Што светите книги на Стариот и Новиот Завет ни сведочат за откупителната и сеослободувачка крсна жртва на Месијата?

Пишува: Протопрезвитер Ивица Тодоров

„А кога – на крстот – Исус вкуси оцет, рече: Се сврши!“ ( Јован. 19, 30)

Ова се последните зборови на Месијата, на нашиот Спасител,  искажани на крстот. Кое е нивното значење за нас, за целото човештво? Со нив Тој потврди дека на крстот, односно, преку Неговата откупителна помирителна љубовна жртва се изврши разобличувањето и победата над злото и злоизворникот – сатаната и откупувањето, спасението и ослободувањето на целото човештво, од Адам и Ева до последниот роден од мајка, од ропството на:

1. злото,  гревот, вината,  ѓаволот (отпаднатиот херувим – сатана),

2. од духовната и телесната смрт,

3. од себенепознавањето и од Богонепознавањето,

4. од живот во отпадништво од Творецот и од Неговото Царство (од совршената состојба на постоење промислена, создадена и благословена од нашиот Творец).

За оваа вистина, св. апостол Петар, ни сведочи со следните зборови:

“… Христос (Месијата), за да нè приведе кон Бога, еднаш пострада за гревовите наши, праведник за неправедните… (1. Петар. 3, 18 )”.

А, св. апостол Павле, во своето послание до Црквата во Ефес пишува:

„… зашто по милост (благодат) сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – божји дар е… (Ефес. 2, 8)

Како што апостолите, и останатите свети ученици на Месијата, ја сведочеа оваа вистина низ вековите, така, пророците од периодот на Стариот Завет ја навестуваа оваа вистина пред доаѓањето на Месијата. Ева како за тоа навестувал пророкот Исаија/Јешаајаху (од 740 до 680 пред Христос):

„Кој поверува на тоа, што го чул  од нас и кому му се откри силата Господова?  Зашто изникна Тој пред него како младо дрвце и како стебленце од сува земја; нема во Него ни убавина, ниту величие; ние Го видовме, и во Него немаше изглед, што ќе не привлекува кон Него. Тој беше презрен и отфрлен меѓу луѓето, човек на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Тој беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме. Но Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Тој беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.“ (Исаија. 53. 1 – 12)

Пророкот  Михеј/Мика (742 пред Христос) на овој начин ќе го посведочи потеклото на Месијата:

„И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста.“ (Михеј. 5, 2)

 А самиот Месија за сета оваа вистина посведочи со следните зборови:  

„Никој не се искачил на небото, освен Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото.  И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки,  та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен.
Зашто Бог (нашиот Небесен Отец) толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син (неговото совечно Слово/Логос/Син единороден), та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот
Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.
Kој верува во Него, нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Син Божји.
А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли.
Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела бидејќи се лукави.
А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.  (Јован. 3, 13 – 21)

Нашиот Спасител, Господ и единствен Учител Исус Христос, Синот Божји (како совечен Син/ Слово/ Логос на Вечниот Отец Небесен) и Син Човечки (како очекуван Месија од старозаветниот еврејски народ – кој својата човечка природа ја прими преку пресветата девојка Марија) со својата откупителна, помирителна љубовна Жртва на крстот и со своето воскресение (победа на смртта) ја премости бездната што се отвори помеѓу Творецот и човештвото откако човештвото, преку Адам и Ева, се зарази со злото, кое веднаш предизвика:

1. грев – промашување на целта на постоењето, односно, напуштање на постоењето промислено  благословено од нашиот Творец,

2. а животното промашување предизвика смрт духовна и телесна,

3. а сите овие последици ропство под лагата на сатаната.

Ова бездна, помеѓу Творецот и човештвото, премостена со крстот Христов,  денес може секој да ја помине! За тоа да се направи, од страна на минувачот, потребни се следните нешта:

1. Вера и внатрешно осведочување дека Исус е Месија, Спасител и Учител на целото човештво. Дека Тој е Патот, Вистината и Животот (Јован. 14. 6)! Ова внатрешно осведочување се стекнува преку наше искрено трагање по Вистината, односно, преку размислување,  читање на Светото Писмо/ Библијата, преку поуки и водство од искрени сведоци на Вистината, преку молитва, духовно (личносно) зреење, а особено преку призив Божји и наше покајание (преумување/ промена на животот и животните вредности) како плод од прифаќањето на призивот Божји.
Самиот Месија за оваа мистична покана од Небесниот Отец ни го вели следното: „Никој не може да дојде кај Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. (Јован. 6, 44)“

2. Откако ќе го стекнеме внатрешното осведочување, како дар Божји и преку слободен љубовен избор, подвиг и покајание, треба да бидеме крстени, потопени трикратно во вода во има на Отецот и Синот и Светиот Дух од страна на епископите и презвитерите на Црквата.

Со крштевањето и миропомазанието (дарот на силата на Светиот Дух) учествуваме во плодовите/ победата остварена за нас преку Жртвата Христова. Како последица од тоа наше учество примаме како дар прошка на нашите гревови, ја примаме силата на Светиот Дух и стануваме членови на Црквата, односно, го започнуваме оној начин на живеење кој не подготвува за вечноста во Царството Божјо.

Оние кои се крстени како деца и не живееле активен спасоносен живот во Црквата – своето зачекорување по Патот на спасението треба да го направат преку Св. Тајна Исповед/ Покајание во која ќе ги актуелизираат своите завети дадени пред Творецот во крштевањето и ќе ги исповедат/признаат пред Бога сите гревови кои ги направиле по своето крштевање до денот на својата исповед. (Матеј. 28, 19 – 20)

3. Откако ќе се крстиме и ќе ја примиме како дар силата (благодатта) на Духот Свет, понатаму,  преку нашиот живот во Црквата – разбрана како заедница на ученици на Месијата, односно, преку:

а. причестувањето со Телото и Крвта Христови на Литургијата (учество на Господовата Трпеза, потврдување на нашето заедништво со Месијата и отварање за Негово делување во нашиот живот – Јован. 6, 44 – 57),

б. преку молитвата, постот, духовното раководство од искусен духовен раководител (вообичаено тоа се свештенослужителите и пастирите на Црквата – епископ, презвитер), преку читењето на Светото Писмо, исполнувањето на заповедите Христови, духовното/ личносното зреење, очистување од видливите и невидливите пороци, страсти и гревови и  извршувањето на вољата Божја во служба на сведочење на Царството Божјо и спасение на луѓето и светот – ние се подготвуваме за вечниот живот во Царството Божјо, односно, се подготвуваме да се вратиме таму каде што припаѓаме – каде што е нашиот вистински ДОМ. ( Матеј. 7, 24 – 29)

На горенаведениот начин ја преминуваме бездната, се ослободуваме од ропството на злото, гревот, смртта, сатаната, неизвесноста и повторно во себе ја возвраќаме онаа состојба на постоење од која отпаднавме, а за која сме создадени од нашиот Творец.