има сведоштво во Светото Писмо, но за истиот постпотопното човештво нема искуствено – научни докази. Во овој период спаѓа:

  1. создавањето на светот, како духовниот (ангелскиот), така и материјалниот;
  2. создавањето на нашата планета и на се што постои на неа, вклучувајќи го и човекот;
  3. инфицирањето со отровот на злото и отпаѓањето на првите луѓе АДАМ (хеб: אָדָם,‎ Adam; со значење: земја или човек) и ЕВА  (хеб: חַוָּה,‎ Havva; со значење: живот)  од Творецот и од Неговото Царство, од совршената состојба на постоење,
  4. постоењето на предпотопното човештво,
  5. потопот, во кој исчезнува предпотопното човештво, освен патријархот Ное, неговата жена и неговите три сина, Сим, Хам и Јафет со нивните сопруги. Синовите на патријархот Ное се родоначалници на постпотопното човештво! Сим е родоначалник на семитските народи! Хам е родоначалник на африканските народи, а Јафет на индо-европските народи! 

Историски период!

Овој период започнува со постпотопното човештво. За овој период освен во  Светото Писмо имаме сведоштва и во историјата на постпотопното човештво, во археологијата, во заедничкото религиозно предание и искуство на древните народи!


4000/ 3500 години пред Христос – Помеѓу реките Тигар и Еуфрат се развива постпотопната цивилизација. Сумерите ја создаваат првата форма на писменост;

3100 години пред Христос – Кралот Менес го обединува долниот со горниот Египет и како престолнина го избира градот Мемфис;

2300 години пред Христос – Кралот  Саргон од Аккад ги освојува Сумерците и ја обединува Месопотамија под една власт – создавајќи ја првата империја во светот;

2166 години пред Христос – Раѓањето на патријархот Авраам во градот Ур во Халдеја;

2066 години пред Христос – Раѓањето на Исак, синот Авраам и Сара;

2006 години пред Христос – Раѓањето на Исав и Јаков;

1991 години пред Христос – Смртта на пророкот и патријарх Авраам;

1915 години пред Христос – Се раѓа Јосиф Сонотолкувачот, синот на Јаков;

објаснување:

Патријархот Јаков имаше дванаесет синови од кои настанаа дванаесте племиња Израилеви. Од Лија му се родија 1. Рувим, 2. Симеон, 3. Левиј, 4. Јуда, 5. Зевулон, 6. Исахар. Од слугинката на Рахила – Билха – му се родија 7. Дан и 8. Нефталим, а од слугинката на Лија – Зилпа – му се родија 9. Гад и 10. Ашер. Од Рахила му се родија 11. Јосиф и 12. Венјамин

1885 години пред Христос – Јосиф Сонотолкувачот,  синот на Јаков, станува управник на Египет;

Борбата на Јаков со ангелот

1859 години пред Христос  – Смртта на патријархот Јаков (Израел);

1595 години пред Христос – Хетитите, воинствен народ од централна Анадолија ги освојуваат Вавилонците и напаѓаат на Египет. Фараонот Рамзес Втори не успева да им се спротистави;

1526 години пред Христос – Се раѓа пророкот Мојсеј;

1480 до 1410 година пред Христос – од страна на пророкот Мојсеј, кој е вдахновен и воден од Господа кој му се откри како יְהֹוָה; YHWH; ЈАХВЕ, со значење Јас сум Оној Кој сум Кој Вечно постои, се напишани сите пет книги кои го сочинуваат Мојсеевото петокнижие познато како Тора или Закон. Во овие пет книги се запишани настаните од создавањето на светот до смртта на пророкот Мојсеј во 1406 година пред Христос;

1446 години пред Христос – Еврејскиот народ, предводен од пророкот Мојсеј го напушта Египет;

Мојсеј и Арон пред фараонот

1406 години пред Христос – Израелот пристигнува во Ханан, во ветената земја;

1390 години пред Христос –  Умира Исус Навин;

Од 1380 до 1045 година пред Христос,  односно 365 години со Еврејскиот народ раководат Судиите;

1105 години пред Христос – Се раѓа пророкот Самуил;

1080 години пред Христос – Се раѓа првиот еврејски крал – Саул (Шаул);

1050 години пред Христос – Саул станува крал;

1040 години пред ХристосСе раѓа кралот и пророкот Давид;

1003 години пред Христос – Давид станува крал;

1000 години пред ХристосДавид го освојува Ерусалим;

991 години пред Христос – Се раѓа кралот Соломон;

966 до 959 година пред Христос  – Кралот Соломон во Ерусалим го гради првиот Храм  (хебрејски : בית המקדש, B et HaMikdaš / македонски: Света Куќа);

930 години пред Христос – Умира кралот Соломон;

930 години пред Христос – Кралството Израел се дели на два дела: Јуда (долниот дел) и Израел (горниот дел)

848 години години пред Христос – Пророкот Илија (Елијаху) е вознесен на небесата, а неговиот ученик Елисеј станува пророк;

797 години пред Христос – Умира пророкот Елисеј;

793 години пред Христос – Дејствува пророкот Јона (Јонах);

760 години пред Христос – Дејствува пророкот Амос;

753 години пред Христос – Дејствува пророкот Осија (Хошеа);

742 години пред Христос – Дејствува пророкот Михеј (Мика);

од 740 до 680 година пред Христос – Пророкот Исаија (Јешаајаху) ја пишува својата пророчка книга. Во оваа книга има најдиректни пророштва за тоа каков ќе биде Месијата и на кој начин ќе се одвива Неговата месијанска служба;

Пророкот Исаија

пророштво  за Месијата од книгата на пророкот Исаија:

„Духот на Господ Бог е врз Мене,  зашто Господ Ме помаза за да им благовествувам на сиромашните, Ме испрати да лекувам скрушени по срце, да им проповедам на заробените и на затворениците – отворање на темницата, да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог; да ги утешам сите оние што тагуваат, да им соопштам на оние што тагуваат на Сион дека ним место пепел ќе им се даде украс, место плачење – мирисно масло на радост, место опаднат дух – славна облека; и ќе ги наречат дабови на правда, градина на Господ за Негова слава…“ (Исаија. 61, 1-3).

 исполнување на пророштвото:

„Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано: Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на сиромашните. Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; да ја проповедам благопријатната година Господова! И кога ја затвори книгата и му ја даде на слугата, седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него. И почна да им говори: „Денес се исполни ова Писмо, што го чувте“ (Лука. 4, 16-21).

 663 години пред Христос – Дејствува пророкот Наум (Нахум);

640 години пред Христос – Дејствува пророк Софониј (Цефанја);

627 години пред Христос – Дејствува пророк Еремија (Јирмејаху – Јахве ќе подигне). Од 627 – 586 година пророкот ја пишува својата пророчка книга;

586 години пред Христос – Ерусалим и Храмот се уништени од страна на Вавилон на чело со Навуходоносор Втори;

580 години пред Христос – Пророкот Еремија ја пишува 2 книга Царства (Мелахим);

571 години пред Христос –  Пророкот Езекил (Јехезкел) ја пишува својата пророчка книга;

539 – 333 година пред Христос – Израел се наоѓа под Персиско владеење;

538 – 457 година пред Христос – Свештеникот Ездра ги пишува своите книги;

536 години пред Христос –  Се обновува Храмот во Ерусалим кој бил разрушен од Вавилонците;

533 години пред Христос – Пророкот Даниел ги запишува своите пророчки визии во својата книга;

Пророкот Даниил во јамата со лавови

516 години пред Христос – Пророкот Захарија ги завршува работите со обновата на Храмот во Ерусалим;

509 години пред Христос – Основање на Римската република;

483 – 471 години пред Христос – Мардокај ја пишува книгата за Естир;

470 – 399 година пред Христос – Живее и делува философот Сократ;

430 години пред Христос – Пророкот Малахија (Малахи) завршува со пишувањето на книгата Летописи (Дивре Хајамим);

428 – 348 година пред Христос – Живее и делува философот Платон;

336 години пред Христос – Живее и делува големиот војсководител Александар Македонски;

320 – 198 година пред Христос – Палестина е под владеење на Птоломеите, кои всушност се владетели на Египет;

104 – 103 година пред Христос – Аристовулус владее со Јудеја;

63 години пред Христос – Палестина е под владеење на Рим;

37 години пред Христос – Поставен од Рим, со Јудеја владее идумеецот Ирод , синот на Антипатер, него го наследува неговиот внук Ирод Агрипа кој владеел од 41 – 44 по Христос.

објаснување:

Во времето кога со Јудеја владее човек кој не е евреин по потекло, а таков бил идумеецот Ирод, синот на Антипатер, се исполнува пророштвото на патријархот и пророкот Јаков од него искажано скоро 2006 години пред доаѓањето на Месијата. Еве како гласи пророштвото:
„ Нема да се одземе жезелот од Јуда, ниту од бедрата негови, се дури не дојде Миротворецот, кому ќе му се покоруваат народите“. (Прва книга Мојсеева. 49, 10)
Преку ова пророштво разбираме дека за првпат евреите остануваат без владател од свој род. На тој начин се навестува доаѓањето на Миротворецот, Месијата, како владател кому ќе му се покоруваат народите, но не поради Неговата воена сила, туку поради силата на вистината, љубовта и спасението кое извира од Него.
 Со исполнување на ова пророштво, а и на останатите
 пророшта на старозаветните пророци за доаѓањето на Месијата, се исполни времето во овој од Бога отпаднат, а со злото инфициран свет –  човечката природа од пречистата девојка Марија (Богородица) да ја прими совечното Слово (Логос)  Божји, Единородниот Син на Севишниот наш Небесен Отец – нашиот Месија, нашиот Спасител и единствен Учител  Исус Христос.
Тој ја исполни смислата на старозаветното очекување и го започна новозаветното исполнување на Божјата промисла за спасението и ослободувањето на овој свет и целото човештво од сатанското ропство, злото, гревот, духовната и телесната смрт. 


Хронологија на настани и личности од периодот на Новиот Завет (до вториот Вселенски собор)


3 година пред Христа – Телесното раѓање на Јешуа (Исус) Месијата (Христос) во Витлеем;

објаснување:

Точната година за раѓањето на Месијата е тешко да се утврди поради користење на разни календари. Овде наведените години се според јулијанскиот календар, официјалниот календар на Римската империја. Според овој календар раѓањето на Исус Христос се случило три години пред она што се нарекува нулта година, односно, почеток на мерењето на времето по Христос. Грешката во одредувањето на нултата година, односно на годината кога е роден Месијата е направена во петиот век, кога всушност започнува употребата на јулијанскиот календар во денешна смисла на зборот. Оваа грешка ја прави монахот Дионосиј затоа што при формирањето на календарот испуштил еден од римските цареви.

 
26-27 години по Христос – Упокојување на праведниот Јосиф, сопругот и чуварот на пречистата девојка Марија од Црквата наречена Богородица затоа што таа, преку делувањето на Духот Свет, учествуваше во надумното вотеловување и телесното раѓање на Синот Божји кој стана Син Човечки, Бого-Човекот Исус, Емануел – со нас е Бог (Матеј. 1, 22)!

27 години по Христос – Се извршува крштевањето Христово во водите на реката Јордан од страна на пророкот Јован Крстителот. Според календарот на Римската империја Исус имал околу триесет години кога бил крстен во реката Јордан;

28 години по Христос – Пресекување на главата на светиот пророк Јован Крстителот;

30 години по Христос – Се извршува откупителното крсно страдање на Месијата, Неговото воскресение од мртвите и Неговото вознесението на небесата;

30 години по Христос – Мачеништво на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан;

30 години по Христос – Преобратување на свети апостол Павле на патот кон Дамаск;

Павле на патот кон Дамаск

30 години по Христос – Светиот Дух, третата личност од Триличносниот Бог, во вид на огнени јазици ги исполнува со својата сила апостолите на Месијата (Дела апостолски. 2, 1 – 47) Овој ден се празнува како роденеден на Црквата,  на Новозаветниот Народ Божји, затоа што од тој ден Црквата станува Бого – Човечки организам, Тело Христово, заедница која има Божјо водство, присуство и овластување;   

35 години по Христос – Името христијанин е за прв пат употребено во Антиохија;

37 години по Христос – Јосиф од Ариматеа патува во Британија и стигнува во Гластонбери, а апостолот Варнава е испратен од Ерусалим во Антиохија;

46-48 години по Христос – Прво мисионерско патување на апостол Павле со апостол Варнава;

50 години по Христос – Апостолскиот Собор во Ерусалим донесува правило во кое оние кои потекнуваат од паганските народи, а сакаат да станат христијани, да бидат ослободени од старозаветниот обреден закон, односно да не се обрезуваат, а само преку крштевањето да стануваат членови на Црквата (Дела апостолски. 15, 1 – 41);

49-52 години по Христос – Второ мисионерско патување на апостол Павле. При второто мисионерско патување ја посетил Македонија, тогашна римска провинција. Во Македонија ги формирал црковните заедници во Филипи (Дела апостолски. 16, 12), Солун и Бер;

50 години по Христос – Апостол Матеј го пишува своето Евангелие на арамејски;

52 години по Христос – Апостол Тома пристига во Керала, воведување на христијанството во Индија;

53 – 57 години по Христос – Трето мисионерско патување на апостол Павле.  При своето трето мисионерско патување тој по вторпат ги посетува местата од своето второ патување. Во рамките на истото тој ги посетува и црковните заедници во тогашна Македонија;

59 – 62 години по Христос – Четврто мисионерско патување на апостол Павле, пристигање во Рим;

62 години по Христос – Мачеништво на свети Јаков Праведен, првиот епископ на Ерусалим. Во Патра е распнат апостол Андреј, а  Аристовул е поставен за прв епископ на Британија;

64 – 68 години по Христос – Под императорот Нерон се случуваат првите десет големи прогонства на раната Црква;

66 години по Христос – Бегство на христијанската заедница од Ерусалим во Пела (палестинска) и други места во Декаполис и Антиохија;

67 години  по Христос – Мачеништво на апостол Петар и Павле во Рим, а Лин е поставен за прв епископ на градот Рим;

69 години  по Христос – Свети Игнатиј поставен за епископ на Антиохија;

70 години по Христос – Апостол Марко го пишува своето Евангелие.
Старозаветниот Храм во Ерусалим е разурнат од римјаните. Започнува прогон на христијаните од синагогите од страна на евреите. Со овој прогон дефинитивно Црквата, односно, Новозаветниот народ Божји се оделува од своето еврејско потекло и го започнува својот автентичен историски пат во овој свет. А од друга страна евреите што не го прифатија Исус како Месија се распрснати по целиот тогашен познат свет, односно го започнуваат својот историски пат одделени од својата родна земја, од Ерусалим и разрушениот Храм;

71 години по Христос – Апостол Марко го воведува христијанството во Египет, поточно во Александрија;

80 години по Христос – Апостол Лука го пишува своето Евангелие;

85 година по Христос – Напишани се Делата апостолски од апостол Лука, првата историска книга на Црквата;

90 години по Христос – Собор на евреите во Јамнија (Јавни, град во Палестина). На овој Собор се прави целосно оделување на јудејството и христијанството, а и се канонизираат светите книги на Стариот Завет. Во овој период апостол Јован го пишува своето Откровение, единствената пророчка книга во рамките на светите книги на Новиот Завет;

90-96 години по Христос – Прогон на христијаните под императорот Домицијан. Апостолот Јован го пишува своето Евангелие;

107 по Христос – Мачеништво на свети Игнатиј, епископот на Антиохија, во Рим;

108-124 по Христос – Прогон на христијаните под императорот Трајан, а истиот е продолжен од императорот Адриан;

120 години по Христос – Почеток на времето на апологетите, односно, на оние учители на Црквата кои вистината на христијанството ја бранеле од тогашните пагански мислители и противници. Во редот на апологетите спаѓаат светиот маченик Јустин Филозоф, Аристид, Татијан, Атинагора Атински, Теофил, Минук Феликс, Тертулијан и Кодрат;

124 години по Христос – Кодрат и Аристид ги презентираат христијанските апологии пред императорот Адријан во Атина;

128 години по Христос – направен е грчкиот превод на Стариот Завет на Аквила;

135 години по Христос – Почеток на славење на Рождество Христово – Божиќ како празник во Рим

136 години по Христос – Разбиена е еврејската побуна од страна на императорот Адријан. По ова следела забрана за сите Евреи да се вратат во Ерусалим, а името на Ерусалим е сменето во Елија Капитолина. Прва забележана употреба на титулата „папа“ од римскиот епископ Хигиниј;

144  години по Христос – Одлачување на еретикот Маркион Синопски од Црквата;

150 години по Христос – Јустин Философ ја опишува Литургијата на Црквата од тој период;

155 години по Христос – Мачеништво на свети Поликарп Смирнски;

156 години по Христос – Почеток на ереста на монтанизмот;

165 години по Христос – Мачеништво на свети Јустин Философ;

175 години по Христос – Тацијан ги спојува сите четири канонски евангелија во една нарација;

177-180 години по Христос – Прогон под императорот Марко Аврелиј (161 – 180);

180 години по Христос – Свети Иринеј, епископот на  Лион,  го пишува своето капитално дело „Против ересите“; 

180-192 години по Христос – Грчки превод на Стариот Завет од Теодотиј;

193-211 години по Христос – Грчки превод на Стариот Завет од Симах;

200 години по Христос – Мачеништво на свети Иринеј Лионски;

202 години по Христос – Императорот Септимиј Север издава едикт против христијанството и јудаизмот;

202-210 години по Христос – Прогон под императорот Септимиј Север (193 – 211)

206 години по Христос – Кралот Авгар IX ја преобратува Едеса во христијанство;

 210 години по Христос – Иполит Римски, епископ и свештеномаченик, последен римски отец кој зборувал грчки, ги пишува „Побивање на сите ереси“ (Философумена) и „Апостолско предание“;

215 години по Христос – Обратување на Тертулијан во монтанизам (вид на радикално христијанство) ;

225 години по Христос – Упокојување на Тертулијан;

 225-250 години по Христос – Пишување на Апостолската Дидаскалија (Дидахи);

227 години по Христос – Ориген го започнува толкувањето на книга Битие, а го завршува „За Првите Начела“ ;

238 години по Христос – Прогонство под Максимин VI; мачеништво на свети Иполит Римски;

 240 години по Христос – Ориген ја приготвува Хексапла, споредбени текстови од Светот Писмо на разни јазици;

244 години по Христос – Плотин основа Неоплатонска школа во Рим, како реакција на Црквата;

246 години по Христос – Павле од Теба во Египет станува првиот христијански пустиник;

248 години по Христос – Ориген го пишува своето апологетско дело „Против Целз“;

249-251 години по Христос – Прогон под императорот Декиј VII;

257 – 260 години по Христос – Прогон под императорот Валеријан VIII;

258 години по Христос – Мачеништво на свети Кипријан, епископот на  Картагина;

260 години по Христос – Еретикот Павле Самосатски започнува проповед против божественоста на Христос;

264 години по Христос – Изопштување на еретикот Павле Самосатски од Црквата;

274-275 години по Христос – Прогонство под императорот Аврелијан IX;

270 години по Христос – Упокојување на свети Григориј Чудотворец;

284 години по Христос – Диоклецијан станува Римски император, ја прогонува Црквата со околу милион маченици; мачеништво на светите Козма и Дамјан, Андреј Стратилат и 2593 војници со него;

285 години по Христос – Ава Антониј Велики се повлекува во египетската пустина;

301 години по Христос – Свети Григориј Просветител го преобраќа цар Трдат Први Ерменски во христијанство;

303 години по Христос – Почеток на големото прогонство (303 – 311); мачеништво на свети Георгиј Победоносец;

305 – 311 години по Христос – Лактанциј ги пишува Божествените Установи;

310 години по Христос – Ерменија станува првата христијанска нација; прогон на христијаните под персискиот цар Шапур II;

311 години по Христос – Владетелот Галериј пропишува едикт на толеранција, завршувајќи го прогонот на христијаните во неговите делови на Римската империја;

312 години по Христос – Преку визија се случува цезарот Константин да се отвори за христијанската вера. Тој го поразува Максценциј во битката кај Мувлискиот мост  со што станува владател и на западниот дел од Римската империја;

313 години по Христос – Издаден е Миланскиот едикт од страна на Константин Велики и совладетелот Ликиниј. Со овој едикт се прогласува верска слобода со што христијанството е прифатено како легално вероисповедување во Римската империја;

314 години по Христос – Анкирскиот Собор;

315 години по Христос – Неокесариски Собор;

318 години по Христос – Делото „За воплотувањето“ на свети Атанасиј Велики е објавено. Започнува ереста на Ариј во Александрија;

318 години по Христос – Свети Пахомиј Велики основа подвижничка заедница во Тиваидската пустина, започнувајќи го на тој начин манастирското општежитие;

320 години по Христос – Одлачување на еретикот Ариј од Црквата од страна на епископот Александар Александриски.  Мачеништво на четириесетте маченици во Севастија;

320-21 години по Христос – Ликиниј ги засилува мерките против христијаните на источниот дел од империјата;

323 по години Христос – Константин Велики гради базилика на местото на мачеништвото на апостол Петар во Рим;

324 по Христос – Константин Велики го поразува Ликиниј и станува единствен владател на Римската империја;

325 по Христос  –  Одржан е првиот Вселенски собор во Никеја. Целта на Соборот е да се затворат многу отворени прашања од животот на Црквата, но и да се разобличи ереста на ариенизмот;

381 по Христос – Одржан е вториот Вселенски собор во Константинопол. На овој Собор е оформен Символот на Верата на Едната, Света, Соборна (Католична) и Апостолска Црква;


1. Верувам  во едниот Бог, Отец, Седржител,

Творец на небото и на земјата и на се’ видливо и невидливо;

2. И во едниот Господ Исус Христос, Син Божји, Еднороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови, Светлина од Светлина, вистински Бог од Бога вистински, роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого се’ станало,

Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небото и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек;

И беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат и страдаше и беше погребан;

И воскресна во третиот ден според Писмото;

И се вознесе на небо и седи оддесно на Отецот;

И пак ќе дојде со слава да им суди на живите и на мртвите

и Неговото Царство не ќе има крај;

3. И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој излегува од Отецот, на Кого се поклонуваме и го славиме заедно со Отецот и Синот и Кој говорел преку пророците;

4. Во една, света, соборна/ католична и апостолска Црква;

5. Исповедувам едно крштение за простување на гревовите;

6. Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век! Амин !