Ромфеа: Врховната Рада ќе донесе закон за забрана на Украинската православна црква

Врховната Рада (Парламентот на Украина) при првото читање, на 19 октомври 2023 година, го усвои нацрт-законот бр. 8371 за забрана на верски заедници „поврзани“ со верски центри лоцирани во Русија.

Концептот на „поврзаност“ беше крајно нејасен во законот, но изготвувачите на нацрт-законот претходно постојано изјавуваа дека нацрт-законот има за цел да ја забрани Украинската православна црква под Митрополитот Киевски и на цела Украина г. Онуфриј и да ги растури нејзините заедници.

На 5 март 2024 година, Комитетот на Врховната Рада за прашања поврзани со хуманитарната и информациската политика предложи повеќе амандмани на нацрт-законот и го препорача за усвојување во второ читање.

Текстот на изменетиот предлог-закон е сокриен и, и покрај утврдената процедура, до денес не е објавен на веб-страницата на Парламентот на Украина.

Сепак, тој им беше достапен на украинските новинари, беше проучен и делумно објавен.

За Предлог-законот се тврди дека е нов закон, кој содржи нови и поекстремни одредби за забрана на Украинската православна црква, иако од правен аспект има послаба форма.

Спомнатиот предлог-закон целосно ќе го забрани функционирањето на Руската православна црква на територијата на Украина и, истовремено, организациите „поврзани“ со неа.

„Поврзаноста“ на Украинската православна црква ќе се утврдува врз основа на нејасно вештачење без да постојат точни критериуми, што веднаш, на седницата на Комисијата, го констатираа некои нејзини членови.

Сите верски организации на Украинската православна црква ќе бидат забранети истовремено, по изготвен список врз основа на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, вклучително канцелариите на митрополиите, манастирите, парохиите, богословските училишта и добротворните организации.

Според информациите на медиумите, на сличен начин во 2022 година, споменатиот Совет за безбедност, без судење и распит, кршејќи го Уставот, им го одзеде државјанството и правото на користење на имотот на некои архијереи од клирот на Украинската православна црква.

Заедно со забраната, законот предвидува раскинување на сите договори за закуп потпишани од заедниците на Украинската православна црква со „локалните субјекти на Украина“, односно со која било државна структура, трговски организации или приватни лица.

Ова значи не само затворање на стотици историски цркви и манастири низ територијата на Украина, туку и на стотици добротворни институции на Украинската православна црква, вклучително засолништа и ноќевалишта, како и де факто забрана за одржување свети богослужби на приватен имот и изнајмување станови или куќи во кои би се извршувале служби.

Одговорност ќе сносат сопствениците на станови и куќи кои ќе ѝ ги отстапат своите простории за богослужби на Украинската православна црква.

На верските организации на Украинската православна црква (парохии и манастири) ќе им биде даден рок од 90 дена „да се усогласат со овој закон“, односно според појаснувањето на пратеникот Микола Књазицки, еден од изготвувачите на законот, да се приклучат кон Православната црква на Украина.

По истекот на рокот од 90 дена од влегувањето во сила на овој закон, Државната агенција за национална политика и слобода на вероисповед ќе поднесе тужба до судот за конечно распуштање на сите верски организации кои одбиле да ги спроведат барањата на законот. По судското распуштање, имотот на заедниците на Украинската православна црква ќе биде конфискуван во корист на државата.

Според информациите од украинските медиуми, изгласувањето на законот ќе се случи на второто, или на третото читање на 20 март, и законот ќе биде одобрен во најблиска иднина.

Конечно, според проценката на државата од 2022 година, бројот на регистрирани заедници на Украинската православна црква на територијата контролирана од Украина изнесува најмалку 8500.

Освен овие, останува извесен број заедници, кои ги загубија храмовите и регистрацијата, но продолжуваат да водат литургиски живот.

Кумулативниот процес на распуштањето може да доведе до неповратни социјални последици.

Извор: https://www.romfea.gr/ekklisies-ts/ekklisia-tis-oukranias/62114-oukrania-i-vouli-tha-yiothetisei-nomo-gia-tin-apagorefsi-tis-oukranikis-ekklisias